За време на конференцијата за медиумска писменост ЕУ–Западен Балкан 2025 во Скопје, професорот Роман Јуровецки од Универзитетот во Алборг испрати јасна порака: Ако напаѓачите користат вештачка интелигенција (ВИ), тогаш мора и одбраната да го прави тоа – пред се како координиран систем.
Според него, третирањето на ВИ како магија е опасно. Кога офанзивната страна скалира побрзо од дефанзивната, информациските екосистеми стануваат неуправливи. Но, кога одбраната поддржана од ВИ ќе се искомбинира со проверка на потеклото на содржината (или content provenance, прев. анг), силни редакциски процеси и полицентрична таканаречена архитектура на вистината, односно truth stack, општествата можат да останат отпорни – дури и во свет на синтетички медиуми, брзи дезинформации и геополитички натпревар.
Во интервју за IT.мк, Јуровецки тврди дека ризиците не се само технички, туку и институционални: ВИ моделите брзо напредуваат, но организациите се мачат да ги имплементираат на вистинскиот начин. Затворањето на овој јаз помеѓу можностите и доверливоста ќе ја дефинира следната фаза на медиумската отпорност, особено за малите земји кои не можат да изградат сопствени темелни модели, но сепак можат да изградат силни, прилагодени ВИ решенија.

IT.мк: Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вашето потекло и вашата инволвираност во ВИ секторот?
Роман Јуровецки: Јас сум вонреден професор на бизнис школа при Универзитетот во Алборг и економист по професија. Мојата работа се фокусира на економика на иновации – во суштина, разбирање како технологијата создава вредност во компаниите и низ државите.
Во изминатите 12-13 години развивам ВИ алатки за поддршка на овој вид анализи, така што имам работено интензивно со различни видови ВИ модели. Фасцинантно е конечно да се види како овие технологии достигнуваат ниво на зрелост што ги прави широко корисни.
Се сметам себеси и за техничко и за нетехничко лице: со основа во економијата, но со многу практично искуство во ВИ системите. Моментално сум и главен научник во новоформираниот Национален центар за ВИ и општество, отворен во 2025 година во Данска под Министерството за дигитализација.
Нагласивте дека треба да гледаме на ВИ како на нормална технологија, а не како на нешто магично, како што многумина ја доживуваат денес. Зошто?
РЈ: Важно е бидејќи ова е речиси филозофски – па дури и религиозен избор што го правиме. Ако верувате дека ВИ е нешто надвор од технологијата, нешто како Општа вештачка интелигенција (AGI) или еден вид виш ентитет, тогаш многу од она што се случува во САД станува лесно објасниво: секако дека ќе инвестирате огромни суми пари и ќе ја форсирате областа колку што е можно повеќе.
И ако навистина верувате дека доаѓа некаков „ВИ Бог“, тогаш многу од дебатите што ги водиме сега стануваат беспредметни. Ако таква ВИ пристигне, тоа е тоа – или сè ќе стане рај, или ќе завршиме во многу поинакво, многу помрачно сценарио. Има нијанси, секако, но тоа е логиката.
Од друга страна, ако ја третираме ВИ како „нормална“ технологија – иако технологија за општа намена како струјата или интернетот – тогаш можеме да ја контролираме. Можеме да почнеме да поставуваме конкретни прашања и реално да размислуваме како да го прилагодиме општеството да работи со неа. Таквата рамка ни дава повеќе простор за делување. За мене, тоа е поразумно отколку едноставно да градиме гигантски „катедрали“ од графички процесори и да чекаме да се појави „ВИ богот“ и да реши сè. Очигледно не е толку едноставно, но тоа е филозофската крстосница на која се наоѓаме.
Во однос на регулативата, кој е подобриот пат за градење на ваков вид одбрана?
РЈ: Поголемиот дел од регулативата што ја имаме денес се базира на заштита на личните податоци, заштита на општеството какво што е, приватноста и слични прашања – и тоа е многу важно. Апсолутно треба да имаме силна основа, и добро е што Европската Унија е проактивна на ова поле.
Но, паричката има и друга страна, и треба да најдеме добар компромис. Дел од регулативата што ја имаме сега веќе создава пречки за малите и средни претпријатија, истражувачите и стартапите. Тие имаат потешкотии да растат. Дури и да добијат финансирање, сепак е тешко – да, постојат т.н. sandboxes и рамки за поддршка, но мора да бидеме внимателни.
Големите технолошки компании имаат пари, адвокати и длабоки џебови за да се справат со усогласеноста. Малите европски стартапи немаат. И ако не можат да се справат со регулативата, не можат да го продадат својот производ. Веќе го гледаме ова: европските компании се мачат да продаваат на европски клиенти.
Значи, ако крајниот резултат на регулативата е строга контрола, но на крајот сите сепак стануваат клиенти на Big Tech компаниите, не сум сигурен дека тоа е напредок – ја губиме шансата да развиеме сопствени способности. Тоа е како да нарачувате хамбургери само затоа што се плашите да користите нож или шпорет. Да, се штитите од исекотини и пожар, но никогаш не учите како да готвите или како да се храните здраво. Само продолжувате да нарачувате готова храна.
Тоа е опасноста. Ни треба баланс. Не можеме да одиме во крајност каде „сè е дозволено“, но и прекумерната регулација носи ризици. Тешко е. Има многу компромиси и знам дека креаторите на политики се трудат најдобро што можат, но проблемот е сложен.
Кога зборуваме за овој регион – мали земји кои реално не можат да изградат свои модели или cloud инфраструктура – кое е решението? Како можеме да се прилагодиме?
РЈ: Штом ќе почнете да анализирате што навистина е потребно, брзо сфаќате нешто важно. Земете го примерот со автомобил: не мора да го правите моторот од нула, а можеби и не треба. Но, сепак треба да знаете како да смените масло или како да го стартувате со кабли кога ќе падне акумулаторот. Тоа е нивото на разбирање што често недостасува.
Сè додека ја третираме ВИ како мистична, апстрактна работа, никогаш нема да сфатиме што можеме, а што не можеме да направиме. Сè останува во доменот на шпекулациите. Но, штом ќе почнете да градите алатки и да експериментирате со конкретни проекти и реални проблеми, брзо откривате: всушност, можеме да направиме многу.
Голем дел од тоа е едноставно развој на софтвер. И знам дека Македонија има програмери и луѓе кои веќе ја извезуваат таа експертиза во други земји – значи, капацитетот е тука. Не е работата во тоа да имате 500.000 графички картички. Многу повеќе се работи за спојување на вистинските луѓе и поставување на вистинските прашања: Што сакаме од вештачката интелигенција? Дали сакаме да заштедиме време на бесмислени административни задачи? Ако е така, кога системот прави грешки? Кое ниво на квалитет го очекуваме?
Штом ќе навлезете во тие детали, сфаќате дека има многу важни прашања кои немаат никаква врска со тренирање на голем јазичен модел. Вистината е дека најголемиот дел од вистинската работа е многу подосаден отколку што сугерира хајпот. И да – здодевните работи мора да се завршат прво. Никој не е возбуден за тоа, но за жал, тоа е она што е потребно.
Како ќе го видиме овој напредок? Дали ќе има помалку напади, побрзо опоравување или граѓани кои потешко се лажат?
РЈ: Ова е шпекулација, се разбира – прашувате за иднината, а јас не знам каква ќе биде таа. Можеби Американците се во право и ќе се појави „ВИ Бог“, па сè за што зборуваме сега нема да биде важно. Но, ако тоа не е случај, и ако ги развиеме овие способности, тогаш да, мислам дека ќе видиме напредок.
На пример, откривањето на дезинформации би можело да стане многу побрзо. Можеме да користиме ВИ за да ја зголемиме брзината на препознавање и означување, и да изградиме системи кои брзо ги исфрлаат на површина потенцијалните проблеми.
Имаше една многу интересна студија објавена во Германија: на учесниците им биле покажани слики означени како вистински или лажни на насловна страница на традиционален весник. Луѓето кои биле изложени на ова, и кои знаеле дека се дел од експеримент, подоцна покажале поголема тенденција да бараат доверливи медиумски извори. Значи, изложувањето на луѓето на вакви експерименти, речиси преку гејмификација на свеста, се чини дека го менува нивниот начин на размислување. Стануваат покритични и посвесни за тоа од каде ги добиваат информациите. Мислам дека таква промена во однесувањето е возможна.
И конечно, верувам дека ни треба повеќе техничка експертиза во креирањето политики и во јавниот сектор. Ако го постигнеме тоа, мислам дека ќе почнеме да гледаме попаметни политики во оваа област.
Но, повторно, сè е хипотетички. Ако работите тргнат наопаку, може да се случи спротивното: прекумерна регулација, секој да прави што сака, и големите технолошки компании да победат по автоматизам. А сега гледаме и како Кина се обидува да заземе многу интересна позиција на ова поле – можеби нешто за што може да се аргументира дека е подобро од американскиот пристап. Така што, натпреварот и експериментирањето очигледно веќе се случуваат.







