Во веќе најавен потег, новиот претседател на САД, Доналд Трамп ја одложи забраната на TikTok. Toj потпиша извршна наредба со која спроведувањето на законот што ја забранува платформата TikTok во САД е одложено за 75 дена. Наредбата вклучува и заштита од одговорност за компаниите кои соработуваат со популарната апликација за споделување видеа.
Овој потег следи по контроверзите околу националната безбедност и обвиненијата за TikTok. Платформата во сопственост на кинеската компанија ByteDance, е осомничена дека се користи за шпионажа и собирање податоци за американските корисници. Законот, донесен во април минатата година, предвидуваше строги казни за компаниите кои продолжуваат да поддржуваат TikTok.
“Во суштина имам право да го продадам или затворам TikTok”, вели Трамп од Овалната канцеларија додека ја потпишува извршната наредба. Сепак, додаде и дека неговата администрација работи на „заедничко вложување“ со неименувани американски и странски партнери. Според него, ова ќе биде доволно за заштита на националната безбедност, а апликацијата ќе остане достапна за над 170 милиони Американци.

Пред потпишувањето на наредбата
Законот, кој стапи на сила на 19 јануари, веќе предизвика турбуленции. Компаниите како Oracle и Akamai првично го прекинаа хостингот на TikTok. Google и Apple ја отстранија апликацијата од нивните продавници. TikTok дури и привремено ги исклучи своите сервери, оставајќи милиони корисници без пристап.
Меѓутоа, на само еден ден пред стапувањето на законот, Трамп, тогаш уште пред да стапи на должност на Truth Social најави дека планира извршна наредба за одложување на забраната. Ова доведе до повторно активирање на серверите на TikTok и обновување на поддршката од Oracle и Akamai. Сепак, Google и Apple останаа претпазливи, повикувајќи се на правни ризици и потенцијални казни. До моментов на пишување на текстот апликацијата не е достапна на Google Play и App Store.
Економската моќ на TikTok
И покрај правните и политичките [i]предизвици, TikTok продолжува да биде вистински технолошки и економски гигант. Само во САД во 2024 година TikTok генерирал околу 8 милијарди долари од рекламни приходи покажува истражувањето на Omdia кое го пренесе Variety. Светската заработка на TikTok е 63,3 милијарди долари и е речиси двојно повеќе од глобалните приходи на YouTube, кои изнесувале 33,3 милијарди долари.
Со 1,9 милијарди активни корисници месечно на глобално ниво, од кои 145 милиони се во САД, TikTok ги надмина Instagram, Facebook и Netflix како водечка платформа за корисници на возраст од 18 до 35 години. Неговото влијание особено се истакнува во шпанските и латино заедниците. Овие заедници ја користат платформата почесто од другите групи.
“Сите приходи на TikTok доаѓаат од рекламите. Ако го споредите со Netflix, Meta или Disney, бројките се неверојатно,” вели извештајот на Omdia.
Интересно, потенцијалната забрана која и натаму може да се потврди, веројатно ќе доведе до зголемување на ангажираноста на корисниците со платформи како YouTube и Meta. Со ова, значително ќе порасне и заработката на овие компании.
Што следува?
Иако извршната наредба на Трамп привремено ја одложува забраната, иднината на TikTok во САД останува неизвесна. Компаниите кои соработуваат со платформата се соочуваат со правни ризици, додека политичкиот притисок за решавање на прашањето за сопственоста на ByteDance не се намалува.







