Мега рецензија: Warhammer 40,000: Space Marine 2

„Умен човек учи од смртта на другите“

Во 2011 година, Warhammer 40,000: Space Marine понуди феноменален акционен спектакл. На времето, Relic Entertainment и THQ сервираат на жедните гејмери брутална акција во впечатлива кампања. Како огромни фанови на играта, некако очекувавме двојката побргу да дојде, но, по цела деценија чекање, добивме само скромно издание кое ги обединува сите додатоци од една појдовна точка. По неколку одложувања, Warhammer 40,000: Space Marine 2 е конечно тука и целосно го оправдува долгиот период на чекање. Чедото на Saber Interactive и Focus Entertainment нуди интензивна акција во добро-познатиот суров универзум каде се живее за да се служи на царот.

„Ум без цел талка низ мрачни места.“

Во првата Space Marine, игравте со Капетан Тајтус. Со овој искусен ветеран, ја добивте можноста да покосите илјадници орци преку користење брутален арсенал од оружја, способности и надградби, сѐ со цел да пробате да ставите крај на заканата од орците. Двојката, меѓутоа, продолжува многу години подоцна и со нова закана. Играјќи и овојпат со Тајтус, имате за задача да се спротивставите на вонземната раса Тиранид, но и да се справите со проблематични заговори. За максимално уживање во приказната, топло препорачуваме првин да поминете низ првата игра, па потоа да се посветите на двојката.

„Секоја битка сее смрт на илјадници херои, неспомнати и незапаметени.“

Space Marine 2 е игра во која често се соочувате со легија од непријатели. Како несопирливи бранови, тиранидската раса се шири, протега и пробива од најразлични точки на мапата, агресивно напаѓајќи ве вас и вашиот тим. Како огромен вселенски маринец кој припаѓа на ултра корпусот, ќе се соочите со зашеметувачката бројка од непријатели со арсенал од оружја. Левата рака е резервирана за огнено оружје кое исфрла проектили, а десната за бичот на императорот – серија од ладни, мехачки оружја кои брутално масакрираат сѐ што ќе се осмели да ви се приближи. Битките во Space Marine 2 потсетуваат на Gears of War, но без системот за покривање.

За време на битките, можете да избегнувате или да возвраќате на удари

На почетокот од секоја битка безуспешно се трудевме да не дозволиме да бидеме опколени. Тие неколку секунди од чисто адреналинско лудило ги користевме за внимателно фрлање бомби и гранати во центарот на ројот, и стратешко повлекување кон поприфатливо место за одбрана. Штом се приближат непријателите, започнува бура од крв и летање на екстремитети. Тајтус способно го користи механичкиот меч, ефикасно спротиставувајќи на непријателите преку користење на серија од лесни и тешки напади, но и имплементирајќи одбрамбени тактики за да ги фати непријателите во скок и брутално да ги елиминира.

Начинот на кој се изведени овие елиминации, потсетуваат на последните две DOOM игри. Разликата е во тоа што, во Space Marine 2 елиминациите се изведуваат во трето лице и се значително поморбидни, со крв која прска на сите страни и целосно го покрива лицето, облеката и оружјето на Тајтус. Елиминациите се доволно различни и нудат визуелен спектакал од епски пропорции. Не само што се интересни за гледање, туку и ви помагаат за делумно полнење на вашиот штит. А, во одредени моменти, можете да се доведете во состојба на некотролиран бес и несопирливо да косите сѐ што е околу вас! Оваа скала се полни споро, а се троши брзо, но, доколку се искористи во вистински момент, знае значително да влијае на исходот на битките.

Повеќе од јасно е дека во Space Marine 2 се имплементираат бројни работи што студиото ги има научено со World War Z

„Тој што стои со мене, ќе ми биде брат!“

Низ десет-часовната кампања можете да поминете сами или во ко-оп, со уште двајца ваши пријатели. Вештачката интелигенција во Space Marine 2 е солидна и вашите ВИ-контролирани соборци ралативно добро се справуваат со брановите од непријатели, особено кога треба да дојдат до вас и да ве излечат. Но, а, ова е големо НО, Space Marine 2 е значително подобра кога ја играте во ко-оп и кога заеднички се спротиставувате на ордата од вонземните суштества.

Непријателите доаѓаат во најразлични форми и со бројни офанзивни и дефанзивни тактики. Некои од нив, особено поголемите, бараат да имплементирате групни стратегии. Преубаво е чувството кога заеднички, со вистински лица, ќе можете да издвоите победа во навидум невозможни битки. Дополнително, Space Marine 2 се одликува со огромна вредност на откритие, особено во начинот на кој се структурирани мисиите. Мапите се детални, преубави и невообичаени, криејќи визулни изненадувања со скоро секој направен чекор. Заедничкото откривање и восхитување на мистериозните Warhammer 40К нијанси е дел од шармот во оваа игра.

Секоја наредна мисија е, на еден или друг начин, поразлична од претходната

„Вистинскиот воин се бори не затоа што го мрази тоа што е пред него, туку затоа што го сака тоа што е зад него.“

Десет-часовната кампања е сосема доволна. Иако секоја од мисиите е доволно различна за да не пробуди чувство на монотонија, а со тоа и здодевност, сметаме дека играта ја има достигнато она идеална точка на времетраење и никако не го злоупотребува вашето гостопримство. И покрај ова, крајот на кампањата во Space Marine 2 никако не значи и крај за играта. Уште по првиот час од кампањата, ќе можете да навлезете во еден од два понудени мрежни модови и да работите на детални надградби за вашите способности и оружја.

Operations e PvE мод, а Eternal War е PvP. Независно од модот, за функционалноста на класите и напредувањето се црпе од еден ист извор. Во Operations имате на располагање шест релативно долги мисии, додека во Eternal War имате три уникатни режими на играње. Имајте во предвид дека мисиите од Operations се тесно поврзани со кампањата и ризикувате предвреме да откриете одредени работи во Operations и, со тоа, да си го покварите уживањето во кампањата.

Секоја од класите се одликува со уникатен изглед, можности и арсенал од оружја

Доколку ви се допадна кампањата, Operations нуди интересни мисии кои природно се надоврзуваат на истиот урнек, но преку форсирање на заедничко играње. PvP модот, од друга страна, знае да понуди солидна и, за нас, фрустрирачко искуство. Фрустрирачко затоа што колку и да се трудевме да изгледаме кул, секогаш имаше некој кој е значително подобар од нас и повеќе од спремен да нѐ направи понизни. И покрај ова, дефинитивно го цениме овој додаток и со задоволство започнувавме сесија-до-две, чисто за да бидеме свесни за острата нееднаквост каде бевме несопирлива машина во кампањата, а предмет на исмејување во PvP модот. За пофалба се богатите можности за уредување на вашиот лик. По одредено време, навистина можете да го направите вашиот лик визуелно да се истакнува од сите останати.

Се очекува и Operations и Eternal War да понудат нови мисии, мапи и режими во иднина, бесплатно!

„Царот штити! Која и да е Неговата волја, погрижи се да ја дознаеш.“

Space Marine 2 е игра која одлично ги реализира сите аспекти од играта, пример за тоа како трева модерните игри да изгледаат. Бројните впечатливи меѓу-секвенци, феноменалната глума и маестралната музичка подлога допринесуваат до кампања која е достојна на првата игра, па дури и ја надминува. Арсеналот од оружја е доволно разнолик и секое ново-откриено оружје буди неописива возбуда и желба за тестирање, нешто што не би било можно без уникатно-осмислените непријатели. А, во моментот кога ќе завршите со кампањата, ќе можете да навлезете во еден од двата режими за повеќе играчи. Минорни забелешки упатуваме до графичката оптимизација на играта. Со нашата RTX 4060ti често забележувавме FPS недоследности и драстични скокови од 70 на 40 фрејмови во секунда, што, од една страна, го разбираме падот кој е резултат на навалица од стотици и стотици непријатели и бројни симултани експлозии.

Надвор од ова, Space Marine 2 успева во мисијата да понуди едноставна, но крајно забавна кампања и солидни можности за неброени мрежни сесии. Доколку сте фанови на Warhammer 40k универзумот, ова е висока форма на интерактивна забава која никако не би требало да ја заобиколите.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Digilink Konsalting

Java Script Developer

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Designer

Matrix IT Global Services Macedonia

Technical Support Specialist

види ги сите огласи на kariera.it.mk