Компанијата зад Facebook и Instagram започна со додавање на први алатки за маркетарите базирани на вештачка интелигенција. Алатките треба да им ја олеснат работата на сите кои работат маркетинг и преку алатките да им помогнат да ја зголемат својата креативност и продуктивност.
Дел од новите функционалности ќе овозможат генерирање на позадина, проширување на слики, креирање на различни варијанти на текст. Иако компанијата веќе ги најави функционалностите, тие до пошироката јавност ќе бидат достапни до следната година.
Генерирање на позадина
Генерирањето на позадина ќе овозможи креирање на повеќе различни позадини кои треба најдобро да соодветствуваат на производите. Алатката ќе им овозможи на корисниците лесно и едноставно да креираат различни илустрации кои можеби се посоодветни за различна публика. Конечната цел секако е да се направат визуелно попривлечни реклами за потенцијалните купувачи.
Проширување на слика
Проширувањето на слика треба да им помогне на корисниците да ги прилагодат илустрациите на различните димензии кои се потребни. Facebook користи различни димензии за сликите на „ѕидот“ или во „reels“. Сега целиот процес ќе биде поедноставен и побрз, со што ќе заштеди време. Нема да има потреба за креирање на различни илустрации за различни димензии, ниту за рачно прилагодување на сликите.
Различни варијанти на текстовите
Оваа функционалност ќе овозможи генерирање на различни варијанти на текстот врз база на основниот текст кој е внесен. Вештачката интелигенција ќе ги препознае и потенцира клучните поенти на производите за да ја максимизира продажбата и да овозможи содржината да ја види побројна публика.
Први впечатоци од тестовите
Meta оваа година веќе започна со тестови на вештачката интелигенција преку AI Sandbox. Тестовите се направени со помал број на партнери, а Facebook ги сподели првичните впечатоци од употребата на вештачка интелигенција. Прилагодувањето на алатките во голема мерка е направено врз база на првите тестови.
Учесниците во испитувањето пријавиле дека работат побрзо и користењето на вештачка интелигенција им заштедува време и ресурси. Дополнително користењето на генеративна вештачка интелигенција ја намалува креативната истрошеност. Функцијата за креирање на различни варијации на текстови и илустрации значително ќе ја намали потребата од барања и комуникации помеѓу креативните и медиа тимови на задачи за кои е потребно минимално уредување.
Претставените алатки се само почеток, а Meta веќе објави дека работат на нови алатки кои ќе бидат уште покорисни. Фокус сега ќе биде лансирање и тестирање на нови креативни рекламни кампањи побрзо.
Во иднина Meta ќе им овозможи на корисниците да креираат рекламна содржина во која ќе се потенцираат продажните поенти или да овозможи креирање на позадина со одбрана тема, на пример слики на отворено за спортски брендови.
За да не остане сѐ на Facebook компанијата ветува дека наскоро ќе овозможи користење на вештачка интелигенција за деловните клиенти кои користат Messenger или WhatsApp. Ова е функционалност која е во тест фаза со дел од партнерите.