Bloodthief: Симфонија на брзина, крв и акробации

во гејминг

Bloodthief нуди ултра брзо и адреналинско искуство. Чедото на Blargis не се обидува да го редефинира жанрот, туку да го усоврши до неговата најчиста и најинтензивна форма. Поради тоа, доколку сакате да навлезете во предизвикувачки балет на насилство и движење, преземајќи ја, притоа, улогата на вампир кој користи паркор и брутална борба за да се движи низ опасни, проколнати зандани, тогаш, да, ова е исклучително долга реченица, а играта е апсолутно за вас! Наместо да бидат одвоени, движењето и борбата овде се испреплетени во една беспрекорна целина, создавајќи уникатно искуство што бара прецизност, брзи рефлекси и креативност.

Во Bloodthief вие не сте само пасивен истражувач, туку предатор чија ефикасност зависи од одржувањето на импулсот. Секое движење, без разлика дали е трчање по ѕидови, лизгање под препреки или скокање преку провалии, е дел од поголема кореографија на уништување. Клучната механика е апсорбирањето на крвта од поразените непријатели, која служи како гориво за натприродните способности и вртоглавото забрзување. Со овој систем, колку поефикасно ги елиминирате противниците, толку побрзо и пофлуидно се движите низ нивото. Ова создава прекрасен и адреналински маѓепсан круг на постојана акција. Нивоата се дизајнирани да го поддржат овој пристап, со бројни разгранети патеки, скриени кратенки и тајни кои ги наградуваат вештите играчи што експериментираат со своите рути.

Визуелната презентација на Bloodthief е во целосна хармонија со темната и брутална тематика. Имате на располагање готска естетика, со мрачни и атмосферски зандани, антички замоци и напуштени крипти. Дизајнот на околината користи игра на светла и сенки за да создаде чувство на клаустрофобија и постојана опасност, додека визуелните ефекти при борба се експлозивни и задоволувачки, со акцент на секој успешен удар и апсорбирана крв. Сличен впечаток ни оставија и скромните, но квалитетно изведени звучни ефекти.

Иако брзината е во преден план, Bloodthief не го занемарува аспектот на истражување и прогресија. Светот на играта е претставен како мистична земја со длабоки тајни што чекаат да бидат откриени. Зад секој агол и во секоја скриена просторија се кријат моќни артефакти, магични способности и делови од приказната кои го збогатуваат искуството. Откривањето на нова способност или оружје ем служи како статистичко подобрување, ем како алатка која може целосно да го промени начинот на кој пристапувате кон предизвиците.

Bloodthief нуди вистински тест на вештината што кулминира со чувство на неспоредливо мајсторство. Нема да бидете разочарани доколку уживате во ултра брзо напредување и елиминирање на непријателите, трчање по ѕидови, избегнување смртоносни замки, клоцање, сечење и масакрирање на се што ќе се осмели да се испречи на вашата патека. На крајот на денот, Bloodthief е искуство наменето за играчи кои уживаат во предизвикот и кои наоѓаат задоволство не во самата победа, туку во патот до неа – пат поплочен со пораз, учење и, конечно, совршена, смртоносна елеганција.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments