Европскиот ветро-енергетски сектор цел на сајбер напади

во ИТ.ЕУ

Три германски компании кои се дел од енергетскиот сектор биле цел на сајбер напади по руската инвазија на Украина. Компаниите произведуваат електрична енергија од ветер или имаат некаква поврзаност со овие системи. Нападите доаѓаат од засега неидентификувани групи, и досега нема цврсти докази дека нападите се поврзана со Русија. Сепак времето во кое започнаа нападите соодветствува со почетокот на руската инвазија, вели Кристоф Зипф, портпаролот на WindEurope.

Жртви на сајбер напад се Deutsche Windtechnik AG, Nordex SE и Enercon GmbH. Deutsche Windtechnik AG е компанија која специјализира во одржување на турбините. Нејзините инженери управуваат со работа на над 2000 ветро-генератори. По нападот овие ветро-генератори не работеа еден ден, пренесе Wall Street Journal.

Производителот на турбини Enercon GmbH беше колатерална жртва на напад врз сателитска компанија во февруари. Enercon не беше цел на нападот, но над 5800 ветро-генератори останаа без управување на далечина, и останаа да работат во автоматски мод на работа. Nordex SE, компанија која произведува ветро-генератори, на 31 март ги исклучи своите ИТ системи.  Во овој случај напаѓачот е познат. Групата „Conti“, која вообичаено ги „заклучува“ системите и бара откуп, презема одговорност за нападот. Ова е и единствениот напад кој има некаква потврда со поддршка за Русија. Групата „Conti“ претходно се произнесе дека ги поддржуваат властите во Москва.

По руската инвазија европските држави полека започнаа да се подготвуваат за „живот“ без руските енергенси. Засега, ова е голем предизвик за дел од државите како Италија и Германија. На пример Германија за своите потреби увезува природен гас, дури 40% од увозот е руски гас. Оваа бројка е голема, но е значително намалување во однос на 55% пред 4 недели. Германија се обидува да го намали користењето на фосилни горива на 0, со што во целост ќе го прекине увозот на гас од Русија. Ова првично беше планирано за 2035 година, но сега планот е забрзан.

Европската Унија се подготвува за сајбер напади

Нападите врз енергетскиот сектор ја потврдија потребата за креирање на законска рамка за ограничување на ризиците  по сајбер безбедноста во европските институции. Предлог за регулација за сајбер безбедност е поднесен во крајот на март, и треба да донесе нови правила, но и надзорно тело кое ќе ја надгледува имплементацијата на правилата.

Правилникот предвидува сите институции да направат проценка на сајбер ризиците и да ја подобрат својата безбедност. Секако, доколку дојде до напад ќе треба веднаш да споделат и детали за нападот.

„Во поврзана средина, еден инцидент може да има влијание на цела организација. Заради ова е неопходно да креираме силна заштита од сајбер опасности и инциденти кој може да ја нарушат нашата работа“, вели Јоханес Хан, комесар за буџет во ЕУ.

Предлогот е донесен поради стравувањето од одговорот на Русија на санкциите кои ги донесоа Европската Унија, САД и Велика Британија.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments