Android верзијата на МојВоздух има нова функционалност. Благодарение на Copernicus Atmosphere Monitoring Service во апликацијата пристигнаа и сателитски мапи на загадувањето. Веста на блог пост на Medium ја објави креаторот на апликацијата Горјан Јовановски.
Податоците се достапни на последната верзија на МојВоздух, а може да ги пронајдете во делот „Мапа“. Ако не знаете каде да го пронајде овој дел, погледнете во долниот дел од екранот. Покрај „нормалната“ мапа сега во оваа секција може да ги разгледате и сателитските мапи.
Овие мапи ќе треба да помогнат за да се следи движењето на загадувањето низ Македонија. Дополнително, ќе може да се следи и како влијае загадувањето од другите држави на квалитетот на воздух во Македонија, но и како влијае загадувањето од Македонија на другите држави. CAMS има податоци од цела Европа, но за апликацијата се релевантни податоците од Македонија и регионот.
„Засега во МојВоздух може да се следат PM10 и PM2.5 честичките, а на сервисот на CAMS може да се најдат анализи и за CO, NO2 и SO2.“
Резолуцијата на снимките е 10 х 10 километри. Со вградување на податоците од Sentinel 5-p ќе се добие и подетална мапа на загадување со резолуција, 7 х 3,5 километри.
Не толку одамна во МојВоздух се додадени и мерните сензори на SkopjeInfo, па сега има порелевантни податоци за загадувањето од повеќе локации. Секако треба да се има предвид и дека МојВоздух ги прикажува моменталните податоци за загадувањето, па понекогаш се случува да има возило или друг извор на загадување кој покажува несоодветни резултати.