Минатата недела имавме можност да видиме куп импресивен и интересен хардвер. Компјутерски глувчиња, фитнес додатоци, најави за таблет компјутери од Samsung, импресивен електричен автомобил и мобилен процесор, е само дел од хардверoт претставен минатата недела.
Logitech Signature M650
Новото компјутерско глувче на Logitech, Signature M650 е дел од ретките серии компјутерски глувчиња кои доаѓаат во повеќе различни модели. Глувчето е безжично и ги поддржува сите оперативни системи кои може да ги замислите: Windows, macOS, Linux, ChromeOS, iPadOS и Android. Станува збор за супер едноставно компјутерско глувче со 5 копчиња: лев и десен клик, скрол копче на средината и две дополнителни копчиња од страна.
Она што е поинтересно е дека глувчето доаѓа во 3 варијанти. Голема, за луѓето со поголеми раце; стандардна, за мали и средни раце; и голема верзија за левучари (од некоја чудна причина нема стандардна верзија за левучар). Разликата помеѓу двете верзии е позицијата на двете странични копчиња.
Од Logitech велат дека уредот нема поддршка за „multi-device“, но со комбинација на Bluetooth и „dongle“ може да го користите на два различни уреди. Батеријата која доаѓа со глувчето е доволна за работа 24 месеци. Лоша вест е дека нема полнач, па откако ќе се испразнат батериите треба да се менуваат.
Logitech Signature M650 е достапен за 40 долари.
Garmin Fenix 7
Garmin ја издаде новата верзија на Fenix серијата на GPS часовници/фитнес додатоци. Фитнес додатокот доаѓа во 3 големини (7S, 7 и 7X) и 16 различни модели. Претходната 6-та итерација на Fenix излезе пред околу 2 и пол години, па се чини дека дојде време за промена.
Првите неофицијални слики на уредот „протекоа“ уште во декември. Сега и официјално е достапен и изгледот, но и хардверот и новите функционалности на часовникот.
Разликата во големината на екраните за различните модели е во делови од инч, но тоа на крај значително влијае на големината на целиот часовник. Така Fenix 7S има 1,2-инчен дисплеј и димензии на телото на часовникот 42 x 42 x 14,1 mm. Fenix 7 доаѓа со 1,3-инчен дисплеј и димензии 47 x 47 x 14,5 mm. Fenix 7X моделот има 1,4-инчен дисплеј, но часовникот е прилично голем 51 x 51 x 14,9 mm.
Најголема промена е воведување на екран на допир и според првите прегледи екранот е супер респонзивен и работи беспрекорно. Со оглед на квалитетот на фитнес додатоците од Garmin, ова секако не е изненадување. Уште една промена која доаѓа само на 7X моделот е додавање на светилка која не може да ja замени главната сијалица, но може да ја зголеми безбедноста при трчање во темница.
Fenix серијата сега доаѓа со нов Garmin Elevate V4 сензор. Дел од уредите на компанијата веќе го имаа овој сензор, но за првпат доаѓа на Fenix. Сензорот е побрз и поефикасен, и нуди подобро мерење на сатурацијата на кислород во крвта.
Една од поинтересните функционалности кои сега ги нуди часовникот е „real-time stamina“ (издржливост во реално време). Функцијата треба да му покаже на корисникот уште колку напрегање може да издржи пред да се премори и да му помогне да ја заврши планираната активност без пауза.
Сопствениците на iOS и Android телефони ќе може да го користат Fenix за да добиваат нотификации и да одговараат на нотификации, но и за бесконтактно плаќање. Мапите, фитнес асистентите, различните мерачи, безбедносни функции, и натаму се достапни со часовникот. Сите сензори од Fenix 6 доаѓаат и на Fenix 7, (алтиметар, барометар, компас, оптички сензор за следење на работа на срцето) а секако има и куп други.
Најдобрите фитнес преносни компјутери секако не се евтини. Почетниот модел чини 700 долари, а во зависност од големината, дали има полнење со сончева енергија, и Sapphire заштитно стакло, цената достигнува и до 1000 долари
Гласини за Samsung Ultra таблет
Samsung работи на нов таблет компјутер кој ќе ја прошири осмата генерација на Galaxy Tab серијата. Компанијата на Tab S8 и Tab S8+, наскоро би можела да го додаде и Tab S8 Ultra, јави WinFuture.
Според димензиите таблетот е огромен, и е речиси два инча поголем од Tab S8+ моделот. Ultra моделот ќе доаѓа со 14,6-инчен AMOLED екран со резолуција 2960 x 1848px и рефреш од 120Hz. Според најавата доаѓа со максимум 16GB RAM и 512 GB простор. Има две 12MP предни камери кои ќе бидат сместени во „заб“ на долгата страна на таблетот. Батеријата е со капацитет од 11200mAh.
Процесорот доаѓа од Qualcomm и е Snapdragon 8 Gen 1 на 3,0GHz со Adreno 730 графички процесор. Засега нема речиси никаква информација за цената, но според најавите ќе биде над 1200 евра. Ако гласините се покажат како точни, официјалното претставување веројатно ќе биде пред Mobile World Congress 2022 закажан за 28 февруари.
Subaru го претстави STI E-RA
Subaru не е првиот производител на возила кога помислуваме на електрични автомобили, но минатата недела претстави електричен тркачки автомобил и спортска верзија на Solterra EV. Компанија веројатно планираше автомобилите да ги покаже на саемот во Женева, но поради пандемијата саемот е одложен, па Subaru мораше да ги претстави возилата од салонот во Токио.
Тркачкиот автомобил STI E-RA е концепт возило и е прв електричен тркачки автомобил од Subaru. Доаѓа со 800KW (1,073 коњски сили) и електричен мотор развиен од Yamaha за секое тркало. Батеријата е со капацитет од 60kWh, но со оглед на тоа дека e концепт возило веројатно ова и не е премногу лошо. Планот засега е E-RA да извози круг на патеката Нирбургринг под 6 минути и 40 секунди. Ако успеат, тоа ќе биде речиси минута побрзо од рекордот на Tesla Model S Plaid од 7 минути и 35 секунди (не е рекорд на патеката).
Една од причините за креирање на ова возило е што во минатото трките и надминувањето на рекордите поставени од автомобилите со мотори со внатрешно согорување беше добар начин за добивање кредибилитет како производител на електрични возила, вели Electrek.
Samsung започна со масовно производство на Exynos 2200
Јужнокорејскиот производител на електроника Samsung оваа недела објави дека започнува со масовно производство на чипот Exynos 2200. Чипот доаѓа со Samsung Xclipse 920 графички процесор кој компанијата го развиваше заедно со AMD. Xclipse 920 доаѓа со RDNA 2 архитектура од AMD која ќе овозможи хардверски „ray tracing“. Прашање е колку на телефоните навистина ни е потребен „ray tracing“, но секако ќе отвори интересни можности.
Exynos 2200 е 4 nm чип со едно Cortex X2 јадро, 3 Cortex A710 јадра и 4 Cortex A510 штедливи јадра. Ова е иста конфигурација на јадра која ја има и најновиот чип на Qualcomm, Snapdragon 8 Gen 1.

Според непотврдени бенчмарк тестови, процесорот на Samsung го одржува чекорот со Snapdragon 8 Gen 1, но ниту на еден тест не е подобар. За официјални резултати од тестови сепак ќе мора да почекаме, а прва прилика е 9-ти февруари со излегувањето на Galaxy S22.
Први официјални прегледи на Radeon RX 6500 XT
Минатата недела AMD ја најави буџет графичката картичка Radeon RX 6500 XT. Картичката излезе на 19-ти јануари, а веќе се достапни и првите рецензии. Секако никој не очекува од графичка картичка која чини 200 долари импресивни перформанси, но првите прегледи се брутални.
Насловите се од: „Графичка картичка која можеби може да ја купите… Ама не треба“ на Linus Tech Tips…
До „WTF AMD!?“ на Hardware Canucks…
Причини за остри коментари има многу, а сите се однесуваат на кратењата кои AMD ги прави во картичката. Дел, веројатно се за да може да ја понуди за 200 долари, а дел, да ги одврати копачите на крипо-валути да ја купат картичката. Перформансите се слични со RX 5500 XT, но оваа графичка, иако излезе пред 2 години, има и некои предности. На пример поевтина е, а има повеќе видео излези.
Уште полошо, ако имате 5 години стара Nvidia GTX 1060, а ова е најпопуларната графичка картичка според статистиката на Steam, тогаш новата картичка воопшто не ви е потребна.