Crayon Shin chan е познато аниме, кое од неодамна собира позитивни критики во Јапонија. Shin chan: Shiro and the Coal Town е игра која е заснована токму на тоа аниме и има за цел да ве втурне во релаксирачка авантура со Шин Чан. Преку мини игри и бројни разговори, ќе запливате низ две реалности и ќе откриете огромна длабочина во мистериозниот Coal Town. Повеќе за нашиот прониклив разговор со авторот на играта, г-дин Нагашима, можете да прочитате тука! Овде сте, меѓутоа да дознаете дали играта е добра. Играта не е добра – одлична е!
Летот на пеперутките
Играјќи со малото детенце, Шиносуке, би можеле да помислите дека ова е игра првенствено насочена кон помладата публика, особено во почетните моменти од играта. Shin chan: Shiro and the Coal Town е игра која е насочена кон сите што се чувствуваат младо во душата. Се работи за пријатно и релаксирачко патување на едно поразлично место и во едно безгрижно време. Во време каде летните денови трајат долго, фокусот е на шетање, дружење и собирање работи. Дали преку чистите цртежи, дали преку веродостојната глума или пак преку внимателно осмислените механики или дијалози, играта ве вовлекува во незаборавно патување од кое нема да сакале лесно да се одделите.

Како мало, петгодишно дете, деновите на Шиносуке поминуваат во среќно истражување на околината и собирање најразлични бубачки. Почнувате со пеперутки, но наскоро забележувате дека колекцијата може значително да се прошири и со други работи. Преку едноставни, но забавни механики, ќе покрај бубачки, но ќе можете и да ловите риби, да одгледувате најразлични култури или пак да собирате растенија од природата.

Времето игра огромна улога во играта. Како резултат, Шиносуке наидува на различни бубачки и риби во различни делови од денот, со што се охрабрува почесто истражување на околините. Семињата кои ги откривате можете да ги садите. Зеленчукот што произлегува од нив подоцна може да се користи како намирница за правење вкусни јадења. Овие јадење подоцна ги „пласирате“ на менијата во ресторачето. Благодарение на вашите намирници, сопственикот може да ги служи гостите со нови и вкусни јадења.

Ова не е сѐ што можете да правите во градчето Коал – другата реалност која ќе можете да ја истражувате. Таму, откако ќе се запознаете со талентираниот пронаоѓач, ќе можете и да собирате најразлични работи од градот и околината за да правите бројни изуми. Кога тоа ќе ви здосади, можете да се тркате со колички против останатите граѓани. Во случај да победите на некоја од трките, ќе добиете уникатни награди. Трките се најдинамичниот и најоткачениот дел во играта. Замислени се да бидат забавни, интересни и да понудат одреден предизвик со скоковите и користење специјани движења кои ќе ви помогнат против попредизвикувачките тркачи. Дополнително, вашата количка ќе можете и да ја надградувате, правеќи ја покорисна при фаќањето кривини, развивање поголема брзина или пак поуспешна во деконцентрирање на останатите тркачи.

Најсветлата точка во Shin chan: Shiro and the Coal Town се дијалозите. Приказната е внимателно осмислена и целосно ве вовлекува во двете уникатни реалности. Да, имате многу активности и, да, голем дел од активностите се крајно едноставни, но, тие активности функционираат како лепило кое ве поврзува со останатите ликови и ви дозволува да негувате значајни односи. Во случај да ви е е преку глава од константна акција и насилство за извоз, Shin chan: Shiro and the Coal Town е авантура која ќе ви дозволи да се посветите на убавата страна на животот – дружење и уживање во преубаво место и со прекрасни луѓе.




Повеќе детали за играта
- Произведува: h.a.n.d., Inc.
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 23 октомври 2024







