Интервју со Андреј Иванов: „Набрзинка“ ги пакува вестите за со вашето прво кафе

во ИТ.МК

Ако денот го започнувате со вестите, тогаш веројатно сте забележале дека пронаоѓањето што е вистина, а што ПР текст не е едноставно. Дополнително, ако сакате да биде информирани ќе треба да одделите значително време. Андреј Иванов, го искористи своето искуство и познавања на програмирање, е-бизнис, софтверска имплементација и развој на продукт за да најде решение за ова со својата апликација „Набрзинка“.

Со помош на Google Gemini и алгоритми, „Набрзинка“ начин на конзумирање вести – брзо, прецизно и со контекст. Со Андреј разговаравме за предизвиците, потешкотиите и за неговата визија за иднината на информирањето.

Андреј Иванов

Што те инспирираше да ја креираш „Набрзинка“?

Неколку работи.  

  • Поедноставување на начинот на кој дневните вести се дистрибуирани до читателот. Секоја тема е резимирана во кратки црти, за читателот полесно да ја сфати поентата.
  • Давање на можност на читателот да може во реално време да истражи околу некоја конкретна вест повеќе околу нејзиниот контекст, историја итн.
  • Едукација на читателите при конзумирање на вестите.

Како изгледа твоето утро пред и по развојот на „Набрзинка“?

Исто како и претходно. Работно, на мојата примарна работна позиција во компанијата во која работам. Можам да кажам дека вечерните часови и викендите изгледаат малку поинаку од порано, со малку повеќе обврски од вообичаено, обврски околу развивањето на “Набрзинка”.

Најголема опасност од кратењето на написите е дека ќе се изгуби контекстот. Како технички обезбедуваш дека при синтезата, корисникот ги добива навистина релевантните факти?

Тоа е одлично прашање и искрено тоа беше и мојот најголем страв кога ја почнував апликацијата. Затоа, наместо да се прави просто „кратење“ на еден текст (што навистина носи ризик), во апликацијата е применет сосема поинаков, агентски пристап.

Технички, процесот е составен од три заштитни механизми:

Консензус од повеќе извори: Системот воопшто не обработува вест ако таа не е потврдена од најмалку два независни извори. AI моделот не гледа само еден текст, туку обработува листа на наслови од сите што пишувале за тој настан. Така, моделот прво го бара ’заедничкиот именител’ – фактите што се повторуваат секаде.

Проверка во реално време: Ова е клучниот момент. AI моделот има пристап до Google Search во реално време. Пред да го напише резимето, тој ги проверува клучните бројки, датуми и имиња преку пребарување за да се осигура дека халуцинациите се сведени на минимум. Моделот не копира текстови, не ги преработува или прераскажува. Моделот не погодува, туку верификува.

Стриктни инструкции: На самиот модел му е забрането да измислува детали. Неговата улога е дефинирана како аналитичар чија задача не е да раскажува приказни, туку да изолира факти и да објасни влијание – зошто ова е важно за граѓанинот.

Накратко, не кратиме текст, туку синтетизираме факти. Ако 5 извори пишуваат за поскапување на струјата, апликацијата ќе ви каже за колку поскапела и од кога важи, филтрирајќи го сензационализмот.

За да се појави веста мора да има барем два извори. Што ако два извори користат ист текст или пренесуваат иста шпекулација? Дали алгоритамот може да препознае кога различни портали само го препишале истиот ПР-текст? Може ли апликацијата да гарантира објективност?

Тоа е секојдневие кај нас, и искрено – не знам дали може да се смени начинот на кој се креираат некои вести, ама „Набрзинка“ дефинитивно се обидува да го смени начинот на кој тие стигаат до читателите.

Апликацијата го решава ова многу прагматично:

  1. Се ловење на копиите: Ако 5 извори објават ист ПР текст, алгоритамот препознава дека содржината е >40% иста и наместо да го гуши „фидот“ на читателите, ги пакува во една единствена вест за тој настан.
  2. Заштита на авторството (Ова е клучно): Тука сакам да бидам многу прецизен. Апликацијата никогаш не копира, не преработува, ниту ги складира туѓите новинарски текстови во нашата база. Алгоритамот ги користи насловите само како „сигнал“ дека некаде се случило нешто. Откако ќе го детектира настанот, моделот прави свое, независно истражување за фактите и пишува сосема нова кратка приказна. Јас немам контрола од каде точно и од кои јавно достапни факти и информации моделот ќе ја верификува информацијата во тој момент, но крајниот резултат е секогаш уникатен текст генериран од нула, а не „scrape“ на нечиј труд.
  3. Акцент на фактите: Дури и изворот да е полн со епитети и фалби, моделот има стриктна команда да го игнорира тонот и стилот на содржината и да ги извади само фактите.

Така што, не можам да гарантирам дека нема шпекулативни вести да допираат до читателите, но гарантирам дека читателот ќе ја добие најчистата можна верзија, без галама и повторувања.

Дали вештачката интелигенција која ја користиш дава само појаснување на напишаното, или може да даде и поширок контекст (на пр. „Што се случи претходно со оваа тема?“)?

Тука лежи вистинската моќ на апликацијата и причината зошто ова не е само уште еден обичен медиум за вести.

Наједноставно објаснето, апликацијата е крстосница со две насоки:

Веста е за „СЕГА“: Главното резиме е намерно кратко и фокусирано стриктно на последните 24 часа. Затоа апликацијата се вика „Набрзинка“ – да дознаеш што се случило додека пиеш прво кафе.

Четот е за „ЗОШТО: Ако веста те заинтригира, тука влегува во игра AI водичот.  Преку чет со AI водичот, читателот може да истражи околу контекстот на веста, историја, дефиниции и позадина.
На пример: Ако веста е дека „Народна Банка ги качи каматите“, резимето ќе ви ги каже новите бројки. Но, ако го прашате четот, тој ќе ви објасни „Што е инфлација?“, „Како би влијаело на економијата’ и ‘Како тоа ќе се одрази на граѓаните?“.

Значи, да – веста е фактот, но апликацијата го дава и целиот контекст околу него.

Кој е технолошкиот стак за „Набрзинка“? Зошто ги избра токму овие технологии?

Google Gemini API: Го одбрав Gemini пред другите модели заради многу причини, но најмногу примарно заради една работа – неговата способност за Google Search Grounding. Тоа е ’тајната состојка’ што овозможува вестите да бидат точни и свежи.

Firebase: Целата инфраструктура лежи на Firebase. Тоа овозможува да нема фиксни трошоци за сервери, системот скалира автоматски.

React & TypeScript: За самата апликација, не сакав компромиси. Оваа комбинација ми гарантира дека апликацијата е ’лесна’ и брза за корисникот, а кодот е доволно робустен за лесно да се додаваат нови функции во иднина.

Дали користиш готов модел (на пример GPT-4 или Claude) преку API, или имаш некое свое custom решение оптимизирано за македонскиот јазик?

Готов модел, Google Gemini API и прецизен алгоритам со инструкции кој се грижи за тоа текстот секогаш да биде на македонски јазик.

Апликацијата е бесплатна и нема реклами. Дали ова е „passion project“ или имаш план како „Набрзинка“ ќе се развива и самофинансира во иднина?

Ова за сега е само  „passion project“, го направив пред се за мене и за мои блиски луѓе со кои делиме исти идеи за она како сакаме да се информираме. Но одзивот од многу луѓе беше премногу позитивен и многу луѓе всушност изјавија дека ова е алатката што им треба.

Така да, сето тоа ми дава голема мотивација да продолжам да ја доразвивам апликацијата доколку им се допаѓа на луѓето и им е од корист.

За тоа како ќе се финансира апликацијата во иднина воопшто немам размислувано, но доколку има луѓе кои ќе ја користат и ќе им служи, апликацијата ќе постои.

Имаш ли планови за дополнителен развој и функционалности?

Да, имам многу идеи со кои може да се додаде на вредност на апликацијата. Но, за сега би се задржал на core функционалностите и она што ја чини апликацијата во моментов, а за понатаму ќе видиме, има доста интересни работи што може да се имплементираат.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk