Создадена од Крис Дарил, познат по хоророт Remothered, Bye Sweet Carole претставува храбар спој на рачно цртана анимација во стилот на класичните цртани филмови и мрачна, психолошка хорор приказна. Достапна за конзоли и PC, играта од петни жили сака да ве одведе на патување низ еден колку убав, толку и застрашувачки свет. Но, дали оваа уникатна комбинација успева да ги исполни високите очекувања?

Дејството е сместено во Англија на почетокот на 20-тиот век, период на големи социјални промени поттикнати од движењето за право на глас на жените. Во овој историски контекст ја запознаваме младата Лана Бентон, која тргнува во очајна потрага по својата исчезната пријателка, Керол Симонс.
Трагата ја води до сиропиталиштето Бани Хол, мрачна институција обвиена со тајни. Набрзо, Лана открива дека реалноста е многу посложена и пострашна отколку што можела да замисли, бидејќи се наоѓа заробена помеѓу суровиот свет на сиропиталиштето и мистериозното, надреално кралство Корола.
Овој фантастичен свет е контролиран од злобни суштества, вклучувајќи го злокобниот Кин, немилосрдната Веленија и орди од опасни зајаци. Приказната вешто ја испреплетува реалноста со кошмарот, принудувајќи ја Лана да се соочи со своите стравови за да ја открие темната вистина зад исчезнувањето на Керол.

Доколку не заклучивте од горниот опис, Bye Sweet Carole е наративна авантура која комбинира неколку клучни механики. Истражувањето на морничавите ходници на Бани Хол и бизарните пејзажи на Корола е централен дел од искуството. Принудени сте да решавате загатки кои често вклучуваат пронаоѓање и користење на предмети на инвентивен начин, слично на класичните point-and-click авантури од 90-тите.
Надвор од мирно решавање на мистерии, ќе наидете и на голем дел од напнати секвенци на прикрадување, каде што Лана мора да ги избегне смртоносните непријатели кои патролираат низ околината. Најоригиналната механика е способноста на Лана да се трансформира во зајак, што ѝ овозможува да пристапи до тесни премини и да избега од опасностите. Трансформација е одлично изведена и успева да ве вовлече во уште еден слој на длабочина, особено при решавањето на загатките и платформерските предизвици.

Визуелниот аспект на играта е, можеби најдобриот дел поврзан за Bye Sweet Carole. Секоја сцена, лик и анимација е рачно нацртана со огромна посветеност и љубов кон златната ера на анимацијата, потсетувајќи на раните дела на Дизни. Овој топол и навидум невин уметнички стил создава моќен контраст со мрачната и вознемирувачка содржина на играта. Резултатот е уникатна атмосфера која е истовремено волшебна и длабоко застрашувачка. Дизајнот на ликовите е исклучително меморабилен. Звучната подлога дополнително ја засилува атмосферата со меланхолични и напнати мелодии кои совршено го придружуваат дејството.

И покрај огромниот уметнички потенцијал и интригантната приказна, за некои играчи Bye Sweet Carole страда од сериозни технички проблеми кои го нарушуваат целокупното искуство. Имено,м дел од играчите пријавуваат голем број на багови кои можат целосно да го блокираат напредокот. Проблемите варираат од заглавување на главниот или споредните ликови во делови од околината, до исчезнување на клучни предмети неопходни за решавање на загатките. Овие технички недостатоци можат да ја претворат играта од напната авантура во фрустрирачко искуство, принудувајќи ги играчите на повторно вчитување на претходни позиции, а понекогаш и на целосно рестартирање. Авторите веќе работат на целосно искоренување на баговите за да не се нанесе преголема штета за насловот и да се загрози силната визуелна и наративна визија.

Bye Sweet Carole е солиден избор за љубителите на наративни игри, психолошки хорор и сите оние кои копнеат по носталгијата на класичната анимација. Ако сте уживале во наслови како Little Nightmares или Bendy and the Ink Machine, веројатно ќе ја пронајдете уникатната атмосфера на оваа игра привлечна. На крајот на денот, Bye Sweet Carole е игра со огромно срце и прекрасна визија, но нејзината душа може да биде привремено заробена во мрежа од технички недостатоци.








