Turbo Overkill е игра која е како бескомпромисно брутално, брзо и адреналинско љубовно писмо до фановите на класичните бумер шутери од рангот на Doom, Quake и Duke Nukem 3D. Со излегувањето на Ultimate Edition, талентираните Trigger Happy Interactive се имаат погрижено да го прошират искуството, и, со самото тоа, да понудат комплетен и рафиниран пакет на интерактивна забава.

Гејмплејот во Turbo Overkill е експлозија од креативност и брзина, нешто што се должи на самиот дизајн на ликот и начинот на кој се управува. Имено, вие играте со Џони Турбо – половина човек, половина машина. Со нога опремена со моторна пила, вие сте платеник фрлен во киберпанк дистопијата наречена Парадајз и имате за задача да го исчистите „рајот“ од корумпираната вештачка интелигенција, Syn.
Џони може да трча по ѕидови, да прави двојни скокови, да се лизга и да касапи се со моторна пила, како и да користи кука за фаќање за да се движи низ вертикалните нивоа. Способностите се интегрален дел од борбата, овозможувајќи ви да ги избегнувате нападите и да се позиционирате за совршениот напад. Во комбинација со механиката Turbo Time – уникатна форма на забавено движење – се создаваат впечатливи и филмски моменти на уништување.
Арсеналот на оружје е подеднакво импресивен и екстравагантен, вклучувајќи двојни магнуми што нишанат кон повеќе цели, сачмарка со фрлач на гранати и снајперска пушка што ве телепортира во внатрешноста на непријателот, моменти пред истиот да експлодира. Парите кои ги „печалите“ со секој масакр може да се искористат за надградба на оружјето, инсталирање на моќни аугментации и отклучување на нови вештини, создавајќи длабок систем на прогресија.

Графичкиот стил во Turbo Overkill успешно комбинира ретро естетика со модерни ефекти, создавајќи свет кој се дави во неонски светла, индустриски пејзажи и дигитална корупција. Нивоата се комплексни и полни со детали, од валканите улици на Парадајз до футуристичките структури што се издигаат кон загаденото небо. Ултимативното издание дополнително го подобрува ова искуство со вклучување на Enhanced Visuals надградбата, која носи поостри текстури, подобрено осветлување и подинамични ефекти, правејќи го хаосот уште поимпресивен. Звучниот дизајн е клучен елемент што ја надополнува frenetiчната акција. Саундтракот е енергична мешавина од синтвејв и индустриски метал, совршено темпиран да го следи немилосрдниот ритам на играта. Звуците на оружјата се моќни и задоволувачки, додека експлозиите и звуците на распарчување на непријателите додаваат висцерален слој на секоја борба, правејќи го секој момент интензивен и незаборавен.

Ultimate Edition не е само порт за конзолите, напротив. Едицијата претставува дефинитивно искуство за сите играчи. Ова издание ги вклучува сите претходни надградби од PC верзијата, обезбедувајќи содржината да биде комплетна уште од самиот почеток. Но, пријатно ќе бидете изненадени доколку ја проверите играта на конзоли. Имате на располагање напредни конфигурации за контролери, поддршка за жироскопско нишанење на PlayStation 5, па дури и имплементација на адаптивни чкрапала на DualSense контролерот. Покрај техничките подобрувања, ова издание доаѓа со богат пакет на дигитални додатоци. Вклучен е дигитален арт-бук од 140 страници кој нуди длабок увид во визуелниот развој на играта, примерок од саундтракот, како и бесплатниот дигитален стрип Original Syn. Стрипот го истражува минатото на Џони Турбо и мотивите на неговите непријатели, додавајќи контекст на приказната за оние кои сакаат да навлезат подлабоко во светот на играта.

Turbo Overkill: Ultimate Edition е триумф на акциониот жанр и задолжително четиво за секој љубител на брзи шутери од прво лице. Играта не се срами од своето наследство и со секој свој аспект им оддава почит на класиците, но истовремено воведува доволно иновации за да се чувствува свежо и модерно. Синергијата помеѓу движењето и борбата, создавајќи беспрекорно искуство каде што брзината е вашето најголемо оружје. Доколку сте фан на игри како DOOM или Ultrakill, или пак со носталгија се сеќавате на златната ера на FPS игрите, тогаш Turbo Overkill ќе ви понуди сè што посакувате, и повеќе. Ultimate Edition е најдобриот начин да се доживее оваа неонска симфонија на уништување, нудејќи најрафинирана верзија и богат дополнителен материјал што го прави пакетот комплетен.
