Американската администрација пронајде начин да ја блокира продажбата на кинески возила. За да ги заштити домашните производители на возила американската администрација најпрво двојно ја зголеми царината. Ако ова не е доволно, сега предложи и целосна забрана.
Забраната доаѓа во два дела. Забрана на возила кои имаат софтвер или хардвер направен во Кина. Иако забраната ќе биде добредојдена за производителите, властите имаат поинакво објаснување. Овие возила би можеле да се користат се следење, па дури и за саботажа. Следењето е лесно да се објасни, а за саботажата објаснувањето е дека поголем број на возила наеднаш би можеле да бидат изгасени со што би се направил хаос во сообраќајот.
Пред предлогот за забрана администрацијата неколку месеци работела на истражување за потенцијалните ризици. Истражувањето започнало во февруари. Заклучокот е дека возилата со софтвер или хардвер произведен во Кина или Русија се потенцијален ризик по националната безбедност. Овие примери секако се екстремни и не изгледаат премногу веројатно, но се чини дека се доволни за властите да размислуваат за забрана за увоз.
„Во екстремни ситуации, странски непријател може да ги изгаси или да преземе контрола врз возилата кои возат на патиштата во САД и да предизвика сообраќајни незгоди или да ги блокира патиштата.“, вели Џина Рајмондо, секретар за трговија.
Правилата опфаќаат речиси сѐ, од Bluetooth и безжични мрежи, до сателитски интернет. Покрај компонентите за поврзување, опфатени се и куп сензори, електроника, камери, до онборд-компјутери. Ова во општ случај ќе значи дека некои од производителите на возила ќе мора да пронајдат нов извор на компоненти и електроника.
Кога квалитетот на електричните возила е во прашање, нема никакво сомневање дека возилата произведени во САД се подобри. Сепак, иако Маск со години ветува поевтин Tesla автомобил ова и натаму е неостварено. Кинеските возила се полоши, но се продаваат за 10 000 долари, а можат да поминат до 300 километри со едно полнење на батеријата. За илустрација најевтиниот модел на Tesla – Model 3 може да извози 580 километри со едно полнење. Но чини барем 34 990 американски долари.
Ниту возила, ниту електроника
Законот се однесува на возила, но и на компоненти. Ниту возилата произведени во САД нема да може да доаѓаат со хардвер или софтвер произведен во Кина.
Ова е заострување на мерките, покрај ригорозните покачувања на царината на автомобилите, батериите и на минералните суровини од Кина, пишува Verge. Законот е дел од „трговската војна“ помеѓу двете држави, која веројатно ќе продолжи без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД.
Забраната ќе биде воведена во две фази. За софтверот забраната започнува за возилата произведени од 2027 година, а за хардверот за возилата произведени во 2030 година. Законот нема да важи за возилата кои се веќе присутни на патиштата во САД.
Ова изгледа на злоупотреба на националната безбедност за да се ограничи увозот, но ниту Кина не е сосем невина. Во 2021 година тие го забранија користењето на Tesla во воените бази поради стравување дека возилата може да се користат за шпионирање. Интересно, овој страв ќе се покаже како основан. Подоцна беше објавено дека вработените во Tesla си споделувале податоци од возилата на клиентите, пишува Ars Technica.