Од креаторите на инди-хитот Game Dev Tycoon, студиото Greenheart Games, пристигнува Tavern Keeper, долгогодишен проект кој ветува длабока и комплексна менаџерска симулација обвиткана во шармантна и магична RPG приказна.

Во Tavern Keeper ја преземате улогата на сопственик на таверна и имате за задача да изградите, декорирате и управувате со вашиот објект. Амбициите на играта се значително поголеми од она што првично би можеле да помислите. Благодарение на моќната алатка за декорација ви се дава целосна креативна слобода за уредувањето на секое катче од таверната. Со илјадници достапни предмети, ќе можете да ги направите преубави раздвижени сали, пријатни катчиња за читање, и многу, многу повеќе. Креативноста која произлегува од ваквото уредување е директно поврзана со основните менаџерски аспекти, кои вклучуваат вработување и управување со персонал, одржување на залихите во оставата, како и задоволување на потребите на локалното население.
На вас се остава само да создадете пријатно соседско собиралиште каде што профитот е во втор план… или пак да изгради ефикасна машина за правење пари. Изборот е апсолутно ваш, а секоја одлука носи одредени последици, обликувајќи ја не само репутацијата на таверната, туку и нејзиното секојдневно функционирање. За таа цел, моќниот Design Mode дозволува дури и создавање на сопствен уникатен мебел и предмети, кои, потоа, можат да се споделат со заедницата.

Tavern Keeper максимално се истакнува во својата комплексна симулација на хаос. Таквото нешто произлегува од десетици меѓусебно поврзани системи кои создаваат непредвидливи ситуации. Има што да ве држи на штрек и што да појде наопаку, од нечистотијата, бучавата, топлината, преку ризикот од пожар, па се до ширењето на болести. Тука некаде, ќе наидете и на постојаната парада на шаренолики клиенти со откачени карактеристики и барања. Нека ви е на помош виша сила ако се најдете, а ќе се најдете, во ситуации каде што половина од персоналот е болен, нарачките се трупаат, а нетрпеливоста на гостите расте.

Бројните динамични настани бараат брзо размислување и соодветна адаптација. Па така, треба да се управува со среќата на персоналот, да се внимава на расипувањето на стоката, да се одржува атмосферата и да се балансираат финансиите. Tavern Keeper ви дозволува да изберете предизвикувачки режим, каде што секоја одлука е клучна за опстанок, или релаксиран режим за доколку ви е преку глава од притисоци и сакате да работите на таверната од соништата без голем притисок. Покрај кампањата, постои и Freeplay мод, кој нуди дополнителни варијации на таверни и дозволува целосно прилагодување на правилата, како на пример започнување со многу пари или без скапан денар.

Tavern Keeper моментално е достапна во Early Access и тимот на Greenheart Games, но она што го има навистина прави да мислите дека играте ААА игра.
Моменталната верзија нуди околу 20 до 25 часа содржина во кампањата, со три комплетни нивоа, многубројни приказни, целосна локализација на бројни јазици и со сите комплексни системи веќе имплементирани. Моментно, целата кампања сè уште не е достапна, а прогресијата е ограничена на 2.5 ѕвездички.
Tavern Keeper се профилира како исклучително амбициозен наслов кој мајсторски го спојува длабокиот, системски менаџмент со шармантно и наративно RPG искуство. Уште на прв поглед е јасно дека пред себе имате љубовно писмо кон жанрот, создавано со страст повеќе од една деценија. Доколку отсекогаш сте сонувале да изградите и водите своја таверна во фантазиски свет, ова е дефинитивно играта за вас. Она што особено импресионира е фактот дека, иако сè уште во развој, играта е веќе исклучително исполирана, а благодарение на непредвидливите фактори, нуди огромна вредност за преигрување








