Додавањето на нови функционалности и користење на нови технологии не се новитет за најголемиот македонски агрегатор на вести Time.mk. Отсега посетителите на платформата ќе можат да ја користат вештачката интелигенција директно на сајтот. Ова ќе им овозможи да откријат дополнителни податоци и да постават некое прашање ако сакаат.
„Нова функционалност на Time.mk со помош на GoogleAI.
Сo кликање на ‘прашања’ се креира соодветен контекст во Google AI mode, каде се изнесени клучните факти, прашања и одговори за кластерот, но можете да продолжите со конкретни прашања кои ве интересираат.“, објави основачот на Time.mk, Игор Трајковски на LinkedIn.
Новата опција е поставена на лесно забележливо место за корисниците – веднаш под секој кластер на вести, до линковите за слични теми и сумираната вест. Начинот на користење е едноставен и интуитивен:
Најпрво, со притискање на копчето „прашања“, се активира интерфејсот на Google AI. Системот автоматски генерира промпт базиран на насловот и содржината на темата, со наслов: „Клучни факти, прашања и одговори на тема:“.
Вештачката интелигенција прво генерира кратка и лесно разбирлива информација, по што следи листа на клучни факти и најчесто поставувани прашања поврзани со темата.
Секако најголема надградба е можноста за дијалог. Корисникот може да го продолжи разговорот, да бара појаснувања или да поставува дополнителни прашања на кои Google AI одговара во реално време, користејќи ги информациите достапни во тој кластер.

Набрзинка.мк
Неодамна се запознавме со слична функционалност која доаѓа како веб апликација – Набрзинка.мк. Сепак, целта на Набрзинка е малку поразлична. Апликацијата изработена од Андреј Иванов им овозможува на корисниците за кратко време да се запознаат со различни теми и да бидат подобро информирани. Иако и набрзинка овозможува дијалог со вештачка интелигенција за продлабочување на темата, сепак крај на цел е читателот да се информира во најкусо можно време.
Набрзинка овозможува поедноставување на начинот на кој дневните вести се дистрибуирани до читателот. Секоја тема е резимирана во кратки црти, за читателот полесно да ја сфати поентата. За разлика од ова, „прашања“ на Time.mk не е наменета за кратење, туку за проширување на информациите. Таа му служи на читателот кој сака да навлезе подлабоко во темата, да побара дополнителни факти и да го разбере „зошто“ зад насловот, наместо само да ги прелета главните точки. Дури и самиот наслов „прашања“ го навестува ова.
Вештачка интелигенција насекаде
Додавањето на различни функционалности кои се базираат на вештачка интелигенција е актуелно последниве години. Во најголем дел ниту носат некаква вредност, ниту се корисни. За среќа ова не е случај со Time.mk. Функцијата е одличен додаток која овозможува подобра информираност дури и ако немате многу време да се запознавате со деталите на некои теми.
Со овој потег, Time.mk престанува да биде само место каде се пронаоѓаат вести и започнува да овозможува на корисниците подобро да се запознаат со темата. Во време на огромен куп на информации, вештачката интелигенција помага во филтрирање на најважното, заштедувајќи му време на читателот. Ова е супер корисно за комплексни политички или економски теми каде контекстот е клучен за разбирање на целата слика.







