DUCK: Dangerous Ultimate Cartridge Kidnapper е игра која, преку микродози од разнолика забава, не враќа во едно поедноставно, но подеднакво забавно време, вовлечувајќи не во носталгично патување во ерата на старите конзоли и мистериозните „100-во-1“ кертриџи.

Играта неодамна излезе за PS5
Приказната во DUCK не е кратка, но сосема доволна за да ве вовлече во една симпатична и креативна јамка. Имено, група мали пајчиња откриваат баш кертриџ во кој има вдомено 100 игри, но наместо бескрајна забава, тие стануваат заробеници на злобниот дух кој себеси се нарекува DUCK или Dangerous Ultimate Cartridge Kidnapper. За да ја избегнат клетвата и да не станат трајни, пикселизирани ликови во неговите игри, пајчињата мораат да ги поминат сите 100 предизвици што им ги поставува духот. Оваа премиса служи како совршена рамка за една хаотична, брза и неверојатно заразна авантура.

Брзи рефлекси и постојана разновидност
Како што напоменавме DUCK се одликува со 100 различни микроигри. Механиките на играње веднаш ќе ги потсетат искусните гејмери на класици како серијалот WarioWare. Секоја игра трае само неколку секунди, најчесто помеѓу 5 и 15, и бара од вас брзо да ја разбере целта и да реагира веднаш. Пред секој предизвик, на екранот се појавува кратка и јасна текстуална инструкција, што овозможува инстантно вклучување без потреба од долготрајни туторијали. Гејмплејот е намерно дизајниран да биде интензивен; постојаното менување на задачите е замислено да ве држи на работ на седиштето и да ги тестира вашите рефлекси и способноста за брзо размислување. Разновидноста на игрите е импресивна и со постојана промена на контекстот и механиките, успешно искоренувајќи ја секоја можност за монотонија.

Ода на пиксел-арт естетиката
Визуелно, играта оддава почит кон златната ера на 8-битните и 16-битните конзоли. Наместо да се држи до еден унифициран визуелен стил, DUCK нуди различни стилови на пиксел-арт графика кои се менуваат од една микроигра во друга. Оваа одлука дополнително го засилува чувството дека играте на стар 100-во-1 кертриџ, каде што секоја игра имала свој уникатен визуелен идентитет. Звучната подлога совршено ја надополнува ретро атмосферата. Таа е составена од уникатни чиптјун мелодии и звучни ефекти кои веднаш евоцираат спомени од класичните аркадни и конзолни хитови.

Режими на игра и долготрајност
DUCK нуди неколку различни режими кои обезбедуваат долготрајност и можност за повторно играње. Главниот е Story Mode, каде што преку пет главни поглавја, кои се посветени на петте пајчиња, ќе мора да ги поминете сите 100 игри. Како што ги отклучувате игрите во приказната, тие стануваат достапни во архивата, каде што можете да вежбате и да се обидете да ги совладате на сите три нивоа на тежина. За оние кои бараат вистински предизвик, тука е Survival Mode, каде што целта е да постигнете што е можно повисок резултат со ограничен број на животи. Покрај соло играњето, играта нуди и неколку Party Modes, кои се идеални за забава со пријателите. Важно е да се напомене дека кооперативните режими се имплементирани во hotseat формат, што значи дека играчите се менуваат на ред, играјќи еден по друг. Како дополнителен мотив за играње, постојат и 16 декоративни панели кои се отклучуваат со исполнување на специјални услови, додавајќи уште еден слој на содржина.

Топла атмосфера и заразна забава
DUCK: Dangerous Ultimate Cartridge Kidnapper e игра која успешно ја доловува топлата, магична атмосфера на детството. Целокупниот амбиент е создаден да ве потсети на времето поминато со пријателите пред стариот телевизор чувствување работи кои се возможни само во безгрижното детство. Со својот огромен број на брзи и динамични микроигри, шармантна ретро естетика и разновидни режими на игра, DUCK е одличен избор за сите љубители на аркадни предизвици, како и за оние кои сакаат да доживеат доза носталгија или да се забавуваат со друштвото.








