Од некоја необјаснива причина, Fairy Tail никако да успее да се пробие во нашите краеви. Додека другите манги и аниме палат и жарат на сите страни, Fairy Tail со децении набљудува од позадина, надевајќи се на експлозивен пробив во индустријата. Fairy Tail 2 е сѐ што беше првата игра. И многу повеќе од тоа! Преку нудење серија од препознатливи и впечатливи ликови, долга и квалитетна приказна, како и комплексен борбен систем, чедото на KOEI TECMO е еден чекор поблиску до светска слава!


Fairy Tail историја
Fairy Tail е јапонски манга серијал од критички-признаениот Хиро Машима. Преку пишување и илустрирање, Хиро активно работи на овој серијал од 2006 до 2017 година.Серијалот успева да привлече солидна доза фанови, првин со мангата, а потоа со аниме сериите. Аниме серијалот активно се прикажува од 2009 до 2019 година.
Надвор од манга и аниме, би можеле да помислите дека само една игра има излезено пред Fairy Tail 2, но ситуацијата не би можела да е поразлична. Имено, 3 игри има излезено за PlayStation Portable, а две боречки игри за Nintendo DS. Првата Fairy Tail беше прилагодена за сите платформи, освен Xbox, и излезе во 2019-та година.
Исполнително истражување
Светот во Fairy Tail 2 е огромен и детално дизајниран. Уште на самиот почеток ќе забележите дека развојното студио не штедело време, енергија и знаење да понуди места кои преколнуваат да бидат истражени. На ситe страни се кријат непријатели, ресурси или ковчези полни со корисни работи, како lacrima, принудувајќи ве да го истражите секој агол од мапата.

Светот, меѓутоа, не мора да го истражувате само со еден лик. Преку претискање на едно копче, во кој било момент можете да го смените ликот. За жал, ова има само визуелна предност, оставајќи не да посакуваме да имаше некој систем каде секој лик би можел на некој уникатен начин да стапува во интеракција со светот.
На почетокот, музиката е со разиграни ноти и нсе потсетува на средновековна музика која е замислена да ги размрда посетителите на селските панаѓури. Како напредувате и се поставувате во различни ситуации, така се менува и самата музика, откривајќи впечатлива и препознатлива рок/оркестрална длабочина која е својствена за одредена локација или ситуации. Мапата одлично ги регистрира вашите движења и околината, а во моментот кога ќе се чувствувате изгубено, лесно ќе можете да се ориентирате преку активирање на златна прашина која ве води до целта.
Она што сакаме да кажеме е дека сѐ во Fairy Tail е направено за да се намалат фрустрациите и да се понудат лесно достапни можности за истражување, интеракција и битки. Пријатно бевме изненадени и од честите разговори помеѓу ликовите, особено додека истражувате и наидувате на одредени работи, или пак кога ќе решите да одморите покрај огин.

Иако имате многу членови, во секое дадено време можете да скокате низ три члена, додека сите останати се во мирување. Во моментот кога ќе започнат битките, ќе започнете со серија од напади и вештини кои се реализираат преку уникатен хибриден систем за запазување редови. Откако ќе ја исцедите скалата на издржливоста кај одреден непријател, вашите други сопатници ќе можат да изведат таканаречени link напади, или нешто што ние сакаме да го нарекуваме – визуелен спектакл од епски пропорции. Што повеќе користите способности и линк напади, тоа повисок ќе биде вашиот Fairy ранк. Овој ранк ви дозволува да можете почесто и полесно да користите вештини.

Се работи за комплексен систем кој бара од играчот одредено прилагодување. Но, еднаш штом ги разберете клучните механики, имате на располагање бројни можности за импресивни комбинации кои се различни во зависност од ликовите со кои играте. Секоја битка ве наградува со посебна валута која подоцна влијае на начинот на кој се оформуваат ликовите. Имено, различни способности се отклучуваат во зависност од сржтта во која сакате да инвестирате.
Покрај ова, секој од ликовите може да користи различни елементи. На сличен начин, некои од непријателите се ранливи на едни елементи, а издржливи на други, со што битките добиваат дополнителна стратешка вредност. Fairy Tail 2 е лесна онолку колку што вие сакате да биде. Ако повеќе сакате да се фокусирате на приказна и истражување, тогаш лесно ќе се провлечете низ бројните битки. Но, ако сакате предизвик, повисоката тежина ќе се погрижи да не видите бел ден со одредени босови.




По одредено дружење со играта, навистина не знаевме од што да бидеме повеќе импресионирани: дали од приказната и глумата или пак од битките и динамичната музика?
Причината поради која играта е прифатена со измешани реакции е првенствено поврзана токму со борбениот систем. Голем број од фановите признаваат дека двојката е значително подобрување од единицата… во сите аспекти освен во делот со битките, никако не сакајќи да го прифатат новиот хибриден начин кој скока помеѓу turn-based и real-time механики. Ова не беше случајот за нас; првата игра никогаш не ја ни игравме, а втората апсолутно ја обожававме. Она што највеќе ни се допаѓа е начинот на кој играта ги третира почетниците, односно оние кои по првпат навлегуваат во овој универзум.

Иако се работи за детална и долга самостојна приказна, Fairy Tail 2 се одликува со комплексна база од податоци преку која можете да впивате дополнителни податоци поврзани со сите членови од Fairy Tail. Од тука, можете да читате и најразлични податоци за историјата на светот, најразличната терминологија која се употребува, предметите кои се користат или непријателите со кои се соочувате. Како штотуку-печени фанови на овој серијал, со задоволство читавме за богатата историја на овој свет. Датабазата е ризница од корисно знаење кое нема да ве остави рамнодушни, особено доколку сте долгогодишен фан на овој серијал.
Авторот на овој текст е огромен фан на RPG игри, но не преголем ентузијаст на јапонските RPG наслови. Fairy Tail 2 се чини како редок исклучок на оваа правило, принудувајќи не константно да се навраќаме на играта, со задоволство да го истражуваме светот, да се давиме во внимателно-осмислените разговори, или пак да пробуваме различни тактики или комбинации со бројните ликови.
Особено сме благодарни на нашите пријатели од CD Media што ни дозволија да ја искусиме оваа игра на PS5 и што, со малку среќа, веќе успејавме да ве заинтригираме и да ве насочиме кон размислување дали да ја проверите најновата игра на KOEI TECMO. Дури и да не сте фанови на јапонски RPG игри кои се директно инспирирани од манги, дури и никогаш да не сте слушнале за Fairy Tail, двојката е одлична отскоча штица која ќе ве пречека со раширени раце и дружељубиво ќе ве води низ целата авантура, која знае да биде со должина од 50 часа.
Повеќе детали за играта
- Произведува: KOEI TECMO GAMES CO., LTD.
- Издава: KOEI TECMO GAMES CO., LTD.
- Жанр: RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 12 декември 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 9
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 10







