JDM: Japanese Drift Master е игра која, низ годините ветуваше дека ќе ги однесе играчите на возбудливо патување низ срцето на јапонската автомобилска култура, фокусирајќи се целосно на уметноста на дрифтањето. Овој наслов, развиен од Gaming Factory, а објавен во соработка со 4Divinity, има за цел да понуди автентично, но и пристапно искуство за љубителите на тркачките игри. Веќе некое време, демо верзијата им овозможува на играчите да ѕирнат во она што ги чека, но што е со финалната верзија?

Дрифтање со стил
Играта се одвива во измислено место Гунтама. Овој регион, меѓутоа, е инспириран Хоншу регионот кој се наоѓа во Јапонија. Во играта, ќе имате можност да истражувате над 250 километри патишта, возејќи низ планински превои и раздвижени градски улици. За дизајнот на улиците, авторите користеле слики и снимки од вистински места како би можеле пореалистично да ја доловат уникатната магија на регионот. Отворениот свет е дополнително збогатен со динамичен систем за временски услови и дено-ноќиот циклус, што дополнително придонесува за реализмот и разновидноста на искуството. Имено, секој автомобил се различно вози не само во зависност од временските услови туку и во зависност од хардверот кој се наоѓа под и околу хаубата.

Сообраќајот на патиштата додава уште еден слој на предизвик и автентичност.
Во поглед на физиката при возењето, JDM: Japanese Drift Master се обидува да најде баланс помеѓу реалистична симулација и аркадна забава, со цел да ja направи играта да биде пријатна за играње ем со контролер, ем со понапредни симулациски помагала, како волани и педали. Независно од тоа како сакате да играте, уште на самиот почеток ќе можете да работите на усовршување на вашите дрифтерски вештини, да учествувате во различни форми на трки, и да се соочуваат со различни предизвици, се со цел да го почувствувате адреналинот на автентичните јапонски улични трки.

Покрај слободното истражување, играта нуди и настани и кветови кои даваат подобар увид во приказната. Кампањата се развива преку повеќе од 40 наративни настани и дополнителни споредни квестови, каде, обично, имате за задача да се натпреварувате против најдобрите дрифтери во областа. Надвор од ова, имате можност и да искусите емотивна приказна поврзана со главниот лик. Наративот е визуелно претставен преку рачно нацртани манга страници, што додава уникатен уметнички допир на изведбата.

Во светот на JDM, автомобилите се во центарот на вниманието. Поради тоа, ќе можете да избирате бројни лиценцирани возила на познати јапонски брендови како Mazda, Nissan и Subaru. За целосно персонализирање на искуството, на располагање имате и работилница за бојадисување каде што автомобилите може да се истакнат со уникатни јапонски стилови. Дополнително, во истата работилница ќе можете да работите не само на изгледот туку и на функционалноста, отклучувајќи го целосниот потенцијал на вашите метални чудовишта и надградувајќи ги вашите возила со различни подбрувања.

За целосна имерзија, JDM: Japanese Drift Master става огромен акцент и на звукот. Автентичните звуци на автомобилите се снимени од оригинални возила. Истите се детално имплементирани за да се долови чувството дека навистина сте зад воланот. Додека се тркате низ живописните предели, ќе можете да слушате радио станици со тематска музика, избирајќи го совршениот саундтрак за моментната ситуација.




Со комбинација на реалистична, но прилагодлива физика, огромен отворен свет инспириран од Јапонија, богати опции за прилагодување на лиценцирани автомобили и уникатен наративен стил, JDM: Japanese Drift Master има потенцијал да стане значаен наслов за сите ентузијасти на дрифтот и јапонската автомобилска култура. Доколку сте фанови на игри од ваков калибар, навистина не е лошо да ја проверите играта. Ако не играта, барем демото!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Gaming Factory
- Издава: Gaming Factory, 4Divinity
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 21 мај 2025







