Дигиталната трансформација во Македонија одамна се чини дека е една долга битка меѓу преголемиот бирократски застој и потенцијалот на земјата за ваков подвиг. Со формирањето на Министерството за дигитална трансформација, минатата година Македонија доби еден центар кој треба да ги поврзе деловите од дигиталната инфраструктура и ИТ политиките кои со децении се фрагментирани.
Во интервју за ИТ.мк, министерот Стефан Андоновски зборува за тоа ќе значат проектите како националниот систем за управување со документи, мобилната апликација за дигитален паричник, новата стратегија за сајбер безбедност, како Македонија гледа на вештачката интелигенција, и многу повеќе.
Андоновски исто така се осврнува на тоа како државата може да стане поблиска до граѓаните преку воведувањето на практични дигитални услуги, како и на тоа како дигитализацијата може да ја намали ситната корупција. Но, и за тоа колку е важно чекор по чекор да се гради систем кој ќе ги користи новите технологии како што е вештачката интелигенција, без да се жртвува човечката одговорност во целиот овој процес.

ИТ.мк: Измина нешто повеќе од формирањето на Министерството за дигитална трансформација – кои беа главните предизвици кои ги затекнавте, но и приоритети кои ги поставите како главни во поглед на дигитализацијата на македонското општество?
Стефан Андоновски: За една година успеавме да поставиме систем и да пристапуваме кон работите плански. Друго што недостасуваше е тоа што долго време немаше пишани политики за најважните прашања поврзани со дигитализацијата, почнувајќи од Националната ИКТ стратегија, која конечно е во владина процедура, сајбер стратегијата, и петте закони кои ги поминавме. Претходно, цели шест години постоеше правна празнина за овие прашања – имаше процеси, но не беа регулирани.
Во наредната година фокусот ќе биде на мобилната апликација која ја најавуваме и на владиниот ЦИРТ. Друг голем проект е националниот систем за управување со документи (еДМС). Жално е што овој проект три години беше без одржување – од моментот кога е направен немал одржување, застанат е на 20 институции и исклучиво се користи модулот за дигитално архивирање. Сега фокусот е на вклучување на повеќе институции, а до крајот на 2028-та планираме да ги опфатиме сите органи на државната управа, а ако успееме, и дел од општините. Практично, секоја институција која сама не може да изгради систем, ќе го користи нашиот, а оние кои веќе имаат систем ќе бидат поврзани со нашиот.
Целта е да имаме еден национален ДМС кој комуницира на едно место – тој е клучот, или “водоводот“ на администрацијата, и основа за подобри дигитални услуги за граѓаните. Ќе воведеме и нови модули: електронско потпишување и генерирање на документи, воспоставување на електронски процеси во администрацијата и институциите.
Министерството има ДМС уште од 2011-та година. Долго време бил користен, но и многу скап. Потенцијалот е голем, искористени се само околу пет проценти, и само 20 институции го користеле, така што оваа бројка мора значително да се зголеми.
Колку ќе биде сајбер безбедноста приоритет за министерството, особено имајќи ги предвид инцидентите од минатото?
СА: За жал, кога се размислувало за дигитализацијата, сајбер безбедноста не била доволно земена предвид – од внатрешните проблеми во системите, неправилното користење, па до класичните сајбер напади.
Немавме никаква политика за сајбер безбедност, па почнавме буквално од буква А: со сајбер стратегија, акционен план, законот за сајбер безбедност, и сега конечно влегуваме во фазата на реализација. Интересно е што ниту еден од системите што сме ги порачувале за одржување или изградба на нови, никогаш немал сајбер компонента – нема пенетрациски тестирања, контрола, справување со инциденти, идентификување недостатоци итн.
Сега, сепак, во секој проект што го имаме сајбер безбедноста е прв елемент – има тестирање, бараме решенија и следиме протоколи. Резултатите од постоечките анализи не се многу позитивни, но се справуваме и барем сега знаеме со што се соочуваме. Паралелно, купуваме опрема и го опремуваме просторот во министерството за да служи како владин центар за справување со инциденти, од каде ќе можеме да мониторираме што се случува со министерствата и агенциите. Очекуваме ова да биде функционално до јануари 2026-та.
Каква е состојбата со ИТ кадарот во државната администрација?
СА: Во секој случај, во приватниот сектор платите се многу повисоки. За нас, ситуацијата со промените на пазарите во ИТ секторот во Европа и воведувањето на вештачката интелигенција (ВИ) ја зголеми побарувачката за влезни позиции, директно од факултет, и за луѓе кои повеќе бараат стабилност и не се толку фокусирани на висока плата. Пуштивме неколку огласи и имавме пријавени кандидати, додека претходно се случувало по пет или шест круга на огласи да нема ниту еден кандидат.
Истовремено, за огласите кои ги имавме за волонтери, за 10 места се пријавиле 37 кандидати, што покажува дека кај новата генерација постои интерес да го истражат и државниот сектор. Така мислам дека постои потенцијал, барем додека трае оваа стагнација во ИТ индустријата. Дополнително, им стои опцијата после работното време да работат како фриленсери и да имаат простор за ваков ангажман.
Падот во ИТ индустријата исто така влијае, особено кај оние кои не сакаат нестабилност и би жртвувале релативно повисока плата во приватниот сектор за поголема сигурност во државните институции. После изборите ќе испробаме и нова рунда на огласи – сметам дека е добро да се тестира и практиката на вработување кадар кој може да биде тука и краткорочно.
Кај нас постои страв дека луѓето бегаат од администрацијата во приватен сектор – во ред, секоја година ќе вработувате, и дел од нив ќе си заминат, но целта е да се создаде база на луѓе кои ќе бидат јадро на тимот и структурата која потоа ќе функционира.

Каква е стратегијата на Македонија во поглед на вештачката интелигенција и за она што следува во ова поле?
СА: Ние немаме регулатива за ВИ, и мислам дека не треба да форсираме нешто такво или да се донесува закон или слично. Првенствено затоа што системски уште не ја користиме – можеби ја има некаде во приватниот сектор, но тоа не е на ниво на масовно користење.
Па така, би се довеле до апсурдна ситуација – да имаме голем јазичен модел како ЧетГПТ или Гемини и да регулираме нешто што во ниеден случај не зависи од нас. Но, во Националната ИКТ стратегија има столб за нови технологии и вештачка интелигенција, и целта е првпат да имаме акциска стратешка рамка за тоа што правиме со ВИ во краток, среден и долгорочен период. Тука ќе генерираме системски проекти, ќе ги идентификуваме нивните недостатоци и дури тогаш ќе почнеме со регулирање, секако ако тоа се покаже како потребно.
Исто така, ќе се обидеме да дигитализираме и концепт за градење на македонски јазичен модел, бидејќи ова станува и меѓудржавна конкуренција. Со градењето на македонски јазичен модел кој ќе биде опен соурс, ќе се помогне и дигитализацијата на литературата на македонски јазик, ќе се идентификуваат авторските права и, со сето ова, ќе добиеме добар јазичен модел.
Истовремено, обезбедивме обуки за ВИ преку Европскиот дигитален иновациски хаб за оние во јавната администрација кои се заинтересирани, за да стекнат основни познавања. Секој сектор ќе биде опфатен, и ВИ ќе навлезе уште подлабоко, па затоа е важно да знаеме како да ја користиме. Има доста работа, но не би трчал веднаш како Европската комисија, на пример, и да воведуваме строга регулација.
Секако, ќе ги следиме политиките на ЕУ до некаде, но имам чувство дека дури и самата Унија можеби ќе направи чекор назад од EU AI Act бидејќи ја кочи иновацијата. Затоа треба да почекаме, трудејќи се системски да ја користиме ВИ и да видиме како ќе се развива. Јас повеќе се залагам за воведување Етички кодекс каде ќе декларираме што е направено со ВИ, но не по секоја цена со строга регулација.
Во соседството, како што е Албанија, има најави за формирање ВИ министерство. Колку е реално вакво нешто да се појави на Балканот?
СА: Мислам дека не, бидејќи сепак одлуките треба да бидат носени од вистински луѓе. Но, за доаѓање до информирани одлуки, нема штета од користење на ВИ, и секое министерство, агенција и слично треба да ја користи технологијата, до ниво да помогне да се аргументира како се доаѓа до таа одлука.
Самото носење на одлуки – одделувањето на правилно од неправилно, доброто од лошото – треба да се прави од човек, и тоа алгоритмите никогаш нема да можат да го заменат. Бидејќи станува збор за етички и морални категории, втемелени во искуства и култура, ВИ тука не може да помогне.
За брз пристап до информации, секако дека може да се користи. Но за се останато сметам дека треба да имаме посистематски пристап, да градиме чекор по чекор, додека ВИ ни помага, макар и тоа да оди побавно.
Во поглед на корупцијата, ВИ дефинитивно може да помогне во спречувањето на ситната корупција, а за голем криминал може да обезбеди алатки кои ќе им помогнат на другите институции да комуницираат меѓу себе – на пример преку ДМС и слични платформи.
Кога станува збор за ситната и бирократската корупција, можеме да ја зголемиме отчетноста и одговорноста на самиот систем – со дигитализација на услугите, корисниците ќе можат да го следат процесот на својот предмет, како се движи, и со ова дефинитивно ќе има видливи резултати.

Каква е иднината на дигиталните услуги во Македонија?
СА: Првата година имавме 120 дигитализирани услуги, а втората година ќе има помалку, но ќе се фокусираме на оние кои се најкористени и најпрактични, како на пример потврди за платени даноци или за остварен доход. Исто така, имаме таргет за привлекување на услуги како PayPal; со влегувањето во СЕПА олеснивме многу процеси, слично како беше со ApplePay.
Нашиот револуционерен проект е дигиталниот паричник на кој работиме. Тоа ќе биде суперапликација во која ќе има и услуги и документи. Веќе во октомври ќе ја промовираме, а најпрво ќе започнеме со основна употреба, на пример за потврда на идентитет во банка, и полека ќе се прошири и за поголема примена насекаде.
Предноста на нашата дигитализација е тоа што сме мала, хомогена земја со доста квалитетен ИТ кадар, од државни и приватни универзитети, и не гледам зошто овој кадар и инженери не би можеле да создаваат и нови продукти во Македонија. Тука е нашиот потенцијал – малата големина ни овозможува брзо да завршиме процеси, а новата генерација е гладна за успех и подготвена за новите трендови. Маана е можеби бирократијата, која сака работите да останат како што се – но тоа не нè доведе до тука, и сега треба посилен исчекор. Новата генерација ме охрабрува дека ќе го направиме тој исчекор.







