Квалитетни ММО игри се вистинска реткост и можат да се избројат на прсти од една рака. Низ годините паметиме бројни ММО игри кои се појавија само за да бидат безмислосно згазени од времето. Мал број игри, меѓутоа, ја одбиваат таквата судбина. Постојано еволуираат, се прошируваат и ги окупираат мислите на гејмерите со впечатливи приказни, комплексни механики и уникатни режими на игра. Guild Wars 2 e одлична ММО игра, а нашата цел е да ве убедиме зошто токму 2021 година е одлично време да ја проверите играта.
1. Имате пет игриви раси. Секоја од расите е уникатна во поглед на изгледот, приказната и областа во која се започнува авантурата. Charr се огромни, ратоборни суштества, а Asura се малечки, арогатни мислители кои задоволство пронаоѓаат во интелектно наметнување супериорност. Sylvari се благородни суштества кои позајмуваат карактеристики на дрвја и билки, а Norn се џинови кои гледаат слава во безизлезни битки и ловови. Во сево ова, луѓето се трудат да го најдат своето место под сонцето со покажување флексибилност и неуморност.

2. Основната игра се одликува со осум професии. Секоја професија значително се разликува како во поглед на оружјата кои може да ги користи, така и во поглед на способностите. Mesmer доминира со поставување клонови и повикување деструктивни илузии, а Elementalist влече сила од четирите елементи и пали, лечи, дроби или прострујува низ бојното поле како да ќе нема утре. Играње со бројни специјализации и комбинации се чини како да нема крај, а бројното експериментирање ве наградува со динамични стилови на играње.
![I created a Guild Wars 2 background consisting of ALL of the professions! You are free to use it! More details in the comments! [1900x1200] : Guildwars2](https://external-preview.redd.it/T5VnMMXOBANQx74730Nb1j2F7OdlQwEsvfVLN4vRHsc.jpg?auto=webp&s=203fa6496b1ac14a2a92400152471335e90dfa31)
3. Долга приказна која се расчленува во зависност од вашите одлуки. Во oдредени моменти можете да одберете дали да одите со директен напад или да примените прикрадувачки тактики, дали да поддржите една група или друга. За возврат, вредноста на преигривање се зголемува, особено кога ќе ја земете точката 4 во предвид.

4. Играта има целосна гласовна поддршка и талентирани актери го позајмуваат гласот на секое лице со кое ќе наидете во контакт. Претходно споменавме дека имате пет игриви раси. Но, покрај расата можете да изберете и машки и женски пол. Во зависност од избраното, на вашиот херој му се позајмува еден од 10 можни актерски гласови. Па така, доколку одберете маж од расата луѓе, гласот се позајмува од еден-и-единствениот Нолан Норт (Uncharted). Гласот на женската Sylvari, пак, се позајмува од Џенифер Хејл (Mass Effect).

5. Светот во Guild Wars 2 е запрепастувачки огромен. Во зависност од избраната раса ќе бидете сместени во уникатен регион кој подоцна се проширува во уште четири дополнителни. Расата Norn ве сместува во студени планински предели, додека Sylvari се во густо населени шумски области и џунгли. Кога се работи за разноликост во мапите, Guild Wars 2 има за извоз!

6. Бројни споредни активности преколнуваат за вашето внимание и влијание. Во зависност од тоа каде сте, ќе наидувате на различни динамични настани. Некој треба да се одбрани, друг треба да биде придружуван, трет бара да му се спаси селото, четврти бара да се маскирате и инфилтрирате зад непријателски линии, а петти сака да ве претвори во волк и да ви дозволи да станете едно со вашата дива природа. Нема крај на ваквите динамични настани, можете да ги решите до самиот крај, а можете и на кратко да се вмешате, па да си продолжите кај сте си пошле. За да ја земете наградата од настанот, треба само да дадете мал доприност, нема пенализација доколку не останете до крај.

7. Низ скоро сите региони имате таканаречени Renown Hearts. Доколку се задржите во областа околу срцето и помогнете во извршување бројни активности, срцето ќе се пополни, а вие ќе добиете пристап до уникатна опрема или оружје. Секое срце има различни мисии, а еднаш кога ќе ги комплетирате нив, може да се префрлите на откривање точки од интерес, впечатливи висти, точки за телепортација и многу повеќе!

8. Апсолутно сè во играта може да се заврши со пријатели. Независно дали се работи за некоја мисија од вашата кампања или пак некој динамичен настан, лесно можете да се приклучите во група и да започнете заедничка авантура. Ова е особено интересно кога ќе се појави предизвикувачки групен настан или бос.

9. Скоро сè во играта можете да го завршите сами. Сакате да се релаксирате и сами да го истражувате светот, без надворешни притисоци кои би можеле да бидат наметнати во група? Апсолутно никаков проблем, одберете регион и започнете со шетање. Guild Wars 2 е игра која е подеднакво забавна и кога сте во група и кога сте сами.
/cdn.vox-cdn.com/uploads/chorus_image/image/17463805/gw2.0.jpg)
10. Заедницата ќе ве пречека со раширени раце. Доколку имате некое прашање поставете го во четот и за брзо време ќе добиете одговор. Често се случува во почетните зони да има ветерани играчи кои се пријавуваат за пружање каква било помош на почетните играчи. На располагање имате и гилдови на кои можете да се приклучите, да се социјализирате, да ја украсувате вашата Guild област, но и да земате учество во уникатни активности со останатите играчи од гилдот.

11. PvP се одликува со бројни режими во кои можете да си ги одмерите силите. Секоја мапа има одредени цели на кои треба вашиот тим да внимава доколку сака да издвои победа. Па така, на една мапа може да земете моќен артифакт кој ви дава втор живот, а на друга користите требуше за да ги бомбардирате непријателите и клучните точки. Наградите кои ги земате преку PvP дефинитивно не се за потценување.

12. WvW е уште еден PvP настроен режим кој ве преселува на огромна мапа во која си ги одмеруваат силите стотици и стотици вистински играчи, поделени во три тима. Уништувате и заземате непријателски замоци, пресретнувате непријателски линии и ресурси, градите ѕидови, катапулти, штитови и бројни инструменти за масовна деструкција и многу повеќе. Со искусен командант кој знае како да ве организира и води, WvW станува хаотичен и генијален режим каде се чуствувате како да сте запчаник од огромна, одлично подмачкана машинерија.

13. Зандани или Dungeons се PvE инстанци каде вие и вашиот тим од до пет играчи ги здружувате силите за да поминете низ предизвикувачки бранови од непријатели. Секоја од деветте зандани има режим кој првенствено се фокусира на приказната и попредизвикувачки режим која бара значително добра координација.

14. Фрактали се посебна форма на мини зандани каде се стремите на брзо, но заедничко решавање загатки и спротивставување со босови. Одредени механики кои се својствени само за овој мод бараат константно усовршување и надградба, особено за левели со поголема тежина, но и подобри награди.

15. Рејдови се PvE инстанци со 10 играчи. Фокусот е на предизвикувачки борби и механики, а задолжително се бара спартанска координација, правилно позиционирање и соодветни билдови. Рејдови се препорачуваат само за најискусните и најтрпеливите играчи. Пред да започнете и да размислувате за рејдови, можеби не е лошо да ја проверите следната точка.

16. Strike мисии функционираат на сличен начин како и рејдови но целта им е подобро да ве приближат до ултимативниот предизвик. Гледајте на страјк мисиите како на одлични тренинг сесии кои ем се возбудливи ем кријат корисни награди.

17. Heart of Thorns е првата експанзија која воведе нови региони, нова приказна, нова професија и специјализации, како и нови моќни надградби кои се активни за сите ваши херои. Една таква мастери надградба ви дозволува да скокнете од каде било и да започнете да лебдите низ воздухот, пружајќи ви целосно нови начини за истражување на огромниот свет.
18. Path of Fire е втората експанзија која конечно нѝ дозволи да ја истражуваме кристалната пустина и да ја искусиме епската борба со Балтазар. На располагање ја имаме една од најдобрите приказни во серијалот, запрепастувачко убави региони за истражување како и пет уникатни животни за јавање. Ако рапторот нѝ дозволува да правиме огромни хоризонтални скокови, спригерот нѝ дозволува да се искачиме на високи места кои претходно ни беа исклучително предизвикувачки или недостижни. Со едно друго животно пловиме низ водените површини, а со друго летаме. Path of Fire направи целосна ревитализација и GW2 доби значително побогата димензија.
19. Living World се бројни сезони полни со епизоди кои се исфрлаат помеѓу излегувањето на експанзиите. Третата сезона има шест епизоди. Секоја од епизодите се одликува со нова приказна, нов регион, нови оружја, опрема и облека. Четвртата сезона исто така има шест епизоди, а покрај сè од горе-наведеното нѝ отклучи уште две животни за јавање, неисклучувајќи го феноменалниот змеј со кој имаме целосна контрола во воздушниот простор.

20. End of Dragons ќе биде третата еспанзија која би требало да се појави летово и да нѝ дозволи да ја истражиме Канта. Поголемиот број од новитетите се држат во тајност, но ние се осмелуваме да претпоставиме дека би можеле да добиеме нова раса за играње (Tengu), комплексен housing систем, како и можност за AI контролирани сопатници.
21. Фер политика во поглед на микротрансакции. Работите кои ги купувате од продавницата имаат првенствено козметички вредности. Одредени алатки кои можете да ги купите дефинитивно го олеснуваат вашето искуство, но на никој начин не ве прават посупериорни од оние кои не посегнуваат по паричникот. Guild Wars 2 има една работа која во ниедна друга ММО игра не сме сретнале. Ви дозволува златото што го собирате преку играње во играта да го трансформирате во премиум валутата која се купува за вистински пари. Тоа значи дека доколку ја играте GW2 можете да го преточите златото во gems и да купите премиум работа од продавницата, како нов костим, изглед за оружје, и слично.

Тоа беа нашите причини зошто сметаме дека 2021 година е одлична година за (повторно) втурнување во Guild Wars 2. Се надеваме дека ќе ѝ пружите шанса на играта и дека ќе проверите некој од бројните уникатни режими.
[…] […]