Рекорден број на запишани студенти, највисока оценка за инструкторите, најмногу изработени реални проекти, најголемиот организиран хакатон во живо, најголем број на вработени во тимот, и основање на првиот акредитиран практичен ИТ-факултет, Brainstеr Next College.
Годинава во Бреинстер (Brainster), најуспешната Еd-Tech организација во земјава, сѐ оди во нагорна линија. Но, оттаму велат дека успесите никогаш не си ги препишуваат сами на себе, бидејќи сѐ постигнале заедно со својата заедница – инструкторите и професорите, соработниците и секако, нивните студенти.
„Сиот наш успех што го постигнавме во 2022 година е рефлексија на напорна работа, вештини, посветеност, тренинзи за вработените, инструкторите и професорите и довербата што ни ја даваат нашите партнери и илјадници студенти. Ова можеби изгледа лесно однадвор, но сепак, градење на образовна организација е една од најмалку едноставните и најкомплексните бизниси што постојат. Затоа, благодарам на сите за сѐ“, вели Петар Ниновски, основачот на Бреинстер и на Бреинстер Некст колеџ.
Тој додава дека активностите и влијанието на Бреинстер се зголемуваат, а уште поверојатен е понатамошниот раст.
„Нашите студенти бараат повеќе висококвалитетни можности за учење и вклучување во индустријата. Влијанието на нашата организација постојано расте, а со тоа и нашата одговорност. Но, нашиот фокус ќе остане ист – да бидеме првиот избор на студентите во Македонија заинтересирани за градење кариери во технологија и бизнис, да станеме најдоброто место за работа и првиот избор за компаниите за да ангажираат таленти за технологија и бизнис“, вели тој.
Ниновски исто така објаснува и зошто организацијата постои и која е главната мисија.
„Целта на Бреинстер и на Бреинстер Некст колеџ е да обезбедат раст и развој за луѓето во Македонија и регионот, и да ги подготват за да придонесат кон просперитетот на општеството. Тоа е систем во кој студентите се радуваат на учењето, а вработените и учителите со задоволство ја работат професијата. Тоа е систем кој ги препознава разликите меѓу студентите и разликите меѓу наставниците и вработените. Затоа, и понатаму ќе продолжиме да применуваме посветеност, напорна работа, обуки и сите наши расположливи ресурси – од луѓе и нивните вештини и мотивација, до финансии, технологија, култура и углед – за успешно спроведување на стратешките иницијативи за успех на нашите студенти“, вели Ниновски.
Рекорден број на запишани студенти годинава – 1.306
Една од бројките на која тимот особено е горд се запишаните студенти во оваа година. Рекордната бројка од 1.306 запишани студенти на академиите и на факултетот заедно, била изненадување и за тимот.
Бранкица Василева, тим лидер на Student Success тимот во Бреинстер кој се грижи за тоа секој студент да го добие она што навистина му треба додека учи, вели дека ова е дефинитивно нешто на што се радуваат.
„Ова е бројка што не ја очекувавме, но ја посакувавме. Истата, како организација нѐ става пред голем предизвик – како не само да го задржиме квалитетот на образовните програми, туку и ние да станеме подобри во искуството кое го креираме за студентите, со цел тие да се мотивирани и да станат поуспешни и повработливи. Ние посветено работиме за да ја оправдаме довербата што студентите ни ја даваат, а доказ за тоа се најуспешните уписи што сме ги имале досега“, вели Василева.
Таа открива дека голем дел од запишаните студенти доаѓаат во Бреинстер по препорака на некој алумни. Ова, за нив претставува потврда дека севкупната грижа за секој од нив е ценета од нивна страна и дека тие се задоволни. Она што постојано го прави тимот на Бранкица е континуирано следење на секој студент во процесот на учење, следење на успешноста на секоја група на студенти и одговор на фидбекот што го добиваат од нивна страна.
„Ние ги следиме студентите постојано, а добиваме и неделен фидбек од нивна страна за програмата и модулите што ги изучувале, за инструкторите, за работата во група со колегите итн. И секако, соодветно одговараме на тој фидбек, сѐ со цел, секој студент да биде задоволен од она што го добива како знаење, вештини и вредност од Бреинстер и да може да го искористи тоа знаење за подобра иднина. Она на што особено сум горда е годинешната оценка за нашите инструктори која е 4,91 на скала до 5. Нашите инструктори кои во моментов се 102 на број се секако алката која нѐ поврзува сите и без нивната посветеност, желба и вештини за пренесување на знаење, ние нема да сме толку успешни. Затоа, едно големо „Благодарам“ до сите нив“, вели таа.
Најголемиот Бреинстер хакатон во живо – 125 учесници
Бреинстер во 2022 година оствари рекордни резултати и во делот на Co-Innovation & Hiring. Годинава, студентите работеле на вкупно 125 реални проекти, а организирани биле 21 хакатон. Како јаготка на шлагот, пред само неколку недели во просториите на Бреинстер се одржа најголемиот Хакатон во живо на кој учестуваа 125 учесници.
На истиот, студентите 48 часа работеа на решение за мобилна апликација и интерна апликација за REDI и REDI рециклажа која ќе ја поврзе организацијата со домаќинствата, ќе им го организира пристапот до селектираниот отпад на нивните формални собирачи (зелените агенти) и ќе им помогне поефикасно да комуницираат меѓусебе. Идејата е со дигитализација на услугата за бесплатно собирање на неопасен отпад како хартија и пластика, собирачите на отпад да се поврзат со заедницата и на достоинствен начин да го прибираат селектираниот отпад. Победничкото решение се избра на REDI SUMMIT.
Инаку, тимот за Co-Innovation Hiring соработува со 161 компанија од Македонија и од странство. Овие компании вработуваат студенти од Бреинстер академиите и им обезбедуваат реални проекти за практична работа како и пракса.
Оваа добра практика се пренесува и на работата на Бреинстер Некст колеџот, кој вратите за првите студенти по насоката Софтверско инженерство и иновации ги отвори во октомври оваа година.
Бреинстер: Наша визија е да ја поддржиме дигиталната трансформација
Годинава тимот на Бреинстер се зголеми на рекордни 58 вработени.
Татјана Јанева, менаџер за човечки ресурси во Бреинстер вели дека компанијата може да се опише како организација која има холистички пристап кон своите вработени, нудејќи поддршка во сите сфери, професионално и приватно, односно организација која во целост се грижи за своите вработени.
„Позитивната компаниска култура, која се состои од континуирано учење и професионално надградување на сите вработени, постојаната поддршка од лидерите на тимовите, менторството и давањето насоки во текот на работењето, а особено тимскиот дух кој е клучен фактор за успешно работење, придонесуваат за градење на успешна Бреинстер приказна“, вели таа.
Од Бреинстер потенцираат дека овие рекордни резултати се постигнати со многу труд, знаење, тимска работа и посветеност и дека во годината што ни претстои, ќе продолжат да работат уште попосветено со цел да продолжат да нудат образование за кариерите од иднината.
„Со сето наше знаење и многу труд, ние на поединците им овозможуваме подготовка на кариерен развој, преку совладување на дигитални и други вештини релевантни во новиот работен свет. Наша визија е да ја поддржиме дигиталната трансформација на глобално ниво, преку создавање на подобра иднина за што повеќе луѓе во текот на целиот процес“, велат од Бреинстер.