Да се направи добра RPG игра знае да биде огромен предизвик, особено кога се работи за имплементирање забавни механики. Но, она што е забавно за едни, може да е крајно здодевно за други. Age of Reforging: The Freelands е cRPG игра која би била интересна на фанови на класични RPG игри, како Baldur’s Gate, но и на игри како Mount and Blade серијалот или пак Kenshi. Age of Reforging: The Freelands не е игра која се заснова на срамотно копирање слични механики. Напротив, чедото на кинескиот девелопер и издавач – PersonaeGame Studio може самостојно да стои како уникатно RPG остварување, но јасно е од каде црпе инспирација.
Како игра која е дел од раниот пристап на Steam, на Age of Reforging: The Freelands допрва треба да се работи. Моментно играта страда од лоша графичка оптимизација, незадоволителен превод на англиски и неизбалансираност во поглед на клучните RPG механики. Доколку сте спремни на одредени компромиси во овој поглед, играта ќе ви понуди средновековна cRPG игра со посебен акцент на автентично искуство и преживување во предизвикувачки услови.
По избирање на соодветна раса и изглед, ќе можете да започнете со истражување на огромниот свет. Веќе имате изобилство од квестови на располагање. Интересно е тоа што некои квестови можат да бидат завршени на најразлични начини, со што се нуди малку поразлично искуство при идни преигрувања. Нормално, нема да можете сами да излезете на крај со предизвиците на суровиот свет па затоа ќе можете да регрутирате девет ликови. Секој од сопатниците има одредена позадина, пропратни мисии, но и црврсти верувања. Во зависност од тоа какви одлуки ќе донесувате, сопатниците, водени од нивниот морален кодекс, соодветно ќе реагираат.
Истражувањето и борбениот систем потсетуваат на класичните cRPG игри, како Baldur’s Gate, но и на игри како првата Dragon Age, каде можете да го стопирате времето и да осмислите подобри дефанзивни, односно офанзивни стратегии. За судбоносното искачување на врвот и преземање на тронот, низ играта отклучувате и бројни способности, а и откривате корисен плен (над 600 парчиња) кој ве прави да сте значително посилни.
Personae Games функционираат како студио од 2018 година, а веќе имаат работено на една игра – Blackthorn Arena. Age of Reforging: Тhe Freelands e значително поамбициозен проект и иако покажува ветување за нешто магично, нашето мислење е дека сепак е потребно дополнително печење на сонцето и подобрување на сѐ што во моментот може да се понуди. Играта има 70% позитивни рецензии на Steam и ќе се работи на неа најмалку една година за да се внесе уште 60% од замислената содржина.
Повеќе детали за играта
- Произведува: PersonaeGame Studio
- Издава: PersonaeGame Studio
- Жанр: cRPG
- Платформа: Windows
- Излезена на: 28 август 2023