Samsung ја разгорува битката на пазарот на паметни телефони со најава за уред со заоблен екран во октомври. Ова ќе биде трет нов уред на Samsung во само два месеца, откако претходно го најави паметниот часовник Galaxy Gear и претстави златен Galaxy S4 да му конкурира на новиот златен iPhone 5S.
Заоблените екрани Samsung ги покажа уште на почетокот на годината на разни саеми за електроника, но сите тие беа прототипови. Според експертите, заоблените екрани сè уште се во раната фаза на развој и нивното производство не е баш евтино, пример новиот телевизор со заоблен екран на Samsung чини 9.000 долари. Можно е најавениот телефон да има висока цена што ќе ги одбие корисниците, додека за експертите, заоблените екрани не се којзнае колку специјални бидејќи не нудат поразлично искуство. Разликата ќе биде само во изгледот што може да му помогне на Samsung да се истакне со модерен дизајн и да се разликува од другите конкуренти на Android пазарот.







