Anno 117: Pax Romana – ран преглед

во гејминг

Познатиот серијал за стратегии за градење градови, Anno, уште еднаш ви се заканува со враќање кон историските корени, овојпат со Аnno 117: Pax Romana. Развивана од Ubisoft Mainz, студиото одговорно за успешниот Anno 1800, овој дел ве носи во најраната ера досега – зенитот на Римската Империја. Се очекува насловот да излезе на 13 ноември, но дали ќе успее да ги задоволи тврдокорните фанови и да ја еволуира основната формула на серијалот?

Цената на римскиот мир

Како што кажува и самиот наслов, во најновата Anno игра ќе навлезете во 117 година од нашата ера. Овој период, под власта на императорот Трајан, е познат како Pax Romana (Римски мир) – време на релативна стабилност и просперитет. Концептот служи и како механичка и како наративна рамка, создавајќи импресивна тензија помеѓу мирот и војната. Од една страна, тимот се има потрудено да го задржува препознатливиот идентитет и нуди симулација која е фокусирана на логистика, оптимизација на производството и задоволување на потребите на населението. Од друга страна, пак, кревкоста на мирот на границите на империјата овозможува враќање на воените системи, вклучувајќи и копнени битки. Конфликтот, меѓутоа, не е постојана состојба, туку стратешки избор со последици, овозможувбајќи ви да одлучувате дали ќе владеете преку економска моќ или преку воена доминација.

Две Провинции, различни судбини

Најголемата иновација во Anno 117 лежи во изборот што ви се нуди на самиот почеток, односно со која од двете фундаментално различни провинции да го започнете вашето владењење.

Првата опција е Латиум – срцето на римскиот свет. Оваа провинција нуди класично искуство на градење римски метрополи, со фокус на изградба на препознатливите аквадукти, управување со сложени економии и оптимизација на урбани центри во познат медитерански амбиент.

Во целосна спротивност е Албион – дива и мистериозна келтска територија инспирирана од античка Британија. Пејзажот со мочуришта и густи шуми на кои ќе наидете во целосната игра ќе претставува уникатни предизвици.

Клучниот момент во Албион настанува кога мора да изберете дали ќе ја наметнете римската култура или, пак, ќе ги почитувате локалните келтски традиции. Овој избор директно влијае на потребите на населението, видот на ресурсите и стилот на градење. На пример, романизацијата може да бара одводнување на мочуришта за изградба на голема метропола, додека прифаќањето на келтската култура поттикнува градење во хармонија со природата. Благодарение на ваквата механика, се развива идејата каде и споредни региони може да прераснат во целосно развиени, алтернативни почетни сценарија.

Еволуција на механиките за игра

Anno 117 воведува неколку нови системи со цел да ја продлабочи стратешката димензија и да ја подобри пристапноста. Во најновата игра, по првпат, ќе можете да ја преземете улогата на конкретен лик, избирајќи помеѓу братот и сестрата Маркус и Марција. Самата кампањата е дизајнирана постепено да ве воведува во комплексните механики, пред да се, полека, но сигурно, претопи во бесконечен sandbox режим.

Независно од тоа со кого ќе играте, на располгање ги имате таканареченото дрво на откритија. Се работи за систем за истражување каде се трошат поени на знаење. Овие поени ви помагаат да отклучувате нови технологии и објекти. Религијата исто така игра улога, каде што изборот на божество нуди различни бонуси. Значајна промена е воведувањето на таканаречени изборни потреби. Имено, ваквите потреби овозможуваат за населението поголема флексибилност и пооргански развој на градовите, нешто што ригидниот систем од претходните игри не го дозволуваше.

Како што напоменавме претходно, копнените битки исто така се враќаат и истите се длабоко интегрирани во економијата. Па така, ќе можете да градите касарни, да тренирате единици и да ги контролирате во реално време. Одржувањето на армијата бара постојани трошоци поврзани со ресурси и работна сила, принудувајќи ве да правите внимателни компромиси помеѓу воената моќ и економскиот развој. Постои и синергија помеѓу копнените и поморските сили, каде што бродовите се клучни за транспорт и поддршка.

Убавината е во деталите

Играта цели да постави висок визуелен стандард во жанрот, со поддршка за 4K резолуција, ray-tracing и детален циклус на ден и ноќ. Уметничкиот стил е фокусиран на создавање огрански град со детално зумирање за да се максимално набљудуваат секојдневните животи на граѓаните. Архитектурата и изгледот на провинциите се визуелно различни, и се вистински празник за очи за сите историчари, дозволувајќи ви да се давите во класичните римски градби или дрвените келтски населби.

Сево ова е вкоренето во еден прекрасно изработен и преубав свет кој ќе ги плени сетилата со детални текстури, веродостојни анимации и соодветни звуци. За пофалба е и музичката подлога која одлично го доловува историскиот период. Особено ни се допадна тоа што зградите се дизајнирани да се приспособуваат на теренот, како што е примерот со магацините кои ја менуваат својата структура кога се поставени на карпи.

Anno 117: Pax Romana се обликува да биде уште еден солиден наслов во реномираната франшиза, нудејќи амбициозни и трансформативни делови кои нема да ги остават фановите рамнодушни. За ветераните на серијалот, Anno 117 е директна еволуција на комплексноста и длабочината што ја засакаа во Anno 1800. Комплексната економска симулација и понатаму игра клучна улога, само со збогатени, проширени и усовршени можности.

Anno 117: Pax Romana се чини дека е подготвен да биде значаен наслов, не само за Anno серијата, туку и за жанрот на градење градови во целина. Од почетниот избор на провинција и културен пат, до секојдневните одлуки во дипломатијата, религијата и воената стратегија, играта ве овластува да ја дефинирате вашата патека и наследство како римски гувернер. Посветеноста на модуларна, проширлива основа сугерира светла и одржлива иднина со добро интегрирани содржини. Ако Ubisoft Mainz успее да го исполни ова огромно ветување, Anno 117: Pax Romana има потенцијал да биде дефинитивното искуство за градење на империја.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ubisoft Mainz
  • Издава: Ubisoft
  • Жанр: стратегија
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Ќе излезе на: 13 ноември 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk