Што е Brainster Next College и што да очекувате – одговараат Петар Ниновски и Александар Клашниновски [интервју]

Последните неколку месеци во медиумите беше најавено отворањето на новата високообразовна институција Браинстер Некст (Brainster Next), која е еден вид на спин-оф од понудата на Браинстер – приватен едукативен центар кој спроведува едукациски програми генерално од областа на ИТ, но и маркетинг и дизајн и кој веќе 6 години е присутен на пазарот.

Најавите за Браинстер Некст се доста мотивирачки и ентузијастички, со ветување дека ќе ги промени стандардите за високото образование и дека ќе се насочи токму на едуцирање на кадар каков што во моментов недостига на ИТ пазарот. Клучниот фактор кој од старт ги дели од конкуренцијата, е тоа што нудат финансики модел на еден вид одложено, бескаматно плаќање. Но, поради тој модел задолжителна е проверката на компетенциите и способноста на студентите пред нивно запишување во форма на тестирање – кое започнува од денеска, 26-ти април и трае сè до 24-ти мај.

Во ПР текстовите што ги добивме ни недостасуваа повеќе информации и појаснувања и наместо да ги објавиме маркетинг материјалите за проектот, решивме да им упатиме директно прашања на Петар Ниновски, основач на Браинстер и Браинстер Некст, како и Александар Клашниновски, директорот на новиот колеџ и да им дадеме можност да ни појаснат подобро за тоа што може идните студенти, но и ИТ индустријата, да очекува од овој проект.

Што всушност е Brainster Next колеџ и како се разликува од досегашните академии спроведени од Бреинстер, Семос, Сивус ЕДЦ?

Бреинстер Некст колеџот е акредитирана високообразовна институција во која се спроведуваат прв циклус студии и воедно прв применет ИТ колеџ во нашата држава. Како дел од формалниот високообразовен систем, колеџот нуди 3 годишни додипломски студии со 180 ЕКТС (европски кредит трансфер систем) кредити во областа на информатичките и дигиталните технологии. Со тоа, по завршувањето на студиската програма, студентот се стекнува со диплома и соодветно академско звање – Дипломиран инженер (во назначена област). Примарната разлика помеѓу академиите и Бреинстер Некст колеџот е во тоа што станува збор за два различни типа на образование – академиите припаѓаат во неформалната, односно професионалната едукација, додека колеџот припаѓа во формалното високо образование. 

Целта на академиите на Бреинстер е да понудат преквалификација на оние кои се не пронаоѓаат во својата моментална професија или пак сакаат да се дообразуваат и остручат во одредена област која е од интерес за нивната понатамошна кариера и личен развој. Со тоа, академиите се оние кои надополнуваат онаму каде што можеби формалниот систем потфрлил, односно онаму каде што се појавил јаз помеѓу образованието стекнато во рамки на формалниот систем и реалната потреба за вештини и знаења кои се бараат на пазарот на труд. Притоа, во текот на 6-те години на постоењето на Бреинстер како лидер во професионалната едукација кој нуди ваков тип на академии, овозможена им е кариерна трансформација или надоградба на над 10 000 алумни. Она со што постојано се среќававме во текот на годините се  млади лица кои се наоѓаат токму во гореспомнатата категорија и се на некој начин незадоволни од изборот за високо образование. Така всушност и заклучивме дека станува збор за системски проблем кој преку Бреинстер Некст колеџот целиме да го надминеме. 

Со тоа, Бреинстер Некст колеџот е пред сè наменет за средношколците кои се наоѓаат непосредно пред одлуката за избор на нивните идни студии и кариерен пат, како и младите кои досега не посегнале по високото образование или пак се незадоволни од моменталната понуда и состојба на овој систем. Целта на колеџот е да се надмине оној јаз кој е настанат помеѓу реалната потреба за вештини на пазарот за труд и моментална понуда на студиски програми во рамки на високообразовниот систем, преку нудење на студиски програми и курикулум кој е во тек со глобалните трендови и креиран во соработка со ИТ индустријата. 

Петар Ниновски, основач на Браинстер

Што подразбирате под прв применет ИТ колеџ во Македонија?

Концептот на применетите ИТ колеџи ги бележи своите корени во Германија – каде што за прв пат се појавува терминот Fachhochschule односно College/School of Applied Sciences во рамки на образовниот систем, кој набрзо станува општоприфатен низ цела Европа, но и светот. Историски гледано, применетите колеџи се најраспространети во Западна Европа, во земји како што се Германија, Австрија и Холандија, но многу од нив земаат голем замав и во Соединетите Американски Држави. Дури и еден од најпознатите и најреномираните технички универзитети во светот – MIT (Massachusetts Institute of Technology) ги бележи своите почетоци применувајќи го токму овој модел на применето високо образование. 

Поконретно, станува збор за високообразовни институции кои се специфично насочени кон изучување на професионални вештини и практична апликација на стекнатото знаење, но се еквивалентни во степенот на формално образование со останатите факултети. Може да ги сретнете според својата форма како вокациони, стручни, политехнички или пак применети школи, колеџи, факултети и универзитети. 

Она што ги прави поинакви од останатите високообразовни институции е самиот факт дека се обично конкретно насочени кон науки во областа на технологијата со фокус на практичната примена на стекнатите знаења во апликативни решенија. Воедно, тие се во многу тесна и длабока поврзаност со компании од секторот во кој нудат студии, кои не само што обезбедуваат пракса за студентите, туку се директни учесници во самата креација на наставните програми, развојот на курикулумот и проектите на кои работат студентите во рамки на своите студии. Токму ваков тип на применет ИТ колеџ е и Бреинстер Некст. Нашите студиски програми се креирани врз основа на овие гореспоменати принципи и преку нашиот Индустриски Борд и блиската соработка со партнерските компании, можеме да понудиме студии кои со својата апликативна примена соодветствуваат на она што е навистина потребно во индустријата од аспект на вештини и знаења, правејќи нашите студенти вработливи уште пред самото дипломирање. 

Александар Клашниновски, директор на Бреинстер Некст колеџ

Дали може Brainster Next да се смета за еквивалент на факултет како ФИНКИ на пример? Дали дипломата добиена од Brainster Next е доволна за исполнување на условот за високо образование и дали е акредитирана и за во странство?

Од аспект на степенот на образование (акредитирани додипломски студии) како и научната област, секако дека станува збор за еквивалентна институција бидејки на крајот на денот, она со кое што се стекнува студентот е диплома за завршен прв циклус студии односно академски статус дипломиран (или Bachelor). Со самата акредитација од страна на Министерството за образование и наука, ова би значело дека и нашите студенти би биле на исто академско ниво како и сите останати кои имаат завршено на сроден или сличен факултет. 

Во однос на признавањето на високообразовната квалификација (односно диплома) во странство, нашата програмата е креирана во согласност со Болоњската декларација и го применува ЕКТС системот кој што овозможува еквиваленција и признавање на студиите во земјите кои што го применуваат овој систем а и пошироко, бидејки станува збор за признат меѓународен систем на класификација и еквиваленција на стекнатото знаење при студиите. 

Со тоа, секако треба да се напомене дека признавањето на дипломата во странство не само од нашиот колеџ, туку од сите високообразовни институции во Македонија, е скоро секогаш подложна на еден процес на нострификација и верификација од страна на странската држава или институцијата во која сакаат да ги продолжат своите студии. 

Кога може да очекуваат идните студенти да започнат со студии? Од која академска година? А воедно и како е планирано да се одвиваат студиите – онлајн, хибридно или физички?

Студиите по Софтверско Инженерство и иновации, односно наставата на Бреинстер Некст колеџот започнува оваа есен, во месец октомври од академската 2022/2023 година. 

Поради природата на самиот курикулум кој е фокусиран на работа во ИТ лабoратории, одржување на вежби и практична настава во мали групи под менторство на професорите за да се овозможи индивидуален пристап на секој студент, студиите ќе се одвиваат со физичко присуство во просториите на колеџот во центарот на Скопје – соодветно опремен за ваков тип на настава. Секако, покрај тоа што студентите ќе имаат пристап до модерни алатки и технологии при учењето како и странска стручна литература, наставните материјали и помагала ќе им бидат достапни на онлајн платформа за учење односно дедициран LMS (learning management system) кој е креиран и развиен од страна на Бреинстер. 

Оваа платформа, не само што ќе послужи на студентите и наставниот кадар, таа воедно се користи и за евалуација и евиденција на задоволството на студентите од наставниот кадар, програмата како и придружните административни услуги на колеџот. Бидејки студентот е во нуклеусот на нашето постоење и целиме да му посветиме безрезервно внимание и индивидуална посветеност во текот на целиот процес на студирање, наша задача е да се погрижиме неговото целокупно искуство на колеџот да е позитивно и да се одвива непречено и глатко, за да може да се посвети на она што е најважно – а тоа е учењето. 

Што точно подразбира инвестицијата од 2.5 милиони евра која се споменуваше во ПР текстовите? Дали се работи за инвестиција преку калкулирани оперативни трошоци или директно вложени средства? И од каде се обезбедени средствата?

Проектот „Join Generation Next – Студирај сега, плаќај по вработување!“ e прв од овој тип во нашата држава, а можеби пак и пошироко во регионот. 

Главниот мотив зад оваа инвестиција на Бреинстер Некст колеџот и отпочнувањето на овој проект е да помогне во оттргнување на примарната грижа на студентите и нивните родители при одлуката за избор на студии – а тоа се финансиите. Овој фактор при изборот на институцијата и областа на студирање е оној кој најчесто ги одвлекува студентите од посегнување по квалитетните и напредните програми. Преку уникатниот модел „Студирај сега, плаќај по вработување!“ Бреинстер Некст колеџот ја дава можноста и сигурноста овој фактор повеќе да не претставува проблем.

Во однос на самата инвестиција, станува збор за директно вложени сопствени средства обезбедени од страна на Браинстер – како основач на Бреинстер Некст колеџот, со цел да се покријат оперативните трошоци како и да се обезбеди ликвидност на институцијата, којашто инаку би ја обезбедиле школарините на студентите. Со тоа, ние се откажуваме од приходите во текот на траењето на студиите, со цел истите да бидат вратени на рати, но безкаматно, дури по вработувањето и дипломирањето на нашите студенти. 

Гледајки го ова од поинаков агол – ова е инвестиција во квалитетот на нашата програма и во квалитетот на нашите студенти како кадар кој ќе произлезе како резултат на самите студии. Поради тоа, процесот за аплицирање за овој модел за финансирање на студиите, вклучува квалификационен тест за компетенции, кој што започнува да се спроведува од 26-ти април 2022 на онлајн платформа кој ќе биде отворен за сите заинтересирани во рок од 30 дена. До истата може да се пристапи тука од назначениот датум. 

По објавата на резултатите од тестирањето, следи процес на селекција и интервјуирање на кандидатите, од кои најдобрите ќе ја имаат можноста да се запишат на Бреинстер Некст колеџот и да ја искористат можноста за моделот „Студирај сега, плаќај по вработување“

Кажете ни нешто повеќе за наставниот кадар… кој ќе ја спроведува програмата?

Наставниот кадар којшто ќе ја спроведува програмата е сочинет од професори кои се реномирани експерти во ИТ индустријата, не само во нашата држава туку и во странство, и имаат реално и практично искуство покрај академската титула која ја поседуваат. Во оваа насока, професорите кои се дел од редовниот наставен кадар се грижат не само за пренесување на зададената материја во рамки на еден предмет или пак дел од програмата, туку се грижат и за пренесување на нивните стручни знаења и меки вештини стекнати во текот на нивното долгогодишно искуство како професионалци во областа на ИТ секторот.  

Од голема важност е да се посочи дека покрај нивното професионално портфолио и академски достигнувања, нашите професори се воедно и исклучителни предавачи, коишто индивидуално ќе се посветуваат на менторирање на секој од студентите при изведбата на практичната настава и работата на реалните проекти. Покрај редовните професори, и со цел да се даде дополнителна интернационална димензија на наставата, ќе бидат вклучени и гости предавачи во рамки на одредени предмети од глобални ИТ гиганти како што се Google, Facebook, Apple и многу други, како и претприемачи и иноватори од областа на дигиталните индустрии.  

Засега има две програми за Софтверско инженерство и за Примена на ИТ – дигитален маркетинг и медиуми? Дали може да се очекуваат повеќе во иднина?

Како што напоменавме, оваа академска година започнува да се нуди програмата за Софтверско Инженерство и Иновации, додека пак од наредната 2023/2024та, програмата Примена на ИТ – дигитален маркетинг и медиуми. 

Со тоа, може да се забележи дека академските програми кои ги нудиме се токму во областа на дигиталните индустрии, и се креирани според реалните потреби за кадар на пазарот на труд – односно онаму каде што има недостаток на квалификуван кадар, или пак има забрзан растечки тренд во побарувачката на ваквиот тип на професионални профили. 

Според анализа на МАСИТ, дури 75% од ИКТ компаниите често имаат проблем со наоѓање квалификувана работна сила, а токму овој предизвик се вбројува меѓу главните во работењето, што претставува и бариера за извоз на услуги и производи. Истовремено, ИКТ индустријата континуирано расте, и недостатокот на СТЕМ кадри според проекциите е да достигне 5142 работници до 2025-тата година.Воедно, овие професии не само што се едни од најбараните, тие се едни од најдобро платените на локално но и глобално ниво секако. Според последните податоци од Завод за статистика, просечната плата во ИТ секторот бележи пораст од дури 126,6% во последните 10 години (од 34,278 денари во април 2012 до 77,698 денари во јануари 2022), додека пак во маркетинг секторот, се бележи пораст од 35,3% (од 30,118 денари во април 2012 до 40,761 денар во јануари 2022). Земајќи го сето ова предвид, секако ќе може да се очекуваат повеќе програми во наредните години, кои внимателно ги креираме и конципираме во соработка со нашиот Индустриски борд и партнерските компании, кои се базирани на вистински податоци и ги рефлектираат трендовите во ИТ индустријата како и вистинската потреба за специфични кадри од оваа област. 

Кои се вашите очекувања од колеџот на краток и долг рок?

Кога станува збор за Бреинстер Некст колеџот, можеби станува збор за нова институција, но всушност не сме нови на сферата на образованието. Преку 6 годишното искуство на Бреинстер како основач на колеџот, ние ги имаме сите потребни алатки и најдобри применети практики, за да го направиме колеџот успешен и квалитетен. 

На краток рок, може да се каже дека очекуваме квалитет наспроти квантитет. Затоа, не нудиме плејада на академски програми, туку сме насочени во конкретни и спрецифични области за кои можеме да увериме дека ќе ги исполнат сите оние работи за кои се залагаме: 

– Квалитетно и достапно високо образование 

– Стручна и применета програма која е креирана според реалната потреба на пазарот за труд и трендовите во индустријата 

– Произведување на квалитетен кадар и професионалци кои се вработливи уште пред дипломирањето

Ние нудиме квалитет, но воедно и бараме квалитет и посветеност од нашите идни студенти. Токму поради тоа и нашите квоти за упис се мали –  вкупно 75 студенти за упис во програмата за Софтверско инженерство и иновации која започнува оваа година, и 50 студенти за програмата по Примена на ИТ – дигитален маркетинг и медиуми. 

На долг рок, секако дека во никој случај нема да го занемариме квалитетот на нашите програми, но покрај тоа, очекуваме раст и развој во секој аспект на нашето работење, заедно со целиот наш тим, нашиот наставен кадар и нашите студенти. Сакаме заедно со нив, да пораснеме во институција која ќе биде дом на сите идни иноватори, претприемачи и професионалци во нашиот регион и пошироко, како и место кое ќе постави нови стандарди за високото образование. 

Повеќе за Браинстер Некст колеџот може да пронајдете на нивниот официјален сајт.

Kоментари на статија (0)Што се дискутира на ИТ форум...

Нема одговори сè уште.

Loading new replies...

Последните неколку месеци во медиумите беше најавено отворањето на новата високообразовна институција Браинстер Некст (Brainster Next), која е еден вид на спин-оф од понудата на Браинстер – приватен едукативен центар кој спроведува едукациски програми генерално од областа на ИТ, но и маркетинг и дизајн и кој веќе 6 години е присутен на пазарот.

Најавите за Браинстер Некст се доста мотивирачки и ентузијастички, со ветување дека ќе ги промени стандардите за високото образование и дека ќе се насочи токму на едуцирање на кадар каков што во моментов недостига на ИТ пазарот. Клучниот фактор кој од старт ги дели од конкуренцијата, е тоа што нудат финансики модел на еден вид одложено, бескаматно плаќање. Но, поради тој модел задолжителна е проверката на компетенциите и способноста на студентите пред нивно запишување во форма на тестирање – кое започнува од денеска, 26-ти април и трае сè до 24-ти мај.

Во ПР текстовите што ги добивме ни недостасуваа повеќе информации и појаснувања и наместо да ги објавиме маркетинг материјалите за проектот, решивме да им упатиме директно прашања на Петар Ниновски, основач на Браинстер и Браинстер Некст, како и Александар Клашниновски, директорот на новиот колеџ и да им дадеме можност да ни појаснат подобро за тоа што може идните студенти, но и ИТ индустријата, да очекува од овој проект.

Прочитај повеќе @ Што е Brainster Next College и што да очекувате - одговараат Петар Ниновски и Александар Клашниновски [интервју] ⋆ IT.mk

одговори Лајк

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments