Запознајте го Jimbo, македонската апликација за фитнес дисциплина

во ИТ.МК

Ако вежбате и сте редовни посетители во теретани или фитнес центри, веројатно сте запознаени со куп апликации кои може да ги користите за да го следите својот напредок. Секако, не сите апликации се еднакви, некои се подобри, некои се полоши, но речиси сите имаат некаква дополнителна функционалност скриена зад претплата. Уште пофрустрирачки е ако апликацијата зад „paywall“ ги крие податоците на корисникот. Токму ова и љубопитноста беа инспирацијата на Андреј Ацевски да каже „стоп“ и да креира сопствена апликација, Jimbo.

„Почнав да одам во теретана и користев една од популарните апликации… Ме фрустрираше тоа што мојот сопствен податок е зад paywall. Истовремено, долго време сакав да пробам да направам PWA која ќе изгледа и ќе се чувствува како нативна мобилна апликација,“ објаснува Андреј.

Андреј е млад и амбициозен софтверски инженер кој е креатор на платформата за проектен менаџмент Kaneo. Иако започнал со средно медицинско образование желбата да создава решенија кои ќе го направат животот на другите полесен, го пренасочи кон програмирањето. Неговиот нов проект Jimbo ќе може да го користат и луѓе кои не се дел од ИТ заедницата.  Со Андреј разговаравме како еден твит и желбата за подобра контрола врз податоците доведоа до создавање на апликација која изгледа нативно, но всушност „живее“ во вашиот прелистувач.

Андреј Ацевски

Борба против „Paywalls“

Инспирацијата за Jimbo дошла од наједноставното место: потреба за следење на напредокот, малку инает кон модерните софтверски бизнис модели и љубопитноста да се работи на нови технологии. Така се родил Jimbo, едноставна апликација за следење на вежбите со јасен пристап: „податоците се на твојот уред“.

„Повеќето апликации ги чуваат твоите тренинзи на нивни сервери и потоа ти наплатуваат за пристап до твојата сопствена историја. Jimbo е спротивното: нема кориснички акаунти, нема cloud sync, нема претплата. Податоците се чуваат локално на уредот со IndexedDB, директно во прелистувачот. Исто така, многу апликации за тренинг се преоптоварени со функции како социјални мрежи, gamification и реклами. Јас сакав нешто минималистичко: запиши го тренингот, погледни ја историјата, следи го прогресот. Ништо повеќе.“

Речиси сите модерни фитнес апликации доаѓаат со некаква гејмификација. Без разлика дали мотивирањето треба да дојде преку споделувања и рангирања тоа е присутна функционалност. Андреј со Jimbo оди во спротивната насока. Апликацијата е наменета за оние кои сакаат фокус, но сметаат и дека вежбањето е лична работа.

„Jimbo е замислен како алатка за лична дисциплина. Верувам дека тренингот е прво лична работа, ти против себе, не против другите. Апликацијата треба да ти помогне да бидеш конзистентен и да го следиш прогресот, без да те разбива со notifications, leaderboards или социјален притисок.“

Голема предност на Jimbo е во тоа што не ги „заробува“ корисниците во својот облак. Наместо тоа, со користење на IndexedDB податоците „живеат“ директно во прелистувачот на корисникот. Апликацијата нуди целосна слобода и приватност, а сите податоци се кај корисникот.

„Главниот проблем беше контрола на податоците. Повеќето апликации ги чуваат твоите тренинзи на нивни сервери и потоа ти наплатуваат за пристап до твојата сопствена историја.“

Андреј е и прв корисник на апликацијата, и според неговото искуство, апликацијата му помага токму како што е замислена.

Jimbo ми помогна да бидам поконзистентен. Кога го следиш секој тренинг и го гледаш streak-от, тоа те мотивира да не прескокнеш ден. Функциите за темплејти ми заштедуваат време бидејќи имам готови рутини за секој ден и само ги следам. Тајмерот за одмор помеѓу серии е изненадувачки корисен. Пред тоа губев премногу време меѓу вежбите. А тоа што можам да погледнам колку килограми сум кревал пред 6 месеци без некој да ми бара пари за тоа е неверојатно задоволително.

Ако сакате да се натпреварувате самите со себе ова е сѐ што ќе ви биде потребно. Ако сепак конкуренцијата повеќе ве мотивира, Андреј можеби ќе додаде ваква функционалност во иднина, иако засега нема вакви планови.  Сепак и во овој  случај таа ќе биде незадолжителна и ненаметлива. „Jimbo ќе остане прво алатка за фокус“, вели Андреј.

Иако има големи планови за надградби како автоматско следење на лични рекорди и календарски прикази, Андреј останува верен на минимализмот.

Планирам да го проширам каталогот на вежби со повеќе видеа и слики за секоја вежба, за да можеш да видиш точно како се извршува. Тоа е особено корисно за почетници кои допрва учат.

Покрај тоа, сакам да додадам автоматско следење на лични рекорди. Апликацијата да препознае кога си кренал најголема тежина или направил најмногу повторувања за одредена вежба и да ти го покаже тоа. Исто така, размислувам за календарски приказ на тренинзите, месечен преглед каде на прв поглед гледаш кои денови си тренирал, кои си одморал и каде имаш празнини.

Една функција која би сакал да ја направам е неделен recap како слика, кратко резиме на неделата што можеш да го споделиш на социјални мрежи или да го зачуваш за себе.

Но секогаш ќе се држам до основниот принцип: секоја нова функција мора да го прави тренингот полесен, не апликацијата покомплицирана.

Пробајте го Jimbo

Апликацијата е достапна на jimbo.andrej.sh. Можете да ја додадете на вашиот почетен екран и да уживате во мазното искуство и дискретните вибрации (haptics) кои придонесуваат Jimbo да дава чувство на премиум мобилна апликација.

Во време во кое кај фитнес апликациите постои презаситеност, Jimbo е потсетник дека најдобрите алатки се сепак оние кои ни помагаат да се фокусираме на себе, а не на екранот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk