Crayon Shin chan е познато аниме, кое од неодамна собира позитивни критики во Јапонија. Shin chan: Shiro and the Coal Town е игра која е заснована токму на тоа аниме и има за цел да ве втурне во релаксирачка авантура со Шин Чан. Преку мини игри и бројни разговори, ќе запливате низ две реалности и ќе откриете огромна длабочина во мистериозниот Coal Town.
Акира Нагашима е главниот продуцент кој работи на играта и, за среќа, ја имавме екслузивната можност и честта да поразговараме за бројни работи поврзани за неговите претходни проекти, неговата соработка со Каз Ајабе (креаторот зад Boku no Natsuyasumi серијалот!), па дури и за неговото омилено аниме!
Огромна благодарност до г-дин Нагашима за одделеното време, а огромна благодарност и до вас, драги читатели – мило ни е што сте тука!
Акира Нагашима ја почнува неговата кариера со работење на кориснички интерфејси за телефони за јапонскиот пазар. Има посветено многу време и на осмислување оригинални игри како Keitai Kakaricho и Mobile Monkey. Успехот на овие две игри му дозволува да продолжи со режисирање бројни игри за мобилни телефони и конзоли, игри како Crayon Shin-chan Otetsudai Daisakusen, Puruchara Friends: Hoppe-chan и Sanrio ликовите. Но, г-дин Нагашима е и огромен фан на бројни аниме серии. Поради тоа, инстантно знаевме кое ќе биде нашето прво прашање:
IT.mk: Едноставно мораме да знаеме, кое е вашата омилена аниме серија?
Акира Нагашима: Оф, навистина ми е тешко да одберам само една, поради тоа ќе ги наведам следниве: „Lupin III: The Castle of Cagliostro“ во режија на Хајао Мијазаки, “Patlabor 2 the Movie” во режија на Мамору Оши и “Royal Space Force: The Wings of Honneamise”, режисиран од Хиројуки Јамага. Има уште! „The Storm Called: The Adult Empire Strikes“ и „Burst“ во режија на Кеичи Хара. Никако не можам, а да не го споменам и „Adventures of Gamba,“. Последново аниме го гледав кога бев дете; тоа е незаборавно ремек дело создадено од легендите на јапонскиот свет за анимации.
Во 2021-та година играта Shin chan: Me and the Professor on Summer Vacation -The Endless Seven-Day Journey доживува критички успех и се продава во над 500,000 примероци. Играта е направена во соработка со Каз Ајабе, познатиот креатор на серијалот Boku no Natsuyasumi!

Како изгледаше да се работи заедно со Каз Ајабе на “Shin chan: Me and the Professor on Summer Vacation -The Endless Seven-Day Journey”? Како вашата заедничка соработка ви помогна подобро да ја обликувате Shin chan: Shiro and the Coal Town?
Проектот “Me and the Professor on Summer Vacation” започна благодарение на одговорот на г. Ајабе на мојот едностран повик за соработка.
За мене, г-дин Ајабе е како дете – љубопитен, но во исто време и многу чувствителен набљудувач на светот. Дури и кога шетавме низ улиците заедно, вниманието му го привлекуваа уникатни работи кои не би биле перципирани од обичните луѓе. Г-дин Ајабе често ми оставаше впечаток како често да фантазира за приказната на која работи во моментот, прашувајќи се зошто е тоа така како што е.
Г-дин Ајабе е некој што може да ги дизајнира чувствата на луѓето. Тој имаше големо влијание во развојот на „Shiro and the Coal Town“ и помогна да се разработат вистинските чувства на играчот преку впечатлива приказна.

Во случај да не знаете, Shin chan: Shiro and the Coal Town ја доби наградата Excellence Award in the Visual Arts Category на CEDEC AWARDS 2024. Откако му честитавме за наградата, го прашавме г-дин Нагашима за разликите помеѓу јапонската и западната верзија на игрите, односно до кој степен би се разликувале.
Ви благодарам многу за убавите зборови. Нашиот цел тим особено ја цени оваа многу убава награда. Западната верзија е иста како јапонската верзија, со тоа што единствената разлика би била во, нели, јазиците.

Тука некаде, почнавме да разговараме за тоа што го има инспирирано г-дин Нагашима да го создаде светот, уникатниот визуелен стил, како и музичката подлога. Го замоливме и да ни објасни која е тајната во создавање релаксирачка авантура каде постои можност за патување во две реалности?
Фокусот ми беше на осмислување соодветен контраст со она што било и она што е. Ерата во која живееме денес, со своите технолошки достигнувања и идеолошки промени ни донесе многу удобен и рационален живот, но и чувство на осаменост. На некој начин, чувствувам како да заборавивме нешто важно што требаше да биде наследено од минатото. Сакав да го прикажам овој „контраст“ како контрапункт на секојдневниот свет во кој живеат Шиносуке и неговите пријатели, во еден град кога процветала индустријата за фосилни горива. Ние бевме внимателни да понудиме визуелен и звучен дизајн кој не се премногу одалечува од реалноста, но сепак се одликува со уникатни својства.

Кои беа некои од најголемите предизвици со кои се соочувавте кога работевте на Shin chan: Shiro and the Coal Town, особено кога станува збор за комбинирање забавни активности во впечатлива приказна?
Воспоставување рамнотежа помеѓу презентацијата на приказната и гејмплејот. Ние поминавме низ многу верзии на сценариото, неминовно завршувајќи со премногу реплики што требаше да се исценираат. Ова, за жал, го успори темпото на играта. Од друга страна, ако има премалку насока, играта ќе остави впечаток како да е полу-печена. Одржувањето на оваа рамнотежа беше најтешкиот дел од проектот.

Дали Shin chan: Shiro and the Coal Town има самостојна приказна или треба да ја играме претходната игра за максимално уживање? Во кои клучни аспекти би рекле дека оваа игра се разликува од Shin chan: Me and the Professor on Summer Vacation -The Endless Seven-Day Journey?
Не постои континуитет помеѓу двете игри, така што, и во двете може да уживате како сакате. Главната разлика помеѓу оваа игра и претходната е што „Shiro and the Coal Town“ има два различни света, принудувајќи ве да напредувате низ приказната така што исполнувате различни улоги. А, има и акциона трка со колички, нешто што го немаше во претходниот наслов.
Обично, во бројните интервју, едно прашање кое често го прашуваме е дали имало некоја механика што сакале да ја воведат во играта, но, подоцна се предомислиле. Одговорот на г-дин Нагашима навистина не го очекувавме:
Па… Напротив, веројатно имаше повеќе елементи што ги додадовме на почетокот. Нема да навлегувам во детали за да не го загрозам искуството на оние што ќе ја играат играта, само би сакал да кажам дека големиот настан на крајот приказната е една од големите идеи што ги додадовме многу подоцна во развојот.

Во поглед на омилени сцени, г-дин Нагашима се присетува на сцената каде што по прв пат се поврзуваат играчите со другиот свет, но и со последната сцена од играта. „Многу ни беше напорно да ги изработиме овие сцени. Секојпат кога поминувам низ нив не можам, а да не бидам длабоко трогнат. Сцената со младичот што свири на укулеле е толку едноставна, но толку впечатлива да ме принудува да заборавам на напредувањето на играта и да одвојам време да го ценам тоа што се одвива на екранот.“

Дали би сакале да споделите некој совет за нашите амбициозни девелопери во Северна Македонија, особено за оние што почнуваат со работа во оваа индустрија?
Не можеме сите да правиме големи ААА игри, но напорно работевме да создадеме нешто што само ние можеме да го направиме. Искрено, не се чувствувам како способен да давам совети, но како играч на игра, јас со нетрпение очекувам да видам каква игра само вие можете да создадете. Во тоа, сметам, е големината на еден квалитетен девелопер.

На крајот од нашиот разговор, го прашавме г-дин Нагашима дали сака да сподели нешто друго за неговата игра, за тимот или за некој друг што ги поддржал за време на развојот?
Во оваа игра има една руда која се вика „аламин јаглен“. Оваа руда е плод на потта и солзите на луѓето кои работат во рудникот. Оваа игра, пак, е плод на мудроста и страдањето на луѓето кои беа вклучени во нејзиниот развој и продажба.
Иако многу игри се мрачни, „Shiro and the Coal Town“ е игра што може да се игра бавно и релаксирано.
Се надевам дека многу луѓе ќе ја играат.
[…] авторот на играта, г-дин Нагашима, можете да прочитате тука! Овде сте, меѓутоа да дознаете дали играта е добра. […]