Францускиот претседател Емануел Макрон е цел на критики, откако се закани дека ќе го ограничи пристапот до друштвените мрежи. Макрон се надева дека со стопирање на пристапот до друштвените мрежи ќе запре и насилството на улиците во Франција.
Треба да размислиме за тоа како младите ги користат друштвените мрежи, на училиште, во семејството, и како да ги ограничиме…
Ова го кажувам многу јасно, бидејќи тие го менуваат начинот на кој младите се поврзуваат со реалноста. Треба да размислиме за одлуките што ги носиме, вклучувајќи ги и административните одлуки, за кога работите ќе излезат од контрола, во одреден момент да можеме да кажеме дека сме во позиција да ги регулираме или прекинеме. Важно е да не го правиме ова во чувствително време, мило ми е што не мораме, но тоа е вистинската дебата што треба да ја имаме кога работите ќе стивнат
вели Макрон од Елисејската палата
Претставниците на властите во Франција дообјаснија дека не станува збор за целосна блокада, туку за повремена и привремена мерка. Критичарите веднаш забележаа дека ваква мерка би ја поставилa Франција во група држави со Кина, Русија и Иран, а дел од политичките опоненти го нарекуваат Макрон, француски Ким Јонг Ун.
Мерките за кои француските власти предлагаат дебата е додавање на нова функционалност налик на геолокализација која ќе оневозможи организаторите на насилни протести да бидат анонимни.
Сепак од дел од потенцијалните барања се чини дека ќе има предлози и за ограничување или забрана на содржината.
Во фокус на потенцијалната дебата се Snapchat, TikTok и Telegram, платформи кои овозможуваат ограничено следење на објавите, и нивната улога во нередите.
Француските власти за време на нередите поднеле барање до друштвените мрежи за брзо отстранување на објавите кои поттикнуваат насилство, истовремено барајќи отстранување на анонимноста за нивните објавувачи.
Десет дена протести
Власите во Франција се обидуваат да се справат со протестите од 27-ми јуни, откако полицаец го застрела седумнаесет годишниот Нахел М кој има алжирско потекло. Немирите се проширија низ цела Франција, а полицијата повторно е обвинета за системски расизам.
Полицаецот кој го застрела 17-годишникот е под истрага за убиство од небрежност и е задржан во притвор.
Во протестите се запалени објекти и возила, вандализирани се полициски станици, илјадници демонстранти се уапсени, а стотици полицајци се повредени.







