This House Does Not Exist („Оваа куќа не постои“) е супер алатка креирана од @levelsio која уште еднаш ни ги покажува можностите на вештачката интелигенција. Платформата како неколку слични кои сме ги виделе досега, генерира слики преку нивните описи. За разлика од претходните алатки како на пример Dall-E, This House Does Not Exist е многу понасочен на генерирање на слики од ентериер и екстериер.

Начинот на кој се користи алатката е супер едноставен. Во горниот десен агол над сликите на This House Does Not Exist има копче кое генерира слика. Освен ова, единствена друга интеракција која му е овозможена на корисникот, е да гласа за сликите кои му се допаѓаат.

Алатката како што вели самиот девелопер е 500 реда код кои главно содржат IF() и array_rands(). Системот автономно генерира различни описи кои потоа се праќаат до Stable Diffusion преку CLI, а и описите на сликите автоматски се генерираат од вештачка интелигенција.
Алатката секоја минута (како дел од cron) генерира архитектура и ентериер. Во еден од твитовите @levelsio објави дел од кодот кој со кој се генерираат сликите.
Ова е само дел од можностите на вештачката интелигенција која може да се користи во архитектурата. Алатки како PicTo3D овозможуваат креирање на 3Д модели од слики. PicTo3D со помош на алгоритми и вештачка интелигенција креира 30-битна „depth“-мапа. Според бојата на пикселите алгоритамот проценува каде се наоѓа точката во просторот и креира 3Д објект. Овие објекти потоа може да се користат и уредуваат во софтвер за 3Д моделирање.

Алатките базирани на вештачка интелигенција им овозможуваат на повеќе корисници да влезат во различни креативни индустрии. Помагаат во креативниот дел, и во целиот процес на изработка, за кои се потребни часови. Наместо ова, процесот во целост се автоматизира и овозможува побрзо завршување на овие работи. Од друга страна дел од професионалците стравуваат дека ќе бидат заменети од вештачката интелигенција за овие задачи. Секако тука е и прашањето на злоупотреба на делата на професионалците во процесот на тренирање на вештачката интелигенција.















