#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата.
Име: Драгана Стоименова
Едукација: Дипломиран инженер по информатика и компјутерско инженерство
Технологии со кои работиш: .NET development (C#, Javascript libraries)
Работно место: Софтверски инженер во Axiom, Канада
Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Драгана Стоименова?
По професија сум .NET девелопер. Моето досегашно работно искуство го изградив во неколку ИТ компании во Скопје (Datasoft, Ein-Sof, Vox Teneo, Axeltra).
Oд неодамна прифатив комплетно remote позиција во Axiom.
Во секојдневието се обидувам да излегувам почесто од зоната на комфорт, да најдам време за природа и човечка интеракција. Како главна преокупација би рекла дека се занимавам со креирање на подобра верзија од себе.
Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Во моментот кога требаше да одлучам кои студии да ги одберам пред себе си имав поставено два избора: Информатика на ЕТФ или E-commerce на Економскиот факултет. Изборот падна на ЕТФ, иако советите кои ги добивав во тоа време не беа во негова корист.
Во принцип сакав да поминувам време пред компјутер, доста често и да претерам. За мене најдобри се работите со кои губам осет за време, тоа најверојатно е една од причините за изборот на кариера во ИТ.
ИТ индустријата секојдневно се покажува како доста перспективна, динамична и флексибилна и тоа дополнително ја прави правилна одлука.
Што прави Драгана кога не програмира?
Приватните активности ги планирам подалеку од екранот, со време се поуспешно. Се навлеков на слушање аудио книги од неодамна, со тоа се ослободив и од екранот на Kindle-от.
Уживам кога сум во планина, дали во форма на планинарење или возење точак, подеднакво убави.
Ново искуство ми е соло патувањето и додека сум под импресии од претходното веќе го планирам следното. Патувањето ми било и ќе остане една од моите задолжителни активности.
Ги сакам и тотално спонтаните денови поминати со пријатели кои знаат да ја побијат и најдобрата агенда.
Раскажи ни за твојата сегашна работа.
Во оглед на фактот дека во Axiom сум од неодамна, мојата работа моментално се сведува на решавање помали проблеми преку кои се запознавам со проектот и околината.
Се работи за EDC(Electronic Data Capture) софтверско решение наменето за мали и средни фармацевски, биотехнолошки компании и CROs(Contact Research Organizations). Решението ги елиминира интензивните мануелни задачи потребни при менаџирањето на клинички истражувања или платформи.
Меѓу поглавните компоненти на решението се IWRS(Interactive Web Response System), решение за истражувачки радомизации и менаџирање на магацински потреби, CTMS(Clinical Trial Management Software), решение за менаџирање и одржување на важни фази во процесот на истражување, крајни рокови, планирање, репортирање итн.
Најинтересен проект на кој имаш работено?
Како најинтересен би го издвоила моменталниот проект поради повеќе причини. Најпрвин поради големиот опсег на различни технологии кои се користат, потоа фактот дека решенијата се live, што претставува дополнителен предизвик при работа.
Од друга страна remote комуникацијата си носи свои предизвици, потребни се добри комуникациски вештини за успешно разбирање и реализација.
А, најпредизвикувачки?
Би рекла дека е тековниот проект, повеќе од аспект на пристапот на работење.
Фактот дека remote работата нуди голема флексибилност, локациска независност, поголема слобода за планирање и организација, истовремено го руши веќе навикнатиот 9-5 систем што за мене е момент на значителна промена.
Таканаречениот процес на “Learning a living” remote е процес кој комплетно ми ја менува секојдневно перцепцијата за функционирање, продуктивност, менаџирање на време.
Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почувствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?
Според глобалните истражувања на оваа тема, може слободно да кажам дека за жал, се уште постои полова дискриминација во ИТ секторот.
Друг факт кој би го споменала е исто половата нееднаква застапеност. Со менување на стереотипите во образованието, како и започнување на бројни медиумски иницијативи за промовирање и адекватно претставување на можностите и широкиот опсег на кариерни можности во ИТ индустријата се надевам дека во блиска иднина би можело да се постигне видлива промена.
Во моето досегашно искуство не сум почувствувала полова дискриминација, меѓутоа во две прилики сум била единствен женски претставник во тим.
Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?
Според мене експериментирање како со технологии, така и со работни околини и услови, е значајно за соодветно самопронаоѓање.
Знаењето, инспирацијата, конекциите, ресурсите кои се пренесуваат при интеракција со индивидуи од сите сфери на ИТ индустријата се многупати пресудни во градењето на кариерата.
Секако континуирано техничко надградување е задолжително поради динамиката на професијата.
На крај, може најбитно е да се умее да се ужива во секој дел од процесот.