Последниот пат кога зборувавме за FastStone Image Viewer беше пред година дена. Бевме исклучително задоволни од тогашната верзија и нашиот впечаток и понатаму останува ист со моментната.
FastStone Image Viewer е одличен прелистувач на фотографии. Повеќето софтверски алатки од овој калибар ви дозволуваат да прелистувате низ дигиталните фотографии со задоцнувања од неколку секунди, но најновата верзија на FIV се посветува на екстра брзо листање и справување со фотографиите, видеата, и фолдерите. Брзината е крајно очигледна и кога започнувате процеси на групно конвертирање, преместување или преименување повеќе податоци од еднаш. Бројни критичари се имаат изјаснето дека, сега, FastStone Image Viewer со таквите операции побрзо се справува и од чедото на Adobe – Lightroom.
Но, тоа беше за работите под хаубата. На визуелен план, забележителна е визуелната надградба на видео плеерот за целиот екран. Па така, лентата со операции автоматски се крие сè додека не мрднете со вашето глувче. По завршување на едно видео, можете да наместите автоматски да почне истото, или пак некое друго.
Цртајќи одредени форми со глувчето, ќе можете да задавате наредби за брзо премотување, прескокнување на друго видео, и слично.
FastStone Image Viewer не би бил она што е без моќниот уредник на слики, со кој можете да сечете одредени делови, да намалувате или исправате фотографии, да одбележувате, да поставувате жигови, да ги менувате боите, создавате презентации и еден куп други работи.
Најдоброто од сево ова е непостоечката цена и исклучително лесниот пакет кој не надминува 20MB.