Извршните директори на компаниите зад најголемите друштвени мрежи Meta, Snap, X, TikTok и Discord оваа недела во Конгресот ги објаснуваат мерките кои ги преземаат за заштита на децата.
Пред Судскиот комитет на Сенатот ќе се појават Марк Закерберг (Meta), Линда Јакарино (X), Шоу Чу (TikTok), Џејсон Ситрон (Discord) и Еван Шпигел (Snap). Закерберг и Чу се единствените директори кои на сослушувањето дојдоа без „покана“ за задолжително присуство. Директорот на Meta веројатно и заборавил по кој пат ќе биде сослушуван пред Сенатот, но за останатите ова е прво појавување.
Discord и TikTok се две понови платформи кои се популарни кај младите. Discord е платформа за разговори првенствено наменета за видеоигри. TikTok е друштвена мрежа за споделување на видео содржина. Претставниците во Сенатот ќе се обидат да ги натераат друштвените мрежи да ги направат своите платформи побезбедни за младите.
Дел од обвинувањата кон друштвените мрежи се сериозни. Претставниците на најголемите партии во САД ќе ги испрашуваат за опасноста нивните платформи да бидат место на кое децата ќе бидат изложени на предатори. Дополнително сенатот ги обвинува дека се и пазар за детска порнографија. Секако една од темите ќе биде и влијанието на друштвените мрежи на менталното здравје на младите.
Марк Закерберг побара од Сенатот да ги обврзе Apple и Google да ја верификуваат возраста на децата. Идејата е ова да се направи на App Store и на Google Play. Двете продавници ќе ја прибираат возраста на корисниците и потоа веројатно ќе треба да ја испраќаат до друштвените мрежи или до сите апликации кои се чувствителни на годините на корисниците.
„Се согласуваме дека е потребно поставување на стандарди во индустријата за содржина која ќе соодветствува на возраста и ограничување на рекламирањето според возраст и локација, без податоци за однесувањето.
Компанијата е подготвена на соработка со сите членови на комисијата кои сакаат да разговараат за законодавство во овие области.“, додаде Закерберг.
За жал, во реалноста Meta не прави доволно за заштита на децата. Дури и кога има предлози да се направи нешто, се одбиваат. Неколку часа пред да започне заседавањето на Комисијата беа објавени документи од тужбата против Meta.
Во 2021 година предлог бил компанијата да додаде дополнителен тим. Единствен фокус на околу 45 вработени, десетици инженери и помошен кадар, ќе бил безбедноста и благосостојбата на децата. Предлогот за нови членови на персоналот бил одбиен штом стасал до Закерберг, пренесува New York Times.
Претставничката на X, Линда Јакарино во своето отворање ќе се обиде да објасни дека „X не е платформа на која доаѓаат деца и тинејџери“. Сепак, додава „Го имате моето ветување дека X ќе биде дел од решението“.
Седницата е отворена за јавноста, и може да ја следите на веб-страницата на комитетот.







