Не ни се верува дека поминаа повеќе од 10 години од излегувањето на Guild Wars 2. За многумина, ММО играта на ArenaNet се смета за една од најдобрите ММО наслови. По три чистокрвни експанзии, развојното студио и понатаму продолжува со полна пареа и бројот на играчи и понатаму останува исклучително висок.
Четвртата експанзија за играта малку ја размрда претходно-воспоставената формула со првите три експанзии. Па така, Secrets of the Obscure ja дели експанзијата на три клучни делови. Денеска излезе вториот дел од експанзијата и решивме да одново да се навратиме на играта и да ви кажеме зошто е сега одлично време да се провери играта.
1. Нова приказна
Secrets of the Obscure започнува нова приказна во свет кој е целосно лишен од корупцијата на змејовите. Но, тоа не значи дека Тирија е конечно безбедна и нова закана лебди над обединетите народи. Вашата задача ќе биде да ги откриете тајните на волшебната кула и да се справите со нова армија од непријатели.
Како и со претходните експанзии, така и во Secrets of the Obscure на сите ликови им се позајмуваат гласови на одамна-докажани актери (чисто за пример, зад машкиот лик од расата на луѓето и понатаму стои актерот Нолан Норт, ака Нејтан Дрејк, а на женската силвари, гласот и го позајмува Ценифер Хејл, Fem Shep, од Mass Effect).
Приказната во Secrets of the Obscure е кратка, но е со внимателно напишани дијалози и неколку непредвидливи престврти, а од денеска ќе можете да ја продолжите на целосно нова територија… ова нѐ води кон втората причина.
2. Три огромни територии за истражување во новата експанзија
Guild Wars 2, заедно со сите експанзии, има една од најголеми територии во една ММО игра и доколку сакате да поминете сѐ, ќе ви треба исклучително многу време. Кога излезе Secrets of the Obscure, на располагање имавме две огромни и преубави територии, полни со најразлични активности.

Новото поглавје, Through the Veil, ве води на нова и возбудлива територија, овојпат длабоко зад непријателските линии и во светот на демоните. Со наредното надополнување, кое би требало да биде во новата година, штотуку отклучената мапа Најос дополнително ќе се прошири, паралелно со продолжување на приказна.
3. Нова сезона во Wizard’s Vault
Wizard’s Vault е еден вид бесплатен battle pass преку кој отклучувате најразлични работи од козметички, функционален или профитабилен карактер. Преку извршување секојдневни активности добивате валута со која можете да купувате најразлични изгледи, материјали, или опрема. Како една од најдобрите работи што можете да купите е нецелосен сет за легендарно оружје, но тука-и-таму ќе најдете и многу други корисни работи, особено доколку редовно ги извршувате дневните, неделните и сезонските предизвици кои, рака-на-срце, воопшто не се тешки.

Од денеска, Wizard’s Vault е освежен со нови работи со кои можете да си се почестите. Ние едно легендарно оружје направивме во првата рунда, а со присобраната валута веќе го зграпчивме вториот кит.
4. Нови masteries
Masteries беше систем кој ArenaNet го воведе со првата експанзија и, од тогаш па наваму, системот се покажа како интересна механика со која играчите можеа да работат на трајно отклучување корисни способности кои можат да ги користат сите ликови. Со новата експанзија, се работеше на Masteries за летачкото животно Skyscale, отклучување нови богатства, уредување на новото место за социјализација и при отворање и затворање на демонските процепи.

Од денеска, може да се работи на отклучување уште еден мастери, кој е поврзан за ловење легендарни криптис суштества. Ова донесува нов предизвик и спин на целата мини игра со процепи и ви дозволува полесно справување и извлекување подобри награди.
5. Нови козметички и функционални работи
Згора на сево ова што до сега кажавме, од денеска имате на располагање и нови инфузии (кои драстично го менуваат изгледот на вашиот лик), нова опрема и нови скинови, како и нови реликти. Реликтите по првпат беа воведени со Secrets of the Obscure и се замислени за отклучување моќни способности, како дополнителни напади при користење елитна вештина, зголемување на шансите за критички удар секојпат кога ќе избегнете напад, и слично.

Тука некаде ќе наидете и на нов предизвик при страјкот Cosmic Observatory и нови ресурси кои ќе помогнат за долго-очекуваниот легендарен оклоп кој се очекува со наредното и последното главно надополнување од експанзијата.
Назад во Тириа!
Нова приказна на нова и непозната територија заедно со бројни награди и надградби! Сево ова уште еднаш го цементира нашето верување дека играта и понатаму стои на тронот со најдобрите ММО игри и ќе продолжи со силна пареа во 2024 година!







