0 коментари 2 мин. читање

Raspberry Pi претстави онлајн едитор на код

Raspberry Pi без сомневање е најпрепознатлив по своите миникомпјутери. Сепак целта на фондацијата која го издаде компјутерот, е да креира платформа на која децата ќе се запознаат со компјутерите и информатичката технологија. Минатата недела Raspberry Pi Foundation претстави нова едукативна алатка – онлајн код едитор за Python. Едиторот е достапен на editor.raspberrypi.org.

Алатката од Raspberry Pi Foundation првенствено е наменета да ги научи децата да програмираат во Python. Секако, може да го користат сите кои започнуваат да програмираат. Едиторот е бесплатен за користење  и овозмоува креирање, уредување, извршување на Python код во облакот. Корисниците може да ги снимат своите проекти и да продолжат да работат на нив во иднина. Ако сакаат, корисниците може и да го преземат својот код. Фајловите се со zip компресија и ова е единствениот формат во кој може да се преземат.

Интерфејсот е чист и поделен во три колони. Во првата колона се проектите, во втората е кодот, и во третата се резултатите по извршувањето на кодот. Со креирање на профил на Raspberry Pi се „отклучува“ опција за зачувување на проектите во облакот.

Очекувано онлајн едиторот е прилагоден на туторијалите кои ги издава фондацијата. Засега ова е овозможено за првите неколку туторијали, но нема причина да се сомневаме дека нема да бидат додадени и останатите. За иднина е највена поддршка за HTML, JavaScript и CSS. Сите кои го користат Raspberry Pi за управување со GPIO излезот ќе мора и натаму да користат локален едитор.

Pi-фондацијата планира наскоро да додаде споделување и колаборација на кодот, а кодот на едиторот ќе биде објавен како опен-сорс, пренесе Tom’s Hardware.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Мени
Заедница
Изглед
To top