Hell is Us: Незаборавно патување кое не ве држи за рака

во гејминг

Во случај да ви е преку глава од бројните модерни игри кои константно ве водат за рака низ нивните светови, канадското студио Rogue Factor ќе се потруди целосно да ве импресионира со нивниот храбар и освежителен концепт. Hell is Us е акциона авантура во која ќе заборавите на мапите, маркерите за мисии и сите вообичаени помагала на кои сте навикнати. Оваа игра ве фрла во суровиот, изолиран свет на Хадеа каде првенствено сте вооружени само со вашите инстинкти и способноста за набљудување.

Hell is Us, акциона авантура од трето лице развиена од канадското студио Rogue Factor и издадена од Nacon

Уникатна идеја

Hell is Us се центрирани околу два основни принципи: интензивна борба одблизу со уникатни натприродни суштества и истражување на светот без никакви маркери за задачи или навигациски помагала. Оваа двојна фокусираност е во срцето на филозофијата на играта, која се стреми да ја врати радоста на откривањето и да ја стави довербата во интелигенцијата на играчот.

Според ваквиот уникатен концепт намерно се елиминираат вообичаените помагала како мапи и маркери за квестови. Имате компас, да, но, целта на таа алатка е само благо да ве ориентирa.. Примарната цел е да ве поттикнат да се потпрете на вашите инстинкти и да набљудувате за да напредувате низ полуотворениот свет на Хадеа. Ова е одлично изведено и, најискрено, не паметиме кога последен пат се имаме апсолутно опуштено, целосно фокусирајќи се на околината околу нас, на убавините кои произлегуваат од графичкиот раскош и од богатите звуци. Hell is Us е вистински празник за сетилата од самиот почеток па се до крајот. 

Но, помалку трпеливите играчи не би можеле така лесно да бидат импресионирани од ваквиот систем, особено откако ќе навлезат во покомплексните мапи каде што се бара да помните клучеви, кодови и локации на загатки. По првпат чувствувавме реална потреба да правиме скриншотови и да пишуваме одредени хинтови кои би можеле да ни помогнат кога одново би се навратиле во областа.  Имате на располагање интерни алатки како Investigation window и Mindmap. Со овие алатки автоматски се бележат клучни наодите, но истите не нудат директни решенија, со што се задржува предизвикот. 

Впечатлива приказна

Приказната на Hell is Us се одвива во мрачниот свет Хадеа. Оваа земја е изолирана од остатокот на светот и разурната од граѓанска војна меѓу двете верски групи. Играта се труди да покаже дека човечкото насилство е вечен циклус поттикнат од човечките емоции и страсти, создавајќи, притоа, мрачна и моќна атмосфера што го обзема целото искуство. Поради ова, светот на кој наидувате е намерно суров и непријателски, обработувајќи тешки теми поврзани со суровоста на војните.  

Во целиот овој хаос, принудени сте и да се соочите со натприродна појава позната како The Calamity, која создава застрашувачки суштества наречени Hollow Walkers. Ваквите суштества се појавуваат од Timeloops локации каде што се случиле моменти на насилна трагедија што вечно се повторува. Врската помеѓу натприродните суштества и човечкото насилство е, всушност, метафорична, сугерирајќи дека Hollow Walkers се буквални манифестации на човечкото зло и страдање. Концептот  е дополнително засилен од системот за оштетување во играта, кој е поделен на четири типови базирани на емоции: бес, тага, екстаза и терор, со што се воспоставува директна врска помеѓу нарацијата, темата и механиката на играњето.

Како што напоменавме, светот на Hell is Us е полуотворен. Тоа што не е целосно отворен не значи и дека не пружа бројни можности за детално истражување. Поради тоа, константно го истражувате секој агол, брајќи значајни документи, споменици, криптични натписи и дијалози со NPC ликови. Секое мало откритие е поврзани со некое поголемо, феноменално мотивирајќи ве да земате во предвид повеќе работи од еднаш и да знаете како да ги поврзете сите тие работи во една целина.

Играта вклучува споредни квестови, наречени Good Deeds и Mysteries. Таканаречените добри дела честопати се временски ограничени и може да се пропуштат ако премногу напредувате во приказната. Мистериите, од друга страна, се оперирани од таквиот притисок и можат да се решаваат во секое време, нудејќи дополнителни ставки и информации за светот. 

Забавен борбен систем

Борбата во Hell is Us се фокусира на интензивни борби одблизу, користејќи мечеви, секири, копја и други оружја. Иако има некои површни сличности со souls-like игрите, како што е управувањето со издржливоста, играта нити е до тој степен предизвикувачка нити пак се одликува со таквите клучни механики.

Кога сме кај нив, една од најоригиналните механики е пулсот за лечење. Имено, со удирање на непријателите, вие генерирате привремено здравје, кое може трајно да се заклучи со навремено притискање на копче. Овој систем ги наградува агресивните играчи и ја намалува зависноста од ретките потрошни лекови. Друг клучен елемент е дронот КАПИ.

Покрај тоа што е верен сојузник на Реми, дронот е разноврсна алатка која може да го одвлече вниманието на непријателите, да нанесе штета или да примени дебаф. Како што напредува играта, така добивате и глифи и реликвии. Овие предмети содржат специјални моќи кои овозможуваат прилагодување на борбениот стил. 

Hell is Us не е игра за секого, и токму во тоа лежи нејзината најголема сила. Нејзиниот бескомпромисен дизајн, кој го отфрла модерното водење за рака во корист на чистото истражување, е меч со две острици – за едни ќе биде (благ) извор на фрустрација, а за други ретко и длабоко задоволство. Преку својата мрачна приказна за вечниот циклус на насилство, играта успева да ги поврзе наративот и гејмплејот на уникатен начин, каде што иновативните борбени механики само го засилуваат чувството на постојана борба за опстанок. На крајот, Hell is Us успева да биде ем квалитетна акциона авантура ем смела изјава за индустријата, наметнувајќи се како моќен тематски коментар дека вистинскиот пекол, можеби, навистина сме самите ние.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Rogue Factor
  • Издава: Nacon
  • Жанр: акција/ авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на: 4 септември 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments