Во случај да ви е преку глава од интензивно микроменаџирање и стратешко планирање до најситен детаљ, тогаш чедото на Spaceflower и ByteRockers’ Games е наслов само за вас! Let Them Trade се појавува како освежителна алтернатива, нудејќи релаксирачко искуство фокусирано на економијата, трговијата и органскиот раст на едно живописно кралство. Во улога на кралски управител, вашата задача е да изградите мрежа на просперитетни градови, да управувате со ресурси и да ја заштитите економијата од повремени закани. Нешто ни кажува дека нема да имате никаков проблем со тоа. Башка, ќе ужувате во графика и звуци кои се замислени да ве вовлечат во релаксирачко искуство од епски размери.

Автономија на градовите
Let Them Trade ви дозволува да создавате градови, но овие градови функционираат како полу-автономни единици. За разлика од многу други игри во жанрот, каде што директно ги контролирате сите аспекти од животот на граѓаните, овде градовите сами управуваат со сопствениот буџет и ресурси. Вие одлучувате каде ќе се градат клучните објекти, но градовите самостојно ги купуваат и продаваат ресурсите што им се потребни за да ги задоволат потребите на нивните жители. Овој пристап создава динамичен пазар каде што вие сте повеќе надгледувач и стратег отколку директен извршител. Вашата улога е да ги поставите темелите, а потоа да набљудувате како се развиваат комплексните синџири на снабдување.

Економија и трговија
Главниот фокус е ставен на симулираната економија. Ресурсите се расфрлани низ мапата, што ве поттикнува стратешки да основате нови населби во близина на дрва, камен, железо или други суровини. Секој град развива сопствена економија, тргувајќи со соседните градови за да дојде до производи што не може сам да ги произведе. Вашата заработка доаѓа од даноците што ги собирате од секоја трговска трансакција. Побогатите и посреќни градови генерираат повеќе даночни приходи, што ве мотивира да се грижите за благосостојбата на вашето кралство. Преку вашиот замок, можете директно да купувате и продавате стоки, овозможувајќи ви да влијаете на пазарот, да складирате ресурси за потешки времиња или едноставно да остварите профит.

Предизвици во наводници
Иако играта е примарно мирна и релаксирачка, сепак се одликува со лесен борбен систем. Имено, како што вашите градови стануваат побогати, така тие ја имаат дарбата да привлекуваат бандити кои не сакаат ништо повеќе од да ги ограбат. За да ги заштитите вашите трговски патишта и граѓани, можете да регрутирате витези кои ќе патролираат и ќе се борат против овие закани. Борбата е намерно дизајнирана да не биде премногу напорна или казнувачка, со што се задржува генерално мирниот тон на играта. Покрај тоа, Let Them Trade нуди кампања составена од различни сценарија, секое со уникатни цели и предизвици, како и sandbox режим каде што можете да градите слободно, без конкретни ограничувања.

Како што и самите автори нагласуваат од нивната официјална страна, ова не е комплексен симулатор каде што секоја поставена зграда мора да биде совршено оптимизирана. Не е ниту епска игра што се протега низ повеќе ери, ниту пак е наслов со длабока, наративна кампања. Наместо тоа, Let Them Trade е наменета за играчи кои уживаат во економски симулации и сакаат да експериментираат со пазарните сили во една шармантна и пријателска атмосфера. Со вградениот уредувач на сценарија, играта нуди и можност за креативните играчи да создаваат сопствени мапи и предизвици и да ги споделат со заедницата преку Steam Workshop, со што се зголемува нејзината долготрајност.

Накратко, Let Them Trade е одличен избор за секој што бара мирен, но сепак ангажирачки град-градител со уникатен фокус на автономна трговија и економски развој.







