Трката за создавање на следната генерација ИТ-таленти во Македонија

Како се зголемува побарувачката за софтверски инженери и експерти за податоци во Македонија се натпреваруваат два различни модели за тоа кој ќе ја обучи следната генерација на ИТ таленти: традиционалниот, државно-поддржан универзитетски систем и агилните ИТ-академии, водени од барањата на индустријата. Истовремено, сè повеќе студенти бараат побрзи патишта до вработување, зголемувајќи го притисокот врз двете страни да се прилагодат, или пак да заостанат во оваа трка.

Како да се обучи новиот бран на технолошки таленти станува еден од најкритичните приоритети на македонското општество, особено во поглед на иднината на IT индустријата. Со оглед на тоа што компаниите постојано се во потрага по вешт кадар, а студентите бараат итни и сигурни начини за вработување – образовниот систем почнува да го чувствува притисокот.

Трансформацијата е поттикната од две различни сили на спектрумот на технолошкото образование. Од едната страна стои ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), државна институција која нуди сеопфатни студии по компјутерски науки. Од другата страна се приватните ИТ-академии предводени од компании како Brainster, која започна како курс за стекнување вештини, а оттогаш еволуираше во акредитиран колеџ со амбиции кои ги надминуваат рамките на конвенционалното високо образование.

Заедно, тие претставуваат спротивставени, но и сè повеќе испреплетени пристапи: стабилниот, темелен напредок на универзитетите наспроти брзото, флексибилно искуство на академиите, фокусирано на пазарот. Во последниве години, тивката трка меѓу нив станува сè погласна, бидејќи и двете страни се натпреваруваат за обликувањето и снабдувањето на инфраструктурата на ИТ талентот во земјава.

Секоја година, приближно 1.500 студенти се запишуваат на ИТ и ИКТ студиски програми низ Македонија, при што јавните факултети како ФИНКИ имаат значителен удел, додека приватните универзитети и технолошките академии исто така придонесуваат со сè поголем удел во базенот на таленти.

Дарко Сасански

На само 23 години, Дарко Сасански е веќе демонстратор на ФИНКИ и инженер за машинско учење – патување што започна со неговото запишување во 2020 година.

„Моето искуство покажува дека факултетот ми обезбеди доволно цврста основа за работа на високо ниво“, вели тој. „Секако, самостојниот развој е клучен за секој студент кој сака да успее во ИТ-индустријата. Ако се искористи правилно, факултетот навистина може да ве подготви да станете способен инженер.“

Сепак, Дарко признава дека системот сè уште се прилагодува.

„Кодирањето се смени, алатките се сменија, а исто така и практиките во индустријата. Размислуваме како да ги спроведуваме испитите, па дури и како се одржуваат предавањата. Треба да ги прифатиме технологиите како вештачката интелигенција во процесот на учење, а веќе имаме околу 30 предмети кои покриваат различни аспекти од развојот на ВИ.“

Тој останува скептичен во врска со тоа што го нудат академиите. „На ФИНКИ се стекнувате со титула дипломиран инженер. Академиите нудат сертификати. Тие не се споредливи“, објаснува тој. „Некој можеби ќе научи да кодира со модерни технологии, но одредени основни работи едноставно не можат да се совладаат за шест месеци, па дури ни за една година.

Д-р Ристе Стојанов, продекан на ФИНКИ и доктор на науки по компјутерски науки и инженерство, исто така го дели тој став.

„ФИНКИ комбинира традиционално, фундаментално образование со практична примена. Академиите нудат обука за конкретни алатки или платформи. Тоа не е инженерство“, наведува тој. „Не ја омаловажуваме нивната улога, бидејќи очигледно постои потреба за тоа што го нудат – но тие не се наша конкуренција. Ние нудиме нешто суштински различно.“

Стојанов е горд што досега над 12.000 студенти поминале низ програмите на ФИНКИ во последната деценија. Сепак, тој ги истакнува и ограничувањата, како фактот што по 15 години, факултетот сè уште нема сопствена зграда. Имено, во последните три години, соработката со блиските факултети овозможи целосно изведување на наставата со физичко присуство во кампусот.

Ристе Стојанов

„Ја чекавме таа зграда низ пет различни влади“, истакнува тој. „И покрај тоа, остануваме во контакт со студентите и индустријата, прилагодувајќи се на нивните потреби без да даваме лажни ветувања дека некој може да научи програмирање за една година. Треба време да се совлада одредено знаење, а факултетите се местата кои го овозможуваат тоа“

Тој ја гледа улогата на ФИНКИ како долгорочна и стратешка.

„Исто така, градиме односи со институциите за да се осигураме дека сите наши студенти на кои им е потребна пракса можат да бидат поврзани со заинтересирани компании. Ако ИТ индустријата нема доволно отворени позиции, постојат различни улоги во рамките на институциите каде што тие можат да стекнат и техничко и деловно искуство“, нагласува Стојанов, додавајќи дека ваквите иницијативи ја поддржуваат целта на универзитетот да го гради и поддржува дигиталниот екосистем на земјата.

Од другата страна на дебатата, претприемачот Петар Ниновски, основач на edtech организацијата Brainster, тврди дека образованието мора да се движи со брзината на пазарот.

„Дипломата повеќе не гарантира работа“, објаснува Ниновски. „Младите дипломци се соочуваат со троен шок: вештачката интелигенција ги презема јуниорските позиции, пазарот се лади по пост-ковид бумот, а образованието не е усогласено со реалните потреби.“

Патувањето на Brainster започнува во 2015 година, кога Ниновски го согледува тогашниот јаз во општеството во поглед дигиталната трансформација.

„Образовниот систем не се променил суштински со децении. Многумина работат според моделот на ‘туркање’ (push) – тие одлучуваат што да предаваат без да примаат повратни информации од индустријата. Не постои механизам на ‘влечење’ (pull) за усогласување со она што е навистина потребно.“ објаснува тој.

Во 2022 година, компанијата го отвори Brainster Next колеџот, кој оттогаш има запишано над 200 студенти. Вкупно, повеќе од 13.000 студенти поминале низ вратите на Brainster, а над 2.800 сега работат во ИТ-секторот.

Петар Ниновски

„Во текот на последните десет години, обучивме луѓе да станат вработливи во полињата на дигиталната трансформација – програмирање, маркетинг, дизајн, наука за податоци. Обучивме околу 12.000 до 13.000 луѓе во овие области. Но, она што треба да го направиме во следните пет години е да обучиме уште најмалку 10.000 луѓе со вештини за вештачка интелигенција – консултанти, имплементатори итн.“, вели Ниновски.

Сепак, тој признава дека моделот на академии има свои граници. „Една грешка што ја направивме е што не се фокусиравме доволно на создавање претприемачи. Обучувавме луѓе да се вработат, а не да градат компании. Тоа беше голема грешка. Имаше неколку организации во земјата кои направија повеќе во таа област, но генерално, не беше направено доволно за да се промени тој начин на размислување“, размислува тој.“

Иако Brainster неформално соработува со универзитетски професори, сепак нивниот однос останува деликатен.

„Повеќето образовни институции не нè сакаат“, вели тој. „Сепак, еден од нашите најголеми придонеси е тоа што ги извадивме овие институции од нивното статус кво. Ги принудивме да иновираат.“

И покрај сите нивни разлики, двете страни всушност се согласуваат за повеќе работи отколку што не се согласуваат. Стојанов е многу јасен дека на пазарот му се потребни и двата вида вештини – длабоко теоретско знаење и веднаш применливи алатки. За да се одговори на ова, ФИНКИ започнува нова програма за партнерство со ИТ индустријата, која, како што истакнува тој, поминува низ предизвикувачки период поради балонот создаден од приливот на неквалитетен кадар во ИТ компаниите.

„Оваа ситуација влијаеше и врз нас како факултет. Кога студентите ќе почнат да работат, универзитетот често им станува втор приоритет, и тие пропуштаат да научат некои од фундаменталните вештини што треба да ги стекнат за време на студиите, заменувајќи ги со тесни, практични специјализации кои пазарот на трудот лесно може да ги замени со вештачка интелигенција“, вели Стојанов. Сепак, тој ја признава вредноста на краткорочните програми во одредени контексти. „Можеби ќе стекнете тесно специјализирана вештина, но врз основа на нашето искуство и бројот на студенти кои поминуваат низ ФИНКИ, потребно е време за да се совладаат концептите, а потоа да се разберат и применат“, додава тој.

За Ниновски, вистинскиот предизвик сега е како се најде начин да се зголеми производството на таленти за да се задоволат барањата на растечката технолошка економија, каде вештачката интелигенција и вештините поврзани со неа ќе имаат огромна улога.

„Можеме да произведеме стотици талентирани поединци, но тоа не е доволно за да се привлечат големи компании и индустрии. За да се случат поголеми работи, и државата мора да помогне оваа приказна да расте – со иницијативи, капитал и друго. Ако сакаме да го задржиме чекорот со вештачката интелигенција, ова треба да се случи што е можно поскоро“, вели тој.

И иако можеби не секогаш имаат исто мислење, државните институции и приватните академии се водени од истата мисија, а тоа е да се осигура дека ИТ индустријата на Македонија ќе остане конкурентна.

„Потребен ни е образовен систем каде сите компоненти – институциите, формалното и неформалното учење и културните фактори – работат синхронизирано. Само тогаш можеме постојано да произведуваме врвен талент, подготвен кога на пазарот му е потребен. Подеднакво клучна е и јасна национална стратегија: каде се гледа земјата во следните десет години? Тоа е прашањето што треба да го води целиот овој процес“, заклучува Ниновски.

За Стојанов, ИТ индустријата, под водство на образовниот систем, треба да го пренасочи својот акцент од аутсорсинг кон градење на технолошки компании и стартапи кои развиваат сопствени производи.

„Веќе имаме десетици примери на студенти и алумни кои создадоа многу успешни стартапи и компании, и се надеваме дека во иднина ќе видиме уште поуспешни примери кои ќе се монетизираат преку силни бизниси. Тоа е иднината, и таму треба да го насочат својот фокус и студентите и оние во ИТ индустријата“, истакнува тој.

На крајот, и јавниот сектор и приватните образовни установи работат кон истиот исход: градење на технолошка работна сила подготвена за иднината. Сепак, постигнувањето на таа цел ќе бара подобра координација помеѓу формалното образование, алтернативните патеки за учење и долгорочното национално планирање. И како што расте технолошката економија на Македонија, така расте и потребата за таленти – не само во квантитет, туку и во квалитет и подготвеност. За да се постигне оваа цел пак, двете страни треба да ги зголемат своите напори и да се фокусираат на градење посилен канал за иновации и развој на производи.


Оригиналната приказна е објавена на веб-страницата на Swiss EP.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments