Findzzer е иновативна македонска апликација која ја решава дилемата на многу млади: Каде да излезам и со кого? Апликацијата ги спојува најактуелните настани во околината со систем за социјализација, овозможувајќи им на корисниците не само да ги откријат сите случувања, туку и да запознаат нови пријатели или потенцијални романтични партнери со слични интереси.
Платформата е креација на тим од пет амбициозни студенти од Тетово. Покрај Марио Бојаровски кој одговори на нашите прашања, на апликацијата работеа и неговите сестри Мила и Матеа. Бекендот на апликацијата го изработи Никола Домазетовиќ, а Ангела Апостолска работеше на UI/UX.
„Многу млади луѓе особено оние кои штотуку се преселиле во нов град, студенти на размена, туристи или едноставно оние кои сакаат промена на средината често се соочуваат со тешкотии при социјална интеграција. Тие не знаат кои настани се случуваат, каде да излезат, ниту како да запознаат нови луѓе со слични интереси.
Истовремено, организаторите на настани трошат големи средства за промоција без гарантиран успех.
Findzzer ја пополнува оваа празнина со тоа што им овозможува на корисниците лесен пристап до сите настани околу нив, можност за резервации со еден клик, и најважно поврзување со луѓе кои делат исти интереси со нив! Досегашните 3000 корисници ни се одличен доказ дека сме на правиот пат.“, вели Марио.
Која е вашата инспирација за креирање на Findzzer.
Идејата ми дојде додека бев на Erasmus во Португалија. Сам во нов град, без познати луѓе и без информација каде да одам и што се случува околу мене, се соочив со проблем кој го споделуваат илјадници млади луѓе ширум светот. Без разлика дали си на размена, студент кој се преселил во друг град или едноставно си во нова средина, желбата за социјализација е реална потреба. Скролаш на Instagram или пребаруваш на Google Maps, но тие платформи едноставно не нудат ваков тип на содржина — информации за настани и можности за запознавање луѓе со слични интереси.
Одлуката да се фокусираме прво на главниот град на нашата земја беше стратегиска, бидејќи таму е најголемата маса на млади луѓе, а многумина од нив се преселени од други градови. Сакавме да ја обединиме младината и да го поедноставиме процесот на транзиција и започнување на факултет со една грижа помалку: запознавање нови пријатели.
Одкаде идеја да ги споите промоцијата на настани и „личните контакти”?
Комбинацијата на промоција на настани со личните контакти не е случајна, токму matching системот со другите присутни е нешто што нè прави различни. Не само што ви покажуваме што се случува, туку ви помагаме да запознаете луѓе со слични интереси полесно и поприродно. Кога одиш на настан, не одиш само за настанот или изведувачот, одиш да се забавуваш со пријатели или да запознаеш нови луѓе. Многу често се наоѓаме во ситуација кога навистина сакаме да одиме некаде, но за жал немаме со кого да одиме. Или пак додека сме на самиот настан, чувствуваме срам да се запознаеме со некој друг. Токму затоа ги споивме двете работи!


Кои податоци се клучни за ROI (на пример за мала локација на која има свирки или диџеи?)
За мал бар со редовни настапи во живо, Findzzer нуди јасни предности и мерливи податоци за подобрување на нивниот ROI:
Барот добива значајна можност да се промовира и да ја зголеми својата видливост, без разлика дали е веќе популарен или допрва почнува. Findzzer овозможува полесно да се стигне до нова публика која активно бара настани во близина. Ова значи дека локалот може да се истакне пред луѓе кои се подготвени да излезат и да искусат нешто ново.
Благодарение на локациски и препораки базирани на интересите на корисниците, барот може да привлече поголем број на луѓе со вистински интерес за типот на музика или атмосфера што ја нуди. Со таргетирање на вистинската публика, се зголемуваат шансите за поголема посетеност и подобра атмосфера во локалот.
Findzzer нуди детална статистика и аналитика кои им помагаат на сопствениците да ги оптимизираат своите настани и маркетинг активности. Овие податоци вклучуваат: број на посетители и заинтересирани корисници, тип на музика и профил на публика (возраст, пол, интереси), како и време и денови со најголема активност. Со оваа аналитика, локалите можат попаметно да ги планираат идните настани.
Наместо резервации преку chat, сега барот ќе има сопствен, интуитивен UI интерфејс за резервации. Ова го прави процесот побрз, поорганизиран и попрофесионален, подобрувајќи го корисничкото искуство и намалувајќи ја конфузијата и пропуштените резервации.
Локалите имаат можност за директна комуникација со посетителите. Тие можат да испраќаат live notifications до сите кои направиле „Join“ за настанот, на пример, за да објават специјална промоција, happy hour или промена во програмата. Ова ја одржува публиката информирана и ангажирана во реално време.
До крајот на годината, Findzzer ќе ја лансира и Inventory платформата, која им овозможува на бизнисите: следење на состојбата со намирници и залихи, автоматски извештаи за тоа што недостасува и препораки од каде да се набави потребното.
Оваа интеграција ќе ја зголеми оперативната ефикасност на бизнисот и ќе ја намали можноста за недостиг на ресурси за време на настани.


Ако имате кратко време до го претставите Findzzer пред нови корисници или клиенти како ќе ја претставите апликацијата?
Не знаете каде да излезете? Или со кого? FINDZZER ви нуди лесен пристап и решение на токму тој проблем. Откривајте настани во вашиот град, запознавајте луѓе со слични интереси, или резервирајте маса, сè на едно место. А ако сте бизнис? Ви нудиме all-in-one платформа, од менаџмент на настани, преку резервации, до дирекетна комуникација со вашите клиенти, се со цел да ја зголемите видливоста на вашиот бизнис.
Дали веќе имате идеја за начинот на монетизација на Findzzer?
Кога ја започнувавме апликацијата, повеќе бевме водени од влијанието и доброто што ќе го донесеме, отколку од профитот, и влеговме подготвени да создадеме квалитетен производ.
Со апликации како Findzzer, монетизацијата обично оди преку претплати, што е и нашиот тековен план за имплементација: Лимитирање на бројот на Joins, matches или резервации за корисниците во бесплатната верзија; Ограничување на бројот на настани, достапни статистики или бројот на бизнис профили, со понуда за неограничено искуство за одредена цена; Воведување на систем за купување билети, од каде ќе земаме мала провизија по продажба.
Дополнително, бизнисите ќе имаат пристап до детална аналитика и статистика, што им помага да го оптимизираат работењето и промоцијата на своите настани. Планираме и дополнителната апликација за бизнисите, Findzzer Inventory да биде базирана само на претплати.
Секундарни извори на приход можат да бидат и партнерства и соработка на социјалните медиуми само минатиот месец имаме над 11.000 followers и 246.000 views, што покажува голем потенцијал за промоција и монетизација.
Примарната стратегија е комбинација од Business Subscription Plans и User Premium Subscriptions. Сакаме бизнисите да имаат пристап до нашите алатки за промоција и аналитика преку месечни претплати, додека корисниците можат да уживаат во неограничено искуство со premium претплата. Засега не планираме провизии на резервациите, но секако и тоа е опција. На тој начин создаваме win-win ситуација за двете страни, бизнисите добиваат повеќе клиенти и подобра видливост, корисниците добиваат подобро искуство, а ние генерираме приход од вредноста што ја создаваме.


Кои се плановите за иднина?
Моментално, фокусот ни е на главниот град, Скопје, каде што е најголема концентрацијата на млади луѓе. Паралелно, веќе започнавме да работиме и во Словенија, бидејќи и таму студентите кои се преселени од други места се соочуваат со иста борба за социјална интеграција.
Во наредната верзија на апликацијата работиме на: Upgrade на системот за резервации за секој настан поединечно, што ќе им овозможи на корисниците полесно да планираат и резервираат место; Интелигентен matching систем базиран на вештачка интелигенција, кој ќе нуди препораки за луѓе и настани, со што искуството ќе стане персонализирано за секој корисник; Findzzer: Inventory платформа преку која бизнисите ќе можат да ги следат своите залихи и да имаат подобар увид во нивното работење и целиот механизам кој стои позади настаните на кои што одиме; Систем за купување билети, кој ќе ни овозможи да генерираме приход преку провизии, а на корисниците уште една функционалност во рамките на истата платформа!
Нашата визија е да се прошируваме во повеќе држави и да ја направиме Findzzer go-to платформа за социјален живот на младите, без разлика дали се преселени некаде надвор или дома. Апликацијата ќе им помогне да се поврзат со својата генерација и да уживаат во социјалниот живот без стрес.
Нашата цел е едноставна: да ја унифицираме младината и да им помогнеме да се најдат едни со други, полесно и поинтуитивно.







