Walking Simulator е жанр на игри кој од секогаш сме го сакале. Има нешто посебно интересно во шетањето, впивањето на околините, благата интеракција со предметите и целосното потопување во приказната. The Stanley Parable нè насмеја до бесвест, Killer Frequency ни го качи притисокот, а Bright Lights of Svetlov ни покажа како изгледа да се биде дел од Советскиот Сојуз во средината на осумдесетите години на минатиот век!
Кратка прошетка
Bright Lights of Svetlov e дво-часовна игра, но тие два часа се одлично искористени за градење впечатлива атмосфера. Претпоставуваме дека за помладите гејмери, осумдесетите години на минатиот век делуваат како релативно нова и непозната димензија. Играта на Владимир Чолокјан пружа одлични можности за истражување на дел од мозаикот кој некогаш бил Советскиот Сојуз. Преку линеарна и одлично скоцкана приказна, ќе поминете низ вашите дневни рутини и ќе дознаете интересни работи за останатите членови на семејството на главниот лик.

Со оглед на тоа дека приказната е најсветлата и, можеби, клучната точка за еден Walking Simulator, не би сакале да ја дискутираме. Она што би сакале да потенцираме е дека глумата е одлична, а одлично вклопените звучни ефекти значително допринесуваат до градење веродостојна атмосфера! Ликовите зборуваат на руски јазик, а преводот е задоволителен, иако забележавме минималистички неправилности или целосно пропусти на одредени сегменти.

Автентично искуство
Ние ја проверивме PS4 верзијата на Bright Lights of Svetlov, планирана да излезе на 11 август. Иако графиката е доволно импресивна, би сакале да има засебна PS5 верзија која ќе ги искористи максималните предности на најновата конзола на Sony. Сметаме дека девелоперот ја има пропуштено уникатната можност да понуди значително поквалитетен наслов со овозможување подобри графички можности и поквалитетно искуство кое доаѓа од предноста на DualSense контролерот.

Паралелно со PS4 верзија, Bright Lights of Svetlov ќе излезе и за Xbox и Nintendo конзолите, по цена од 10 долари (8 доколку направите предвремена нарачка). Цената изненадува, со оглед на тоа дека Steam верзијата има значително поприфатлива цена од 4 евра. Но, доколку барате автентичен и краток симулатор за шетање со одлична музичка подлога и звучни ефекти, Bright Lights of Svetlov се чини како формула за релаксирачко попладне.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Vladimir Cholokyan
- Издава: Vladimir Cholokyan
- Жанр: Walking Simulator, шетање
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Ќе излезе на: 11 август 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 7.75
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 7
- Графика: 7
- Звук и музика: 9







