Интервју со Мартин Тосков, Извршен директор и Кевин Бејкер, Технички директор на компанијата Персонал Програмер.
Персонал Програмер отвори нова канцеларија во Скопје. Дали тоа значи дека пандемијата КОВИД 19 заврши и сите вработени се враќаат во своите стандардни работни простории? Или ќе имате хибриден начин на функционирање на фирмата? Дали работењето „од дома“ имаше одредени бенефиции за компанијата, односно за вработените?
Бејкер: Персонал Програмер ги следи ИТ трендовите и уште пред пандемијата практикуваше хибреден начин на работа од канцеларија, бидејќи своевремено ги искусивме придобивките од работа на далечина. Девелоперите имаа можност за работа од дома два дена во неделата, но и свое место достапно во секој момент во канцеларија. Ваквиот начин на оператива покажа голем успех, бидејќи колегите имаа повеќе приватност, концентрација и фокус, а флексибилноста и организацијата на својата работна околина многу позитивно влијаеше на нивната продуктивност. Следствено на ваквото функционирање, промената која ја донесе КОВИД-19 со постојана работа од дома, за нас не беше нешто ново, ниту голем предизвик. Уште повеќе се зголеми продуктивноста, но долгорочноста на пандемиската состојба придонесе за изолација и отуѓеност. Чувството на припадност кон групата речиси исчезна, мотивацијата за работа се намали бидејќи се работеше индивидуално. Се редуцираа и дискусиите за споделување знаење, значењето и суштината на работата. Токму од тие причини инвестиравме во канцеларија во центарот на Скопје. Новата канцеларија е изградена и заснована на она што нашите софтвер инженери сакаат и очекуваат од работна атмосфера по Ковид-19. Некои од нив секојдневно работат од просториите, други доаѓаат 1 до 2 дена неделно, но флексибилноста е она што ги мотивира да бидат присутни во секој момент кога имаат потреба. Наша работа беше да обезбедиме најдобри достапни канцеларии во Скопје и со многу труд, се надеваме дека ги исполнивме очекувањата.

Колку македонскиот ИТ пазар профилира светски кадри и дали ја ширите својата активност и на други пазари при барање и наоѓање на вистинскиот ИТ професионалец, согласно потребите на Клиентот?
Тосков: Ако сме најискрени, македонскиот пазар изобилува со исклучителен талент. ИТ кадарот е многу високо едуциран, а посветеноста и упорноста да се успее се на уште позавидно ниво. Сето тоа води до неприкосновен талент. Затоа клиентите и вработуваат софтвер инженери од Македонија. Персонал Програмер се прошири и во Србија, но Македонија отсекогаш била и ќе остане база и седиште.
Што точно е вашата улога во оваа тријада – Персонал Програмер, софтвер инженер и клиент. Како функционира моделот за обезбедување одлични работни услови за инженерот и квалитетен работен кадар за компаниите како ваши клиенти? Во што се разликувате од конкуренцијата?
Тосков: Улогата на Персонал Програмер е да осигура дека секоја страна (клиент и софтвер инженер) е фокусирана на долгорочна соработка, бидејќи само во тој случај сме направиле простор за успешна соработка. За да се постигне таа цел, секој учесник во тријадата не треба само да биде задоволен, туку и да добие и додаде значење на кариерата, можноста за раст и развој и да соработува со клиенти кои прават големи нешта во ИТ светот во здрава компаниска култура. Персонал Програмер практично осмислува, помага, овозможува и испорачува се што им треба и на софтвер инженерот и на клиентот, но без да се инволвира во технички менаџмент на нивната комуникација. Новата канцеларија има голем удел во тоа: колегите добиваат место за дружење, а клиентите да работат заедно со тимот.
Го применувате моделот „еден инженер за еден клиент“. Што добивате од него, а на што гледате како „загуба” од практикување на овој модел? Зошто само посветени девелопери?
Бејкер: Сметаме дека краткорочните проекти се најмалку успешни во ИТ светот. Кога започнавме во Македонија, бевме едни од првите што прифативме долгорочни визии од нашите клиенти. Некои дојдоа кај нас со краткорочни проекти, а ние одбивме таков тип на соработка. Ги советувавме да инвестираме заеднички во луѓето во Македонија, да ги запознаат подобро како размислуваат, како функционираат, што ги поттикнува, што очекуваат. Тие се ваши луѓе и треба да ги третирате како дел од тимот што седи до вас во канцеларија. Ако не припаѓаат на културата на клиентот и софтверот на кој работат (продуктот), нема да бидат дел од Персонал Програмер на долг рок. Сите наши клиенти го разбираат ова и имаат долгорочна визија. Така, посветеноста кон работата и долгорочното развивање на продуктите е голем плус за взаемен раст. Како резултат на тоа, во моментов имаме клиенти и програмери кои работат заедно веќе 9 години.
Освен талентот и професионалниот потенцијал, што друго ИТ експертите од земјава преку Персонал Програмер им нудат на светските брендови?
Тосков: ИТ експертите во Македонија нудат многу на личен и на професионален план. Доколку ние и нашите клиенти ги исполниме ветувањата и задачите, македонскиот ИТ кадар е многу вреден и многу лојален на компанијата. Тие, исто така, се одликуваат со многу комуникативни способности, а истовремено се и екстровертни личности, што не е вообичаено во ИТ. Тоа е една од предностите во „софт скилс“ која секогаш се покажува како круцијална во ова поле. Повеќето од нашите клиенти се од Европа и бидејќи Македонија е релативно блиску, клиентите можат да ги посетат вработените или тие да патуваат во земјата на клиентот. Близината на временските зони, исто така, е голем плус.







