Нов робот од Amazon, први рецензии за Pixel Watch, Surface Pro 9, и ужасен гејминг сет се дел од хардверот кој го видовме оваа недела. Дополнително за сите кои се љубители на новогодишните празници, Philips претстави преубави, иако и прескапи паметни сијалички за елка.
Сет за виртуелна реалност кој ќе нè убие
Не сме сигурни што мислел дека правел Палмер Лаки, кога го дизајнирал сетот за виртуелна реалност со експлозивно полнење. Лаки е ко-креатор на Oculus Rift, а новиот „надграден“ сет е само надградба на постоечкиот Meta Quest Pro. За среќа убиствениот сет засега е единствено „уметничко“ дело за канцеларијата на Палмер.
Инспирација за сетот е популарното аниме „Sword Art Online“. Претставувањето на сетот е на истата дата како SAO инцидентот од Sword Art Online, пишува Палмер на својот блог. Во анимето креирано по стрипот на Реки Кавара илјадници гејмери се заглавени во видеоигра, и единствен начин да излезат е да ја „поминат“ играта. Во Sword Art Online смртта во играта значи и смрт во светот.
Новиот хардвер кој го претстави Палмер доаѓа со експлозивно полнење. На уредот има сензор кој може да детектира црвена светлина на дадена фреквенција, па ако го забележи ова, поточно ако играчот „умре“ во играта се активира полнењето и го „уништува мозокот на играчот“. За среќа уредот не е, и нема да биде комерцијално достапен.
Devialet го претстави својот прв преносен и ултра скап звучник
Францускиот производител на звучници го претстави својот прв преносен модел на звучник. Компанијата која е препознатлива по моќни звучници, ветува дека перформансите нема да ги разочараат купувачите на новиот уред.
За подобар звук Devialet Mania користи вештачка интелигенција. Уредот може да го анализира звукот и да се прилагоди за најдобро можно искуство. Mania доаѓа во 170mm сферно пакување; Има простор за 4 звучници и 2 сабвуфери. Звучниците доаѓаат со 4 ARM Coretex A53 процесори и батерија со капацитет 3200 mAh, што е доволно за 10 часа работа. Уредот е со IPX4 ознака за заштита од навлегување на вода.
Mania може да се користи за комуникација со Alexa, а звучникот може да се поврзе преку WiFi, Bluetooth 5.0, AirPlay 2 или Spotify Connect.
Цената на основниот модел на Mania е 790 долари.
Philips Hue паметни новогодишни светилки
Таман за новогодишните празници Philips претстави нови светилки за украсување на новогодишната елка. Festavia доаѓа со 250 мини LED диоди и 20 метри кабел. Светилките се користат со апликацијата на Philips и корисникот може да креира сопствено светло, да ги осветли или затемни, да ја промени бојата, да го смени интервалот на трепкање и да креира тајмер.
Сијаличките без сомневање ќе ја подобрат новогодишната атмосфера во домот. За жал цената на паметните светилки Festavia е 160 евра што дури и за најголемите љубители на празниците може да е превисока.
Sparrow е нов робот од Amazon
Компанијата која можеби има и најдобро искуство со роботите за магацин – Amazon, престави нов робот – Sparrow.
Sparrow е робот кој ќе биде користен во центрите за испорака, како поддршка за вработените во овие центри. Роботот препознава, сортира и префрла милиони производи пред да бидат спакувани.
Во презентацијата Sparrow подигна повеќе различни предмети, друштвена игра, кутивче со лекови и други различни производи…
Sparrow ќе биде помошник на вработените кои секојдневно подигаат, пренесуваат и пакуваат над 13 милиони пакети, вели Amazon.
Google Pixel Watch
По неколку години најави, Google конечно претстави Pixel часовник. Првата презентација на часовникот помина во октомври, а сега веќе пристигаат прегледи. Pixel Watch чини околу 350 долари, и е во ист ранг со останатите паметни часовници. Ова не остава простор за часовник кој ќе биде полош од конкуренцијата.
Првите впечатоци на Wareable се дека часовникот е премал. Ова е интересна констатација со оглед на тоа дека до пред неколку години никој не би се осмелил да тврди дека часовник со дијаметар 41mm е со соодветна големина. Дел од конкурентите, како Apple, нудат неколку различни димензии. Ова не е случај со часовникот од Google кој има единствено една димензија.
Една од работите на кои никогаш не успеав да се навикнам кога го гледам дизајнот на Apple Watch е изгледот. Часовникот од Apple без сомневање е најкорисниот уред кој може да го носите на рака и истовремено е еден од погрдите. Pixel Watch повеќе наликува на традиционален часовник и некако со Wear OS успева да пронајде простор за сите виџети кои се користат во моментот.
Со промените е олеснето следењето на различни податоци. На пример: број на срцеви отчукувања во минута, следење на Strava или насоки за движење од Google Maps.
Без разлика колку различни функционалности се додаваат, барем во моментов паметните часовници се фитнес додаток. Тука кај часовникот од Google одлично се вклопува Fitbit и интеграцијата на функционалностите кои ги имаат алките за вежбање. Единствен недостаток е дополнителната претплата која треба да се плати за користење на Fitbit Premium пакетот. Ова овозможува следење на некои напредни функционалности, како следење на спиењето, податоци за здравјето, анализа на активностите и слично.
Два големи недостатоци кај часовникот во денешно време се недостатокот на сензори и батеријата. Сензорите кои го следат здравјето на корисникот треба да добијат надградба. Часовникот доаѓа со сензори за ЕКГ отчитување, работа на срцето, дишење. Сепак сите часовници во истиот ценовен ранг имаат многу повеќе. Овозможуваат следење на сатурацијата на крвта со кислород, притисок, температура…
Недостатокот на сензори е проблем, но не колку батеријата. Капацитетот на батеријата е најголем проблем на Pixel Watch. Google вели дека е доволен за 24-часовна работа, но ова е без ниту една функционалност. Едноставното следење на физичките активности е доволно да испразни 35 до 40 проценти од батеријата за еден час. Следењето на спиењето ја празни батеријата 15 до 20%.
Surface Pro 9 (Intel)
По подолго време од најавата конечно се достапни и првите рецензии на Windows Surface Pro лаптопот на Microsoft со Intel процесор. ARM моделот е достапен неколку недели и првите рецензии за тој модел се достапни отпорано.
Intel моделот на Surface Pro 9 доаѓа со Core i5 или Core i7 процесор кој барем засега е помоќен од Qualcomm ARM верзијата. Ова може да се промени со идна надградба на фирмверот и софтверот, но барем засега, ARM моделот едноставно не е доволно моќен. Најевтиниот модел на лаптопот доаѓа за 1000 долари со Core i5. За жал ова е цената е за уред без електронско пенкало и тастатура – практично за 1000 долари купувачите добиваат моќен таблет компјутер.
Двете верзии на Surface Pro 9 доаѓаат со 2880 x 1920 120Hz дисплеј и идентична тежина, иако Intel моделот е 5 грама полесен, ова секако е незабележително. Основата верзија на двата модели доаѓа со 8GB RAM, Intel моделот доаѓа со максимални 32 GB RAM, а ARM моделот со 16 GB RAM. Минималниот простор за податоци е 128GB; моделот со Intel процесор има максимален диск од 1TB; ARM моделот 512GB.
Она што не е незабележително е недостатокот на NPU процесор кој не доаѓа со моделите на Intel. Ова е процесорот кој овозможува низа одлични функционалности, на пример одржување на виртуелен поглед кон камерата со обработка на сликата, и повеќе различни функционалности со камерата за кои најмногу се користи NPU, или поточно, најлесно се забележува тука.
Процесорот е доволно моќен за сите потреби на корисникот. Verge го тестираше на најголем дел од софтверот кој е вообичаен за сите корисници. Дел од секојдневната работа во Verge опфаќа Google Docs, уредување слики, цртање, забава, истражување во Chrome, Zoom повици, и за ова лаптопот е и повеќе од доволен. Проблем се дел од апликациите кои се отвораат преку емулаторот на Microsoft и тие работат и се отвораат бавно.
Една од предностите на ARM моделот е батеријата и времето кое е овозможено со едно полнење на батеријата. Моделот со Intel процесор работи околу 7 и пол часа со едно полнење. Без активен 5G ARM моделот работи 5 часа подолго, што е импресивно, иако по вклучувањето на мобилниот интернет времето паѓа под 7 часа.