Овој викенд правиме нешто поразлично. Наместо препораки за стандардни игри, пливаме во водите на виртуелната реалност и ви препорачуваме игри кои би можеле да ги играте со вашата омилена кацига. Независно од тоа дали користите PSVR2 или Quest 2/ 3, овие игри би требало да ви остават позитивен впечаток викендов.
VR игра #1: Last Labyrinth
VR хорор игрите се исклучително популарни. Од некоја причина, бројните гејмери сакаат да бидат веродостојно исплашени. Last Labyrinth излезе за PSVR 2 пред година дена, но постои на Steam од 2019-та година. Тоа никако не значи дека нема да направи срцето да ви чука забрзано. Опишана како игра која комбинира моменти од SAW со ICO, ќе имате за задача да побегнете од огромна куќа така што ќе соработувате со мистериозна девојка која зборува на странски јазик. Ова не е лесно, особено кога ќе земете во предвид дека многу непријатни работи се кријат во куќата.

Невообичаено дуо
Last Labyrinth се одликува со предизвикувачки загатки кои значително ќе ве замислат. Паралелно со ова, ќе наидете и на бројни непријатни изненадувања, особено доколку не внимавате со девојката која ве придружува. Местата се веродостојно осмислени, а загатките – паметно осмислени. Лесно можете да бидете вовлечени во хаотичниот свет, но исклучително тешко ќе можете да се извлечете од него.
Last Labyrinth не е премногу долга игра, но, за тие четири часа ќе видите повеќе отколку кај некои игри што траат двојно повеќе. Сепак, ако ова не е наслов по ваш мерак, не е лошо да погледнете предлог кој повеќе се потпира на адреналинска акција и авантура….




Повеќе детали за играта
- Произведува: AMATA Games
- Издава: AMATA Games
- Жанр: хорор
- Платформа: VR
- Излезе на: 22 март 2023
VR игра #2: The Tale of Onogoro
The Tale of Onogoro е VR авантура која се одликува со бројни загатки, но не во мрачка атмосфера, како нашиот прв предлог. Напротив, The Tale of Onogoro се потпира на светол, интригантен свет каде, покрај тоа што решавате бројни загатки, принудени сте и да се борите против огромни ѕверови кои се викаат ками.

Спасител на светот
Развојното студио AMATA Games се има потрудено да понуди подеднакво интересен наслов како Last Labyrinth, нешто што првенствено се огледа од комплексните загатките кои треба да ги решавате. Искрено, особено тешко ни беше да поверуваме дека еден ист тим има работено и на двете игри.
Како и во приказната, така и во механиките, Last Labyrinth и The Tale of Onogoro се небо и земја – две игри кои не би можеле да бидат поразлични една-од-друга. Она што ги врзува е забавата која произлегува од истражување на уникатните световите и решавањето на загатките. Играта е скоро 10 часа долга, но секоја минута е разработена да пружи незаборавни моменти, особено за време на адреналинските битки. Топла препорака. Но, ако сте по незаборавна, а класична забава, имаме и таков предлог…




Повеќе детали за играта
- Произведува: AMATA Games
- Издава: AMATA Games
- Жанр: авантура
- Платформа: VR
- Излезе на: 22 февруари 2023
VR игра #3: ForeVR Pool
Како трет предлог, би сакале да ви предложиме да се релаксирате (или здраво изнервирате) преку играње билијард. ForeVR Pool VR ви дозволува да ги предизвикате вашите пријатели и членови од семејството на партија-две билијард. Немате пријатели? Нема проблем! Играта можете да ја играте и против ботови, односно 12 NPC ликови.

PvE и PvP, но со топки!
На располагање имате неколку различни игри, со бројни можности за уредување, како и играње на четири различни места. За оние кои не се многу прецизни преку VR, имате и можност да вклучите автоматско нишанање. Нам ни ова беше особено корисно затоа што колку и да се трудевме, тешко ги некако удиравме топките кога оваа опција беше исклучена. Најдоброто од се? Имате џубокс кој влече песни од YouTube. Закон!




Повеќе детали за играта
- Произведува: ForeVR Games Inc
- Издава: ForeVR Games Inc
- Жанр: спорт
- Платформа: VR
- Излезе на: 11 април 2023
Тоа беа трите VR игри што ги избравме за вас! Се надеваме дека ќе ви се допаднат. Во случај да сакате и вие да ни препорачате некоја, пишете ни во коментарите или на социјалните мрежи!