Lost Rift е амбициозен проект кој се залага да спои два навидум различни стила на игра на кохерентен начин. Пукачката авантура на People Can Fly ја комбинира креативната слобода на градење бази и PvE истражување со адреналинската напнатост која преизлегува од PvPvE експедиции. Фрлени на бреговите на мистериозен архипелаг, вашата цел не е само да преживеете, туку и да напредувате, да изградите свој дом и да се впуштите во опасни мисии, сами или со тим до пет члена.

Во Lost Rift го имате вашиот личен остров, наречен Pioneers’ Landing, кој служи како ваше приватно PvE засолниште. Ова е местото каде што вие и вашите пријатели можете целосно да се посветите на класичните механики за преживување без страв од напади од други играчи. Тука, собирате ресурси, изработувате алатки, оружје и опрема, и го изградите вашиот камп од темел. Системот за градење е модуларен и интуитивен, овозможувајќи ви да создадете сè, од едноставна колиба до импозантна тврдина, користејќи различни градежни елементи.
Кога ќе се почувствувате подготвени за вистински предизвик, се впуштате во експедиции поврзани со нестабилни острови. Ваквите зони се арени каде што до 15 играчи се борат ем меѓусебно ем против AI непријатели. Механиките доста потцетуваат на класичните extraction shooter-и каде имате ограничено време да влезете, да го соберете пленот и да стигнете до точката за извлекување. Иако играта е сеуште во ран пристап, напнатоста е реалана и постојано присутна, особено кога ќе земете во предвид дека смртта на овие експедиции значи трајно губење на целата опрема што сте ја носеле со себе.

Системот за изработка е обемен и се движи од примитивни алатки и лакови до модерни автоматски пушки и тежок оклоп. Напредокот е тесно поврзан со системот на мисии. Имате на располагање над 100 квестови кои се замислени подобро да ве запознаат со светот, но и да ве наградат со нови рецепти и технологии. Comfort Buff системот, пак, ве наградува со бонуси за преживување доколку ја декорирате вашата база со мебел, правејќи го градењето да биде нешто повеќе од естетски избор.
Приказната и светот на Lost Rift се откриваат постепено преку истражување. Расфрлани низ островите, пронаоѓате белешки од други преживеани кои ја откриваат мистериозната позадина на архипелагот и нудат корисни совети, односно предупредување. За соработката со пријатели, пак, играта користи интелигентен систем на заеднички острови, што значи дека серверот за вашата база е секогаш онлајн и достапен за сите членови на тимот, без потреба креаторот на островот да биде присутен.

Доколку уживате во креативниот и методичен процес на градење бази, собирање ресурси и постепен напредок, слично на игри како Valheim или, можеби, ARK, но истовремено сте фанови и на тактичкото надмудрување и високиот ризик што домува во extraction shooter-и како Hunt: Showdown, тогаш Lost Rift нуди хибриден модел би можел да биде идеалниот избор за вас, особено како играта се развива во иднина. Имајќи предвид дека играта е во фаза на ран пристап, нема сомневање дека претставува солидна основа со огромен потенцијал за раст и развој врз основа на повратните информации од заедницата. Ако барате нешто свежо во жанрот што успешно балансира помеѓу градење и борба, Lost Rift дефинитивно го заслужува или ќе го заслужи вашето внимание.








