По речиси пет години прогон, Fortnite се врати на App Store за корисниците на iPhone и iPad. Epic Games го објави враќањето на апликацијата за 20 мај 2025 година, и корисниците веќе можат да ја преземат. Играта е исто така повторно достапна во Epic Games Store и AltStore во Европската Унија.
Зошто Fortnite беше отстранет од App Store?
Во август 2020 година, Apple го отстрани Fortnite од App Store. Причина за ова беше функционалноста за директно плаќање во играта која ја додаде Epic Games. Со ова корисниците можеа да го заобиколат системот за купување во апликација на Apple (In-App Purchase). Дополнително можеа и да платат помалку за истите понуди. По ова Apple речиси веднаш го забрани и го отстрани профилот на Epic во САД. Со тоа започна повеќегодишна правна битка меѓу двете компании. Првата пресуда беше објавена во септември 2021 година, а Epic и Apple ја обжалија.
Враќање на Fortnite на AppStore
На почетокот на овој месец се случи поважен развој во правниот случај меѓу Epic и Apple кој ја „размрда“ ситуацијата. Судијката Ивон Гонзалес Роџерс издаде наредба со која му се забранува на Apple да наплатува провизија или на друг начин да се меша во способноста на развивачите да ги насочуваат корисниците кон надворешни методи за плаќање.
На 9 мај, Epic Games објави дека ја доставиле Fortnite до App Store во Соединетите Држави. Верзијата на Fortnite која беше додадена гo користеше и системот за купување во апликација на Apple и надворешна опција за плаќање преку Epic Games Store. Но играта не се појави на AppStore. Кога и по една недела играта не беше достапна, Epic се жалеше дека Apple ја „блокирал“ играта на глобално ниво. Дел од блокирањето беше достапноста на играта на алтернативни пазари за апликации во Европската Унија.
Apple ја негираше веста за блокирање на Fortnite во Европската Унија. Компанијата објави дека побарале од Epic Games да ја поднесат играта повторно. Овојпат, без да ја вклучат и на американската верзија на App Store, пишува 9to5mac.
Epic Games потоа испрати жалба до судијката Гонзалес Роџерс, повикувајќи го судот да бара од Apple „веднаш да прифати која било апликација од Epic“. Судијката изјави дека официјалното лице на Apple „лично одговорно за обезбедување усогласеност“ ќе мора да се појави на суд доколку Epic и Apple не успеат да го решат прашањето. Тоа лице би требало да биде „целосно подготвено да одговори на сите прашања на оваа тема“ за време на сослушувањето на 27 мај. Еден ден подоцна, на радост на илјадници гејмери, Apple попушти и Fortnite е повторно достапен на App Store.

Microsoft го обвини Apple дека го „спречува“ лансирањето на продавницата за мобилни игри на Xbox
Во поддршка на Epic, Microsoft потврди дека производителот на iPhone ги „спречил“ напорите на компанијата да ја лансира својата продавница за мобилни игри Xbox.
Во мај лани, Microsoft објави планови за отворање нова продавница за мобилни игри на Xbox. Во тоа време, компанијата предвидуваше таа да биде подготвена за објавување за летото 2024 година. Сепак, тоа не се случи. Сега, Microsoft поднесе правен поднесок во поддршка на Epic Games како дел од жалбата на Apple против неодамнешната пресуда.
Microsoft изјави дека сака да „понуди одржливо решение на потрошувачите со лансирање на сопствена онлајн продавница“, но напорите биле „спречени“ од Apple и неговите строги правила на App Store, пренесе The Verge.
„Наредбата на окружниот суд му овозможува на Apple да ја одржи својата ексклузивност во апликациите, но барем требаше да му овозможи на Microsoft да им понуди на потрошувачите функционално решение со лансирање на сопствена онлајн продавница која ќе биде достапна преку линк и ќе овозможи купување надвор од апликацијата и потоа користење во игри или други апликации. И тоа е она што Microsoft сака да го направи. Но, дури и ова решение е спречено од Apple.
Пред најновата наредба на окружниот суд, Microsoft не можеше да имплементира поврзани плаќања (ниту да ги информира клиентите дека постојат алтернативни методи за купување) поради новите политики на Apple против насочување кои ја ограничуваат комуникацијата на Microsoft со корисниците и наметнуваат уште поголема економска цена за Microsoft отколку пред наредбата“.
Неодамнешната судска пресуда му овозможува на Microsoft да ја лансира својата мобилна продавница. Сепак, компанијата сè уште сака да се осигури дека и жалбата на Apple против пресудата ќе биде неуспешна. Ова ќе им овозможи да избегнат потенцијални проблеми со отстранување на продавницата подоцна.







