Најголем дел од апликациите за текст пораки кои се употребуваат денес тврдат дека податоците не може да ги види никој освен корисниците кои ги разменуваат пораките. Ова е случај и со платформата Telegram која тврди дека е исклучително ригорозна кога се во прашање барањата за споделување податоци.
„До денес имаме споделени 0 бајти податоци за корисниците до трети страни, вклучувајќи и држави“
Сепак Telegram досега неколку пати споделил податоци за своите корисници со Германската федерална полиција, открива Spiegel. Споделените податоци со германската агенција се однесувале на опасност од непосреден терористички напад и злоупотреба на деца. Надвор од овие барања Telegram навистина не споделил податоци.
Што е Telegram
Telegram е бесплатен сервис за размена на инстант пораки. Платформата нуди криптирани пораки, и е супер едноставна за користење. Поради ова е популарна кај многу корисници. На почетокот на оваа година Telegram го користеа над 550 милиони активни корисници.Telegram е достапен на Android, iOS, Linux, Windows и macOS. Им овозможува корисници од различни платформи да си испраќаат текст, аудио и видео пораки. Платформата овозможува и неограничено споделување на фајлови и документи помали од 2GB.
Корисниците на Telegram можат да креираат и групи со максимум 200 000 корисници, со функционалности како хаштаг, одговори, и споменување (mentions).
Основачот на платформата, Павел Дуров во 2018 година објави дека платформата ќе споделува информации за IP-адресите и телефонските броеви ако државни органи поднесат судски налог. Иако уште оттогаш беше најавено споделување на податоци за тоа како биле издавани овие податоци, до денес нема ниту извештај. Ова не е добра пракса за транспарентноста на компанијата. Споделувањето на информации кога има добра причина, најголем дел од корисниците нема да гo оспори. Но мора да има некаква транспарентност како и кога биле споделени овие податоци; колку често се случува; на чие барање; и кои се причините.
Добар показател дека постои комуникација помеѓу Telegram и Германската федерална полиција се стотици канали на германски екстремистички групи кои веќе се блокирани и недостапни. Токму запирање на екстремната десница е главна причина за акциите на германската полиција на Telegram. Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер е задоволна од соработката, но додава дека апликацијата и натаму е акцелератор на екстремисти.
Во 2018 Русија го забрани Telegram, откако платформата одби да им достави канал преку кој ќе може непречено да ги следат сите корисници. Во 2020 апликацијата се врати во Русија, но и од тука нема податоци за информациите кои ги споделуваат со властите во Москва.
Во Македонија полицијата соработуваше со Telegram на отстранување на групата „Јавна соба“. Овој случај е познат единствено поради присутноста во јавноста, со оглед на тоа дека Telegram нема официјален извештај, нема ниту информации за споделувањата.







