Кинески компании пронаоѓаат креативни начини да ги заобиколат американските санкции за извоз на високотехнолошки чипови за вештачка интелигенција (АИ), со цел да продолжат со развојот на своите АИ модели. Кина успеваше да ги заобиколи санкциите за увоз на хардвер. Сепак, поради построгите контроли ова сега е потешко. Затоа, наместо да увезуваат чипови директно во Кина, тие извезуваат податоци во земји каде што се достапни напредни чипови на Nvidia, тврди Wall Street Journal.
Еден таков пример е патувањето на четворица кинески инженери во Малезија. Инженерите носеле куфери полни со 15 хард-дискови со 80 терабајти податоци. Во податоците имало табели, слики и видеа. Овие податоци биле користени за тренирање на АИ модел на сервери во малезиски центар за податоци, опремен со Nvidia чипови. Откако моделот бил изграден и трениран, резултатите (параметри на моделот) се вратиле во Кина.
Оваа практика е нов предизвик за американските напори за ограничување на пристапот на Кина до напредни АИ технологии, кои се воведени поради безбедносни причини.
Прекуморски тренинг на кинески АИ
Кинеските компании користат сложени шеми, вклучувајќи прекуморски претставништва и оптимизација на податоци за тренирање пред да ги испратат надвор од земјата.
„Пред да патуваат, инженерите на компанијата во Кина поминаа повеќе од осум недели оптимизирајќи ги податоците и прилагодувајќи ја програмата за обука за вештачка интелигенција, знаејќи дека ќе биде тешко да се направат големи измени откако податоците ќе бидат надвор од земјата.
Кинеските инженери се обратија до истиот малезиски центар за податоци минатиот јули, работејќи преку подружница во Сингапур. Бидејќи Nvidia и нејзините добавувачи почнаа да спроведуваат построги ревизии на крајните корисници на чипови за вештачка интелигенција, кинеската компанија беше замолена од малезискиот центар за податоци кон крајот на минатата година да работи преку малезиски ентитет, за што компаниите сметаа дека би можело да предизвика помала контрола.“, пишува WSJ.
Инженерите неодамна се вратиле во Кина со подготвен модел. Резултатите се неколку стотици гигабајти податоци, вклучувајќи ги параметрите на моделот.
Администрацијата на Бајден предложи специфични ограничувања по држава за набавка на американски чипови. Сепак, администрацијата на Трамп ги отфрли овие предлози, наведувајќи го непотребниот регулаторен товар врз американските компании како Nvidia. Сепак, беше издадено и предупредување до американските компании. Тие треба да преземат чекори за спречување на користењето на нивните АИ чипови за тренирање на кинески модели.
Југоисточна Азија, особено Малезија е центар за тренинг на кинеските модели на вештачка интелигенција. Регионот има огромен раст на капацитетите на центри за податоци. Малезија на пример, увезе значително повеќе АИ чипови за обработка на податоци од Тајван во првите месеци од 2025 година отколку во цела 2024 година. Само во март и април 2025 година вредноста на увезените чипови е 3,4 милијарди американски долари.
Процесот е комплициран и бара внимателно планирање. Сепак, кинеските компании и немаат избор. Процесот им овозможува да ги заобиколат ограничувањата за увоз на хардвер и да продолжат со напредокот во областа на вештачката интелигенција. Тркаta меѓу САД и Кина во технологијата на вештачка интелигенција е започната, и ниту една од страните нема да забави.







