Ghost Keeper: игра во која вие сте стравот

во гејминг

Ghost Keeper, најновиот наслов од студиото Quest Craft, штотуку навлезе во раниот пристап на Steam и има за задача да ја врати добро-познатата формула, но извртена за 180 степени. Се работи за таканаречена reverse-horror стратегија каде имате за задача да управувате со демони, духови и чудовишта. Мрачните суштества ви служат за да ефикасно влеете страв во коските на обичните смртници. Но, дали играта има солидна основа или пак се одликува со технички недостатоци кои ќе направат да врескате не од страв, туку од фрустрации?

Стратегија зад стравот

Како што споменавме на почетокот, Ghost Keeper е игра која ви дозволува да ги менаџирате вашите морничави поданици. За разлика од типичните стратегии каде што едноставно ги напаѓате непријателите, овде вашата примарна алатка е психолошкиот терор. Моментно, на располагање имате разновиден тим од седум различни чудовишта, при што, секое од чудовиштата се одликува со одредени уникатни способности. Вашата задача е да процените кога е најдобар момент да активирате одредена моќ или пак тактички да комбинирате неколку моќи за да максимално го скршите моралот на луѓето. За да успеете во ова, треба паметно да ги позиционирате вашите единици и да ги искористите нивните вештини во вистинскиот момент. Само така ќе успеете да предизвикате максимална паника. Независно од тоа што се работи за наслов во ран пристап, ваквото нешто е солидно реализирано и допринесува до забавни и неочекувани сценарија, особено подоцна откакко ќе почнете да експериментирате и да си играте со комбинациите кои ги имате на располагање.

Но, немаат сите луѓе деликатни и лесно-кршливи умови и ситуацијата се комплицира со присуството на The Brotherhood – група на ловци на духови кои претставуваат сериозна закана за вашата операција. Во моментнот кога братството ќе ги вмеша прстите, ќе биде потребно и внимателно да се браните и да ги надмудрите оние кои сакаат да ве протераат. На овој начин, студиото се залага да балансира помеѓу класична стратегија и решавање на загатки, нудејќи ви паметно дизајнирани локации кои бараат различен пристап и адаптација на тактиката. И овој дел не е лош и доаѓа во вистински момент да ја разбие секоја појава на монотонија. Интересно е како играта не ви дава премногу да се опуштите и само да уживате во вадење душа на кревките луѓе, туку бара од вас да сте и дефанзивно фокусирани.

Ран пристап

Моментната верзија нуди само дел од соло кампањата. Сместена на шест уникатни локации, приказната ќе ви дозволи да навлезете во систем од динамични цели кои се менуваат како што напредувате. Покрај кампањата, достапен е и sandbox режим, но истиот се отклучува подоцна. Преку овој режим, нели, можете слободно да експериментирате со механиките без какви било наративни изложувања. Доколку се оди во најдобар ред, играта ќе остане во оваа фаза околу една година. За време на овој период ќе бидат вдомувани нови суштества на нови мапи и со покомплексна приказна.

Сега за сега и преку призмата на раниот пристап, Ghost Keeper остава пријатен и освежувачки впечаток кој лесно би ги импресионирал фановите на вакви стратегии. Иако е во рана фаза, механиката на игра е функционална и забавна, нудејќи задоволително чувство на достигнување, особено кога совршено ќе имплементирате верижна реакција на плашење. За оние кои уживаат во игри како Dungeon Keeper или Ghost Master, ова е наслов на кој дефинитивно треба да му се обрне внимание. Ако развојниот тим продолжи да ја слуша заедницата и да доставува содржина според ветениот план, Ghost Keeper има потенцијал да прерасне во култен хит.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments