Дождливото време знае да ја наруши динамиката на која навикнавме последниве неколку месеци. Седењето дома додека надвор беснејат елементите знае да биде здодевен и депресивен процес и она што ние би можеле да ви препорачаме е да пробате да се забавите со некоја од следниве три игри. Независно од тоа дали сакате авантури, загатки или пак амбициозни RPG игри, следниве игри ќе најдат начин да ве вовлечат во нивните богати светови.
Life of Delta e постапокалиптична авантура со бројни загатки
Од градчето Кошице, источна Словачка ни доаѓа авантура која ќе проба да ве заинтригира со постапокалиптични околини, симпатични ликови и бројни загатки. Уште во првиот час од играњето, нема да можете, а да не се здобиете со впечаток дека амбициозното студио Airo Games знае што треба да направи кога се работи за раскажување интригантна приказна во научно-фантастично опкружување.
Како класична point-and-click авантура, Life of Delta ве вовлекува во брутален постапокалиптичен свет каде голема војна го има уништено човечкиот род и опустошената планета е оставена на милост и немилост на полу-функционални роботи и еден вид хуманоидни гуштери кои настанале како директна последица на радиоактивното зрачење. Играјќи со роботот Делта ќе се потрудите да го пронајдете вашиот пријател. Таквото нешто воопшто нема да биде лесно, со оглед на тоа дека Делта е мал робот првенствено наменет за сервисирање, а не за имплементирање офанзивни и дефанзивни тактики.
Размрдување на сивите ќелии е од клучна важност во Life of Delta и потребно е да размислувате, експериментирате и да се борите со опресивната фрустрација додека решавате над 50 предизвикувачки загатки. Нема да лажеме, некои од загатките ни беа исклучително тешки и единственото нешто што не охрабруваше да одиме напред беше интригантната, суптилна приказна, преубавите, рачно нацртани постапокалиптични околини на Јапонија и релаксирачката музичка подлога. На крај, особено мило ни е што останавме со играта и топло ви препорачуваме да ја проверите, особено неодамна-излезената игра на конзолите.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Airo Games
- Издава: Daedalic Entertainment
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 18 октомври 2023 (конзоли) 13 март 2023 (Steam)
Harmony’s Odyssey e игра во магичен универзум полн со невообичаени загатки
Првата игра која ја одбравме беше стандардна point and click, но доколку копнеете по пофлуидно искуство кое целосно се фокусира на скокање од една до друга загатка, тогаш Harmony’s Odyssey штотуку излезе за конзолите! Се работи за шаренолика, слатка и релаксирачка авантура каде патувате низ најразлични светови полни со магија и разиграни животни.
Загатките во Harmony’s Odyssey се засноваат на уникатен спин-оф на игрите со сложувалки каде тродимензионални околини се поделени на коцки и се поставени во измешан редослед. Вашата задача ќе биде да ги менувате коцките за да се состави една целина. На располагање имате стотици вакци загатки, уредно поставени во седум уникатни категории на мини игри.
Harmony’s Odyssey е преубаво и крајно релаксирачко искуство. Дури и кога ви оди тешко со премостувањето на коцките и не сте сигурни за нивната правилна место положба, музиката и хумористичните суштества се трудат да ве расположат и нежно охрабрат да не се предавате и да продолжите со понатамошните обиди.
Доколку имате PS5 или Xbox играта нуди магично и преубаво искуство на големите екрани. Во меѓувреме, PC верзијата, која излезе на Steam пред година дена, се продава со 50% попуст, но ние дефинитивно би ви го препорачале пакетот од три игри – MYTHICOWL’S FAMILY PUZZLES кои се продаваат за значително поголем попуст.
Повеќе детали за играта
- Произведува: MythicOwl
- Издава: MythicOwl, Neverland Entertainment
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 19 октомври 2023
Isles of Etherion e акциона игра на која работи само еден девелопер!
Isles of Etherion е во раниот пристап нешто повеќе од година дена и слабото напредување знае да ги иритира поголемиот број гејмери. На Isles of Etherion потребо е да се работи уште многу, но играта крие потенцијал кој со текот на времето би можел да се искористи за да понуди солидна акциона RPG игра. Доколку од некоја причина веќе ја имате играта или пак имате шанса да ја проверите додека е на значителен попуст, не е лошо да ја имате во предвид, под услов да сте спремни за бројни компромиси, како во поглед на оптимизацијата на енџинот, така и во поглед на механиките кои се на понуда.
Кога веќе го расчистивме ова, Isles of Etherion ви дозволува да навлезете во свет со огромно ниво на деструктивност. Скоро се може да се уништи во играта, почнувајќи со земјата низ која одите, па се до структурите кои се на неа. За полесно и позабавно движење низ светот, можете да си купите воздушен брод и потоа да скокате и лебдите од него. За пофалба е и динамичната промена на времето, но и годишните времиња кои значително ја менуваат територијата околу вас.
Кога најмалку се надевате, може да се случат и природни непогоди, како земјотреси, торнада и ерупции на вулкани. Претходно ја споменавме деструкцијата која можете да ја вршите вие или непријателските суштества, но светот може значително да биде уништен и од овие природни непогоди (од овој аспект, воздушниот брод знае да биде клучно средство и база на операции).
За крај, би ги споменале и битките на кои, како и на се друго, им треба уште внимание и работа, но сепак успеваат да ве забават со нивната изведба, особено кога ги користите елементите за да направите разорни магии. Isles of Etherion има од се по нешто, но ништо од тоа не е доволно за исполнителна забава, барем сега за сега. Но, тоа никако не не спречи да го препознаеме огромниот потенцијал во оваа игра и да решиме да дадеме уште малку време да се поработи на бројните аспекти од играта.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Luna Orion
- Издава: Luna Orion
- Жанр: RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 септември 2022