TikTok предизвикот Kia Challenge ги принуди KIA и Hyundai да издадат софтверска надградба за милиони возила.
Неофицијално предизвикот придонел за 14 сообраќајни незгоди и 8 жртви, а започна од Kia Boiz. Во повеќе TikTok видеа е демонстриран начинот како да се украдат модели на Kia и Hyundai користејќи широко достапни алатки. За кражба на возилото се користи единствено шрафцигер и USB-кабел. USB-кабелот не е неопходен, и единствено се употребува бидејќи има соодветна форма да го заврти палењето откако ќе биде скршена бравата.
За едноставноста за кражба придонесува недостатокот на многу од моделите на Kia и Hyundai, произведени од 2015 до 2019 година. Возилата немаат електронски имобилизатор, што овозможува крадецот да го запали возилото откако ќе ја скрши бравата за палење.
Интересно проблемот е специфичен и зависи од пазарот. Возилата кои Kia и Hyundai ги продаваат во Канада на пример мора да имаат имобилизатор, па Kia Challenge не функционира на овие возила.
Софтверската надградба е достапна за 3,8 милиони возила од Hyundai и 4,5 милиони возила од Kia. Софтверот најпрво е достапен за најпопуларните и најпродаваните возила на двата производители. Надградбата ќе донесе неколку промени. Времетраењето на алармот ќе биде продолжено од 30 секунди на 1 минута. Дополнително ќе биде неопходно клучот да биде во бравата за да може да се запали возилото. За некои од возилата ќе бидат променети и дополнителни контролни модули. Возилото заклучено со „копче“ автоматски ќе го активира алармот и ќе биде активирано блокирање на палењето. За воопшто да може да се запали возилото, најпрво ќе треба да се „отклучи со копче“, па дури потоа ќе биде одблокирано палењето.
Insurance Institute for Highway Safety во истражување во септември откри дека возилата на Hyundai и KIA без имобилизатор во САД се крадат почесто од просекот. Стапката на крадење за овие возила е 2,18 од 1000. Просекот за сите останати возила е 1,21. Како последица State Farm престана да нуди осигурување за некои модели на Hyundai и Kia кои биле честа цел на нападите.