Нови Pixel телефони, часовници, слушалки беа дел од деветтиот Made by Google. Ова беше најинтересниот хардвер кој го видовме оваа недела, а покрај новите Pixel 9 телефони, Pixel 9 Pro Fold, Pixel Watch 3 и Pixel Buds Pro 2, неделава имаше уште неколку интересни вести.
Научници од Оксфорд креираа револуционерен материјал што може да ги трансформира секојдневните предмети во соларни панели
Ултра тенок, флексибилен слој наскоро би можел да ги покрие домовите, автомобилите, па дури и паметните телефони и да им овозможи да креираат електрична енергија од сонцето.
Во сериозен исчекор за обновливите извори на енергија, истражувачи од Универзитетот во Оксфорд развија ултра тенок материјал што апсорбира светлина со потенцијал да го револуционизира начинот на кој ја користиме. Оваа иновација наскоро би можела да овозможи сè, од покриви до возила, па дури и мобилни уреди, да функционираат како соларни панели, прекинувајќи ја долгогодишната употреба на традиционалните гломазни системи базирани на силициум.
Материјалот, флексибилен филм составен од наредени перовскитни слоеви, има дебелина од нешто повеќе од еден микрон. Ова е 150 пати потенко од конвенционалните силициумски „обланди“ (waffer), a сепак e 5 проценти поефикасен, тврди истражувачкиот тим од Одделот за физика во Оксфорд.

„Овој пристап може да им овозможи на фотоволтаичните уреди да постигнат многу поголема ефикасност, надминувајќи 45 проценти“, вели Шауифенг Ху, истражувач вклучен во проектот.
Можностите кои ќе ги креира овој материјал се огромни. Тенкоста и флексибилноста на материјалот значат дека може да се примени на речиси секоја површина, намалувајќи ги и трошоците за изградба и инсталација. Ова може да го олесни, и поевтини инсталирањето на системи за сончева енергија, правејќи ја одржливата енергија подостапна од претходно.
Покрај оптимизмот и ветувачките први тестови, материјалот сѐ уште е во својата експериментална фаза. Истражувачите од Оксфорд ќе треба да се справат со долгорочната стабилност на овие панели базирани на перовскит. Покрај неверојатниот скок од 6 до 27 проценти ефикасност за само пет години, осетливоста на перовскитот на влага го спречува неговото посериозно користење.
Сепак, потенцијалот е неспорен. Благодарение на овој пионерски материјал од Оксфорд, во иднина сончевата енергија може да биде уште поприсутна во секојдневието.
По 30 години Microsoft ја зголеми партицијата на FAT32
Ако од некоја причина ви биле потребни поголеми партиции на FAT32, Microsoft има одлични вести за вас. По три декади компанијата ќе го зголеми лимитот од 32 GB на 2TB. Промената е имплементирана во Windows 11 Insider Canary Preview Build. Интересно, Дејв Пламер, инженерот кој го креирал претходниот лимит пред 28 години, верувал дека станува збор за привремена мерка, пренесе Engadget.
Речиси истовремено со појавувањето на поголемите SD-картички и USB стикови значително се намали и употребата на FAT32. Со максимална големина на партициите од 32GB и 4GB максимална големина на фајл, неговото користење стана исклучително непрактично, па беше заменет со exFAT и NTFS.
Google Pixel 9 / Pro / Fold
Оваа недела Google ги претстави Pixel 9 телефоните. Генерацијата има неколку уреди Pixel 9, Pixel 9 Pro, Pixel 9 Pro XL и Pixel 9 Pro Fold. Ова е речиси стандардно кога цела серија на телефони се во прашање. Единствен исклучок е Pixel 9 Pro Fold, бидејќи сѐ уште не сме целосно навикнати на овие уреди со флексибилен екран.
Основниот Pixel 9 модел чини 799 американски долари и доаѓа со 6,3 инчен дисплеј. Телефонот е со метална рамка и порцеланска позадина. Кога бојата е во прашање, баш нема преголем избор. Достапни се црн, бел, розев и зелен телефон. Овој, но и сите останати модели на Pixel 9 доаѓаат со Tensor G4 процесор. Најголемата предност на новиот процесор е што е поштедлив, и секако значително подобрите перформанси кај вештачката интелигенција. Tensor G4 e побрз од претходниот модел. Според Google, новиот процесор има 20 отсто подобри перформанси при прелистувањето на интернет и 17 отсто при работата со апликации.
Разликите помеѓу моделите се минимални. Pro моделите доаѓаат со тројна камера, но во основа главната и широко-објективната камера се идентични на сите уреди. Ова е интересна определба на Google да има минимална разлика во хардверот, но и разликата во цената не е преголема помеѓу моделите.
Pixel 9 доаѓа со 7 години надградби на оперативниот систем и безбедносни надградби. Претпродажбата е веќе отворена, а официјалната продажба започнува на 22 август.
Pixel 9 Pro и Pro XL
Pixel 9 Pro е со иста димензија како и основниот модел. Телефонот доаѓа со уште една камера, повеќе меморија и зелената боја, кај овие телефони е заменета со сива. Разликата во камерата кај овие модели е уште една додадена теле-фото камера со резолуција 48 MP.
Кога спецификациите се во прашање Pixel 9 Pro XL е ист со помалиот модел. Разликата е во поголемиот екран и батерија. Ова ја зголемува цената на уредот за дополнителни 100 долари, па XL чини 1099 долари. Цената на Pro моделот е 999 долари, а продажбата за двата започнува на 22 август.
| Pixel 9 | Pixel 9 Pro | Pixel 9 Pro XL | |
|---|---|---|---|
| Процесор | Tensor G4 | Tensor G4 | Tensor G4 |
| RAM | 12 | 16 | 16 |
| Екран | 6,3-инчи 1080р 2700 nits | 6,3-инчи 1280р 3000 nits | 6,8-инчи 1344р 3000 nits |
| Батерија | 4700 mAh | 4700 mAh | 5060 mAh |
| Предна камера | 10.5 MP | 42 MP | 42 MP |
| Главна камера | 50 MP | 50 MP | 50 MP |
| Широко-објективна | 48 MP | 48 MP | 48 MP |
| Телефото | – | 48 MP 5x | 48 MP 5x |
Pixel 9 Pro Fold
Како што може да забележите и од името Google сака да ги спои Fold телефоните во редовната генерација. Компанијата по се изгледа не планира да направи посебна серија за Fold уредите, туку овие ќе бидат како уште еден модел во серијата, на пример како Pro или Pro XL.
Кога телефонот е во прашање има добри и лоши вести. Лоша вест е дека цената и натаму е исклучително висока: Pro Fold чини 1799 долари, цена која е иста со претходниот модел. Добрата вест е дека перформансите на новиот уред се значително подобри.
Затворен телефонот е со димензии како и стандардниот Pixel 9 модел со екран од 6,3-инчи. Ова е малку поголемо од минатиот Fold модел кој доаѓаше со 5,8-инчен екран. Кога е отворен, телефонот доаѓа со коцкест 8 инчен екран.
Со оглед на тоа дека е Pro модел и Fold доаѓа со истиот хардвер: Tensor G4 процесор и 16 GB RАМ меморија. Разлика има кај камерите кој овде вклучуваат широкоаголна камера, телефото камера со 5х зум и телефото камера со 20x Super Res Zoom. Fold моделот има две предни камери една за кога телефонот е затворен, и уште една за кога е отворен.
Според првите прегледи, Google завршил одлична работа со новиот уред, кој сега значително подобро го користи големиот екран.
Pixel AI
Веројатно најважната, но и најинтересна карактеристика на телефоните во следните неколку години ќе биде вештачката интелигенција. Google во новиот телефон додаде куп нови апликации во кои директно ја интегрираше вештачката интелигенција Gemini.
Gemini Overlay е нова функционалност на асистентот која му овозможува на корисникот да го отвори било каде и да му постави прашање за тоа што го гледа на екранот. Без разлика дали е отворена апликација или YouTube видео асистентот може да анализира што гледате и да одговара на различни прашања за тоа.
Со Gemini Live корисниците ќе можат да разговараат со вештачката интелигенција како со луѓе. Корисникот ќе може да зборува со Gemini за сѐ, а ќе може да го користи и за тренер, на пример за интервјуа за работа.
Додавањето на технологија во камерата не е ниту прво за Google, ниту е изненадување. Pixel телефоните со години имаат едни од подобрите фотографии благодарение на алгоритмите и постпродукцијата на сликите. Сепак, Add Мe е нова супер-интересна функционалност на камерата која овозможува да се фотографирате заедно со пријателите и во ситуации кога нема некој околу вас. Функционалноста овозможува комбинации од фотографии и додавање на луѓе за сите да бидат на сликата. Најдобро да го погледате видеото:
Кога сме кај слики, фотографии или илустрации… Google има нова апликација Screenshots, во неа ги собира сите скриншоти, а потоа овозможува пребарување низ нив. Нема никакви ограничувања за тоа што може да има на скриншотот, може да има слики, рецепти или сметки, а апликацијата ќе може да пребарува низ нив. Ова ќе им овозможи на корисниците да дојдат до некој скриншот дури и кога не се најуредни со подредувањето на фајловите.
Call Notes генерира приватни кратки текст прегледи од телефонските разговори. Ова на корисниците ќе им овозможи да пронајдат различни податоци од разговорите, без разлика дали се тоа договорени термини, локации или нешто друго. Целата обработка на разговорите се прави директно на уредот, а и соговорниците ќе добијат известување дека Call Notes е активиран.
Од сите апликации Pixel Studio е најнекорисна. Станува збор за апликација која има една намена: генерирање на слики. Генерирањето на слики не е нешто што ни е неопходно на телефон, а и да е, има куп алтернативи. Најголема предност е што Pixel Studio работи на телефонот, па дури и кога немате интернет апликацијата си работи.
Google претстави уште една функционалност која веројатно ќе ја видиме во повеќе апликации. Во апликацијата за времето има поле во кое со помош на вештачка интелигенција се креира заклучок од сите податоци и се презентира како краток описен податок.
Секако ќе биде интересно да видиме како ќе изгледа одговорот на Apple на нивната конференција, но и во која насока ќе одат овие функционалности во иднина.
Pixel Watch 3
Најголема предност на часовниците на Google уште од времето кога ги правеа со Motorola е изгледот. Apple Watch часовниците се супер корисни со многу функционалности. Најголем недостаток на тој часовник е што изгледот е далеку зад конкуренцијата.
Pixel Watch 3 е елегантен кружен часовник и Google успеа на основниот екран да постави куп податоци. Новиот часовник има два модели, со две различни големини, со дијаметар од 45 mm и со дијаметар 41 mm. Екранот на новите модели е посветол и доаѓа со максимално осветлување од 2000 nits.
Паметните часовници и натаму, во најголема мерка се фитнес додатоци. Pixel Watch 3 доаѓа со повеќе функционалности, на пример следењето кардио и проценка за подготвеност го следат напрегањето додека корисникот вежба.
За корисниците кои сакаат постојано да бидат во можност да видат што се случува дома: Nest камерите се интегрираат со часовникот и може да се погледне што се случува директно на екранот на часовникот, а Watch 3 може да се користи и како далечинско за Google TV.
Дополнителна функционалност е следењето на пулс и во случај на прекин часовникот веднаш ги алармира службите за итна помош. Заедно со известувањето ја испраќа и локацијата.
Поголемиот часовни чини 399 долари, а за помалиот се потребни 349 долари.







